За да не се случи она што се случува кај нас заради свадбите, забавите и масовното непочитување на здравствените препораки, мерките кои се задолжителни во Хрватска за оние кои планираат свадба, иако напорни и речиси деморализирачки за младенците, сепак се разбирливи.
Сведоци сме дека кај нас масовните свадби и непочитувањето на здравствените препораки и мерки доведоа до масовно ширење на Делта-сојот, кој ги наполни болниците, бројките на заразени надминаа 1000, а расте и бројот на починати, кој со денови е двоцифрен. Оттука, иако звучи пренапорно, па дури и по малку смешно, она што се презема во Хрватска во врска со одржувањето на свадбите, изгледа разбирливо.
Марко, 32-годишен загрепчанец, и неговата партнерка, веќе неколку пати ги менуваат своите планови за свадба. Иако ергенската и моминската забава се направени уште пред почетокот на короната, а нивното дете веќе наполнило една година, тие ќе се венчаат дури следниот викенд, со тоа што, треба да завршат уште неколку работи.
Имено, свадбената церемонија ќе биде на отворено, па дозволено е присуство на повеќе од 30 лица, но тие претходно треба да бидат сигурни дека сите гости што ќе бидат присутни на свадбената церемонија имаат сертификат за примена вакцина против ковид. Оние кои немаат, ќе треба да направат брзи тестови, а тоа може да се направи еден ден пред свадбата или на денот на свадбата, непосредно пред почетокот на свадбената церемонија, но под контрола на доктор.
Така, освен фотограф, сега младенците треба да си обезбедат и присуство на доктор кој ќе го прави тестирањето и ќе ги чита резултатите од истото.
Лицата кои не треба да се тестираат се оние кои прележале ковид, доколку има максимум 180 дена од денот на болеста, потоа, лица кои примиле втора доза вакцина против ковид-19 пред повеќе од 14 дена, ако се оздравени од ковид и вакцинирани со единечна доза вакцина, како и децата на возраст под 12 години.
Земањето примероци и тестирање се врши со претходна најава и договор исклучиво од организаторите на венчавката (ресторани, менаџери на сали, хотели, итн.), а организаторот на венчавката е должен 2-3 дена пред свадбата да испрати список со гости на свадбената церемонија, вклучувајќи персонал, музика и сите учесници на е-пошта: [email protected].
Навистина многу обврски за младенците, заради кои многу од нив решаваат да ја прескокнат свадбената церемонија иако ја планирале претходно со месеци, но со оглед на македонското искуство, нужно зло.
Фото: Unsplash