Родителството се учи, а сега добивме и прирачник за оваа намена

„Меѓаши“ го промовираше прирачникот „Позитивно родителство“ кој треба да биде еден вид поддршка на сите родители, за да можат кратко и јасно да видат до каде се и како треба да постапуваат.

0
109
Прирачникот за родители и старатели „Позитивно родителство“ е промовиран денеска од страна на Детската амбасада Меѓаши.
Прирачникот е финансиран од програмата „Save the Children“, а целта е зголемување на свесноста за важноста на одговорното родителство во насока на најдобриот интерес на децата.
Достапен е на македонски, на албански и на ромски јазик.

„Во прирачникот ги акцентиравме клучните аспекти на тоа што значи позитивно и одговорно родителство. На почеток се зборува за дисциплината како еден од аспектите на родителството и се нагласуваат две клучни работи, дека дисциплината е учење, а не казнување, и дека физичкото казнување по ниеден критериум не може да биде оправдано зашто има негативни последици по оптималниот раст и развој на детето.

На детето треба да му се објасни уште од најрана возраст што значи самоконтрола, дисциплина и емпатија. Не е доволно родителот да биде присутен физички. Ако нема квалитетна интеракција, развојот нема да тече позитивно. Родителството не е нешто со што се раѓаме, туку е вештина која се учи. Основата секогаш се поставува во семејството“, рече Ана Фрицханд, професорка и една од авторките на прирачникот.

Таа нагласи дека развојот на детето почнува во семејството, и дека родителите се клучните модели за идентификација, нивното однесувањето го насочува развојот и однесувањето на детето.

„Овој прирачник за мене лично и за нас како организација е изработен по барање на родителите. Сметам дека прирачникот ќе им биде еден вид поддршка на сите родители, за да можат кратко и јасно да видат до каде се и како треба да постапуваат. Ги поттикнувам родителите првенствено да се грижат за себе, бидејќи на тој начин го учиме и детето како да се грижи за себе, како да се социјализира, како да биде добар граѓанин, како да може полесно да се справи со предизвиците што ги има.

Јасноста и прецизноста на овој прирачник може да им бидат достапни, да прочитаат, да видат до каде се, да се обратат доколку имаат некој проблем.

Сметам дека родителите во нашата држава се отворени, бараат помош и самите го бараа овој прирачник“, додаде психологот Јана Зенговска.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]