Развивање на социјалните вештини кај децата: Контакт со очи, пантомима, имитирање…

За да се стимулираат социјалните вештини кај детето, може да се изведуваат разни активности. На пример, преку контакт со очи. Добар континуиран контакт со очи му покажува на другиот дека нашето внимание е насочено кон него и кон она што тој го прави.

0
270
Под социјални вештини подразбираме правила, начини и способности за комуникација и интеракција со другите луѓе кои не опкружуваат. Социјалните вештини се учат со самиот тек на развојот кај децата, такашто детето по пат на искуства воочува и усвојува разни начини на комуникација и интеракција со кои се среќава во своето опкружување. Со текот на времето како што се развива детето, се развива и одреден начин на однесување и вештини како би требало да се реагира во разни ситуации во животот. Развојот на социјалните вештини има природен тек, но доколку детето во раното детство не стекне или не може самостојно да стекне доволно искуства за да усвои разни социјални вештини, без разлика која е причината за тоа, потребно е тој аспект да се стимулира.
За да се стимулираат социјалните вештини кај детето може да се изведуваат разни активности. Најпрво контакт со очи, добар континуиран контакт со очи му покажува на другиот дека нашето внимание е насочено кон него и кон она што тој го прави.
Ова може да се вежба преку разни игри како што се:
Натпреварувањето ‘кој подолго може да гледа во очи и да не го тргне погледот’ е посебно интересно за децата кои сакаат да се натпреваруваат.
Привлекувањето на вниманието на детето со тоа што на челото се лепат стикери со очи и притоа се поттикнува детето да погледне во тие очи. Ова не е вистинско гледање во очи но е добар начин да му се привлече вниманието на детето да гледа во тој правец.
Потоа имаме и препознавање на емоции, оваа вештина е важна во секоја ситуација, дома, во училиште, кога детето се дружи со други деца. Бидејќи некои деца не можат да разликуваат емоции доаѓа до неразбирање на другите. Децата може да бидат збунети кога набљудуваат одреден израз на емоции, па така можат изразот на нервоза да го сфатат како израз на нешто смешно, и тогаш настануваат проблеми во социјалната интеграција.
Препознавањето на емоциите може да се вежба со детето преку разнни активности како што се:
Пантомима, каде се погодуваат емоции. Може да се запишат или нацртаат разни емоции на мали листови хартија, па наизменично со детето да се влече од тие ливчиња и да се глумат тие емоции. Или пак може и да се нацрта одредена ситуација па детето да погодува која емоција следува на таа ситуација.
Игра со меморија каде детето треба да го пронајде парот на разни изрази на лица.
Игра со имитација, односно направи исто како мене, каде ќе го наведеме детето да се насочи кон изразите на лицето. На пример, може да си го допреме носот, да го исплазиме јазикот, да се насмееме или да се намуртиме, итн. После секој израз на лицето треба да опишеме што сме направиле, па детето да го повтори истото. Децата кои имаат проблеми со социјализацијата тешко ги повторуваат и не можат да ги разберат изразите на лицето.
Ако овие активности се изведуваат со деца кои се поголеми и знаат да читаат, тогаш можеме и со зборови да им напишеме на секое ливче до сликата за која емоција или ситуација станува збор па воедно со нив ќе се вежба и читањето.
Елена Трајческа дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје.
Фото: Pixabay
[better-ads type='banner' banner='999' ]