Дваесетишестгодишната Вирџинија Адијамбо се породила во 31-та недела од бременоста во болницата Nairobi South Hospital во Кенија. Родила четири момчиња, Мика, Џак, Теди и Малик. Поради компликации, таа била пренесена на Одделот за интензивна нега, а бебињата биле сместени во инкубатори.
„Имав најдобра можна бременост. Без никакви компликации. Се чинеше дека сè одеше добро, сè додека не ми пукна водењакот“, рекла таа.
Ден по породувањето сè се искомплицирало.
„Ми отекоа нозете и стомакот и добив сериозна инфекција на која не делуваа лековите“, се присетува таа, додавајќи дека добила трансфузија на крв, но не реагирала добро.
За жал, нејзиното закрепнување траело цели пет недели и ѝ била врачена болничка сметка од скоро 25.000 фунти. По разговорите со управата на болницата, на Вирџинија и на нејзиниот партнер Чарлс Киал Ндоние им било дозволено да си земат дома две бебиња, а преостанатите две им кажале дека ќе можат да си ги земат кога ќе успеат да соберат доволно пари за да ги отплатат долговите кон болницата, известува Daily Star.
„Мика и Теди се дома, но Џак и Малик се уште во болница. Ако успееме да собереме доволно пари, ќе ги земеме оваа недела. Но, колку подолго ќе останат таму, сметката ќе биде поголема”, рекла таа.
Претходните години парот се обидувал да добие бебе, но тоа било стресно патување. Вирџинија имала цисти на јајниците и нивната желба се исполнила дури минатата година кога открила дека очекува четири бебиња.
Фото: Daily Star (URL)