Веганската компанија Impossible Foods објавила извештај за растечката популарност на веганската исхрана помеѓу младите. За целите на истражувањето ја ангажирале независната компанија која ги проучувала прехранбените навики на илјадници Американци.
Така дошле до податоци дека помладите генерации главно се вртат кон веганска исхрана поради здравствени, етички и еколошки причини. Почесто од постарите луѓе како една од причините ја наведуваат околината.
Како што милениумците, луѓе на возраст од 22 до 37 години, стануваат родители, веганското движење незапирливо расте.
„Изборот на родителите милениумци влијае на нивните деца. Затоа сѐ повеќе деца развиваат вкус за исхрана која се темели на билки“, стои во извештајот на компанијата Impossible Foods кој го пренесува порталот Live Kindly.
72 отсто од родителите милениумци ја следат безмесната исхрана и почесто ги учат децата за околината и за одржливата исхрана.
Списанието Food&Wine навело дека исхраната која се темели на билки не е минлив тренд. До тој заклучок дошле откако истражувањето спроведено минатата година во Велика Британија открило дека еден од 12 родители ги одгледува децата како вегани.
„Американците ја менуваат исхраната и своите ставови за да јадат поздрава и одржлива храна. Со оглед на силните преференции помеѓу младите потрошувачи, уверени сме дека категоријата храна врз база на билки е спремна за неизбежен, долгорочен раст“, заклучиле.
Фото: Инстаграм