Развој на грубата моторика кај деца до шестгодишна возраст

Децата најдобро учат низ игра, затоа е важно да се изведуваат најразлични игри кои стимулираат некој сегмент од развојот на детето. На тој начин на детето ќе му биде забавно, но и ќе се поттикнува неговиот развој.

0
802

Грубата моторика го опфаќа движењето со целото тело. Кај децата најпрво се јавува лазењето, потоа почнуваат да одат, а потоа почнуваат да скокаат.

Грубата моторика е основа за развој на фината моторика, таа е условена со развој на мозокот и мускулатурата. Дете кое има добро развиена груба моторика ќе може полесно да ги совлада активностите кои ја вклучуваат фината моторика како што се врзувањето на врвки, пишувањето и други активности во кои се вклучени прстите.

Грубата моторика кај децата се развива со самите секојдневни активности, но може и да се стимулира со разни игри во кои се вклучени разни движења.

Моторичкиот развој на детето е од голема важност бидејќи е основа за развој на интелектуалните и емоционалните способности. Треба да се посвети внимание на активностите кои детето ги има секојдневно, а ја подобруваат моториката, особено во првите три години од животот.

Игрите за стимулација на моториката кај децата треба да ја вклучуваат и десната и левата страна на телото, горните и долните екстремитети.

Детето ја развива и доминантната страна, но добро е да се вклучува и стимулира и онаа страна која не е доминантна.

Еве и неколку предлог игри за развој на грубата моторика кај децата:

1. Скокање од една точка до друга, колку што може повеќе. Доколку детето може да скока без проблем, тогаш му се поставуваат и препреки кои ќе треба да ги прескокнува. Оваа игра може да се изведува и дома и надвор, и треба да се напомене дека не е важна брзината со која детето ќе стигне од едната точка до другата, туку начинот на кој скока, а треба да биде правилен.

2. Фрлање на топка во воздух која потоа треба детето да ја фати со рацете без да му падне. Откако детето ќе го совлада тоа може да се направи играта потешка такашто детето додека се движи низ просторот треба да ја фрла и да ја фаќа топката.

3. Вртењето на хулахоп е забавно, но и придонесува за развој на моториката, рамнотежата и координацијата.

4. Прескокнување на хулахоп такашто тој се става на подот и детето треба со една нога да скокне внатре во хулахопот, па надвор од него. Потоа истото се прави и со другата нога.

5. Скокање и стоење на една нога е исто така добра активност за развој на грубата моторика. На детето му се дава задача да скокне на едната нога и да стои 5 секунди (додека стои на една нога можете да броите до 5), па потоа истото се повторува со другата нога, и така наизменично. Овде е важно детето да не скока брзо, туку полека и контролирано. Потоа може да стои на една нога што подолго може.

Децата најдобро учат низ игра, затоа е важно да се изведуваат најразлични игри кои стимулираат некој сегмент од развојот на детето. На тој начин на детето ќе му биде забавно, но и ќе се поттикнува неговиот развој.

Елена Трајческа дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]