Почетокот на животот на Алба бил суров. Мајката ја отфрлила кога лекарите ѝ соопштиле дека родила ќерка со Даунов синдром. Тоа било првото во низата одбивања. Во Италија многу семејства сакаат да посвојат деца, но само здрави.
Кога Алба имала само 13 дена, 20 потенцијални посвојувачки семејства не сакале да ја посвојат, сѐ додека не се појавил еден маж кој успеал да го смени и нејзиниот и својот живот.
Лука Трапанезе отсекогаш сакал да биде татко. Сепак, законот во Италија е многу конзервативен и до 2017.година, самците немале можност да посвојуваат. Дури и кога ова станало законски можно, и понатаму не било едноставно затоа што Лука има 41 година и е хомосексуалец.
Откако донел одлука да посвои дете, знаел дека сака да се грижи за некое детенце со здравствен проблем. Додека бил тинејџер, на неговиот најдобар другар му бил дијагностициран рак во терминална фаза и Лука останал со него до самиот крај. Ги видел и ги почувствувал болката, очајот и стравот и знаел дека сака да им го посвети својот живот на оние на кои им е тоа потребно.
Од тогаш волонтирал во локалната црква и им помагал на тешко болните луѓе. Кога се појавила можноста да посвои дете со Даунов синдром, не се двоумел, знаел дека е подготвен и дека ќе се грижи за детето најдобро што може.
Кога телефонот му заѕвонил, му се чинело дека летал до болница. Таму првпат ја сретнал малата принцеза во креветчето и во истиот момент почувствувал посебна врска која можат да ја имаат само родител и дете.
Алба денеска има малку повеќе од две години и насмевката не ѝ се симнува од лицето, баш како и на нејзиниот татко Лука. Со него добила семејство кое ја сака, пријатели, дедо, баба, роднини и безгранична љубов.
Многу светски медиуми ја објавиле неговата приказна, а Лука ја објавил книгата „Родена за мене“, во која го опишува процесот низ кој поминал за да ѝ стане татко на Алба. Во едно интервју кое го дал, рекол дека неговиот случај е посебен затоа што ги „урива стереотипите за татковството, религијата и семејството“.
Фото: Фејсбук