Доживувањето на телесната шема е комплексен процес, кој започнува уште во пренаталниот период.
По раѓањето, детето преку своите сетилни органи, почнува да прима надворешни дразби, а потоа и реагира на истите. На тој начин кај детето се поттикнува развојот на неговите моторни способности. На пример, преку видот, тоа може да ја види омилената играчка, а со тоа на мозокот му се дава наредба дека е потребно да се придвижи раката за да ја земе играчката. На тој начин детето го координира визуелниот стимул, со моторното планирање.
Со текот на времето, детето сознава дека раката му служи да дофати нешто, дека со нозете се движи, дека движењата кои ги прави се координирани и така се адаптира на средината преку движења, сензорно- моторните искуства, играта, социјалната интеракција, емоционалната реакција, исто создава слика за себе, за своето тело, за постоењето на неговото тело во просторот, за односите во тој простор, развива и латерализација. Ова е важен дел од развојот на телесната шема, затоа што преку неа се развива способноста кај детето успешно да се снаоѓа и да се движи во средината. Некои деца почнуваат да создаваат слика за себе, после првата година од животот, но оваа способност се подобрува после втората година.
Најпрво, детето на возраст од околу 15-18 месеци може да се препознае на огледало. Веќе на двегодишна возраст детето е способно да покаже 11 делови на своето тело. Прво детето ги осознава деловите од телото кои може да ги види или му служат за нешто. Такви се, око, уста, нос, уво, коса, врат, рака, нога, заби.
На тригодишна возраст, детето запознава повеќе делови на себе, но почнува да се јавува и идентификацијата по пол. Разликува момче од девојче и наоѓа разлики помеѓу двата пола.
Како што созреваат моторичките движења на детето веќе на четиригодишна возраст започнува да го осознава своето тело во просторот, а потоа и да ги воочува односите во просторот.
На петгодишна возраст, детето може да каже каде се наоѓа неговото срце и разликува голем број на надворешни делови од неговото тело, и знае која е нивната функција. Станува свесно и за своите внатрешни делови, а оваа свесност се усовршува кога кај детето ќе започнат да се развиваат логичките способности, на возраст помеѓу 6 и 11 години.
Веќе на 12-годишна возраст детето има целосна претстава за своето тело, ги познава сите делови на телото, лесно се движи и се снаоѓа во просторот, има развиено доминантна страна на телото, има добра латерализација на себесе и на другите, ја познава функцијата на секој од наворешните делови, како и на внатрешните делови на телото.
Можеме да процениме дали детето има проблеми во себепознавањето доколку тоа:
Не познава и не покажува ниту еден дел од телото, за дете кое има повеќе од една и пол годнина.
Не се врти на неговото име, за дете над двегодишна возраст.
Има недоволно развиена фина и крупна моторика, за дете над две и полгодишна возраст.
Не може да разликува момче од девојче, за дете над тригодишна возраст.
Ако неговото движење е некоординирано, ако оди трапаво, бавно или брзо, рацете не ги следат движењата на нозете, за дете над тригодишна возраст.
Ако детето не сака да се движи, не сака да игра со други деца и движењата му се ограничени, за деца над тригодишна возраст.
Ако на детето често му паѓаат предметите од рацете, за дете над четиригодишна возраст.
Ако не знае која е функцијата на одреден дел од телото, на пример, со очите гледаме, за деца над четиригодишна возраст.
Ако не ги познава предлозите над, под, назад, напред, меѓу, далеку, блиску, горе, долу, за деца над четиригодишна возраст.
Ако не знае која му е лева и страна, не може да покаже десно и лево на другите, за деца над 6 години.
Ако не знае кои се негови внатрешни органи и за што се потребни тие, за деца над осумгодишна возраст.
Причините за слабо развиена претстава за себе може да бидат когнитивните способности кај детето, нарушеното внимание, хиперактивност, хипоактивност, слаба концентрација, слабо развиени логички способности и незрел емоционален развој. Доколку не се процени способноста на детето да создаде слика за себе и не се стимулира, му претстојат некои потешкотии, како што се: слаба перцепција за предметите и појавите во просторот, слаба ориентација во прострот, потешкотии при облекување, јадење, движење, изведување на координирани вежби, потешкотии во академските вештини, проблеми во читањето, пишувањето, сметањето, цртањето, слаба социјализација, намалено секојдневно функционирање, сиромашна игра, итн. Доколку детето има потешкотии во создавањето на слика за себе, тогаш најдобро е да се процени нивото на оваа способност и кои се наредните чекори кои треба да се направат за да се стимулира детето.
Елена Трајческа, дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје
Фото: Pixabey