Родителските стилови имаат мало или никакво влијание врз личноста на детето

Со големата нова студија е утврдено и дека промените во родителските методи не доведуваат до промена на личноста на детето, т.е. дека врската помеѓу овие две варијабили е многу слаба.

0
123
Фото: Freepik

Студијата објавена овој ноември во списанието Collabra: Psychology ја истражува врската помеѓу различните аспекти на родителството (вклученост во образованието, рутини, културни поттици и родителски цели) и развојот на личноста кај децата.

Многу теории, како што се теоријата на социјално учење (Bandura & Walters, 1963), теоријата на афективната приврзаност (Bowlby, 1969) и принципот на физиолошки ресурси (Pomerantz & Thompson, 2008), се засноваат на претпоставката дека родителството влијае врз развој на личноста на детето. Целта на оваа студија беше да се утврди колку навистина е силна оваа врска.

Во оваа лонгитудинална студија, научниците вклучиле голем примерок од 3.880 деца од 99 германски училишта кои биле следени во постарите одделенија од основното училиште. Секој ученик ја поминал проценката за таканаречените Пет големи особини на личноста (екстравертност, отвореност кон искуства, соработка, невротичност и совесност).

Во исто време, родителите дале информации за нивните методи на воспитување – степенот на вклученост во образованието на детето, наметнување рутини за исполнување на обврските од страна на детето, културни поттици како што се носење на детето во музеи и концерти и нивните родителски цели (ред и дисциплина, интелектуална љубопитност, искреност и помагање на другите итн).

Она што научниците го откриле е дека постои многу слаба врска помеѓу стиловите на воспитување и карактеристиките на личноста на децата. Исто така, утврдено е дека промените во родителските методи не доведуваат до промена на личноста на детето, т.е. дека врската помеѓу овие две варијабили е многу слаба.

Тоа не значи дека родителите воопшто немаат влијание врз личноста на своето дете, објаснуваат авторите на студијата, туку дека детето се развива под влијание на голем број фактори, од кои родителството е само мал дел од сложувалката. Податоците од оваа студија покажуваат дека редоследот на раѓање на децата и социо-економскиот статус на семејството имаат исто влијание врз развојот на личноста на детето како и родителскиот ангажман.

[better-ads type='banner' banner='999' ]