Според податоците, Република Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа. И додека таа е во опаѓање во другите земји од Западен Балкан – овде отскоро е зголемена. Тоа не мора да биде така.
„На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец – повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче.
Денеска во Њујорк и во целиот свет, УНИЦЕФ ја започнува кампањата „За секое дете, ЖИВОТ“, свесен напор што произлегува од заложбата на владите смртноста на новороденчињата да стане минато. Во неа владите, здравствените институции, донаторите, приватниот сектор, семејствата и фирмитесе повикуваат да го одржат секое дете во живот, насекаде.
Во нашиов контекст, тоа значи обезбедување соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја – особено за руралните жени, кои честопати се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации.
Во земјава има одлични здравствени работници – но, лекарите и медицинските сестри се добри само колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат.
Во изминативе неколку години, акцентот беше врз реновирање и опремување, но како и со училиштата или полицијата-она што навистина е важно е човечкиот капитал и системите кои му помагаат да се развива и да им служи на граѓаните најдобро што може нудејќи им грижа што ја заслужуваат. Потребен ни е систем во кој квалитетот и темелноста ќе се наградуваат, а негрижата ќе се повикува на одговорност.
Конечно, треба да се осврнеме и на другите критични фактори кои водат до компликации во текот на бременоста. Во земјава, речиси секоја четврта жена пуши за време на бременоста. Ова го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување.
Идните мајки треба да бидат подобро информирани за знаците и симптомите на опасност и за ризиците при трудовите и породувањето. А најдобар начин ова да се направи е преку јакнење на мајките и семејствата да бараат и да добијат квалитетна здравствена заштита.
Ја поздравуваме неодамнешната определба на Министерството за здравство да изработи Акционен план за секое новороденче, со цел да се решат овие недостатоци. Заедно со нашите сестрински агенции Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА), УНИЦЕФ ќе ги поддржи владата и народот во исполнување на вроденото право на секое дете на живот. На крајот на краиштата, ова е важно за сите нас, бидејќи придобивките од соодветната грижа во првата фаза од животот се трајни и претставуваат главна детерминанта за благосостојбата во животниот циклус на детето и за долгорочниот економски развој на земјата“, вели претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, господин Бенџамин Перкс.
Перкс.