Растеме, се иселуваме од семејниот дом и основаме свое семејство. Во тој процес, нашите родители остануваат сами. Стареењето може да биде тешко. По одредена возраст, вашите родители, кои се грижеле за вас, можат да станат оние на кои им е потребна помош и грижа.
Сосема е разбирливо дека старите лица сакаат да останат во својот дом и да ја задржат својата независност. Но, понекогаш треба да се обрне внимание на предупредувачките знаци кои укажуваат дека нивната безбедност и благосостојба се поради тоа нарушени.
Одеднаш ослабнале
Ако забележите дека вашите родители изгледаат послабо од вообичаеното, тоа може да значи дека не се хранат правилно, што може да биде знак за појава на когнитивни болести. Ако вашите родители се заборавни и забораваат да готват или да јадат, можете да разговарате со нив за некој што ќе им помага дома или да ги замолите да дојдат да живеат со вас или пак во дом за стари и изнемоштени лица.
Ја занемаруваат личната хигиена
За некој што има деменција или Алцхајмерова болест, може да биде тешко да се сети на сите чекори кои се вклучени во личната нега. Можеби им е тешко да разберат зошто треба да се истушираат или како да го направат тоа.
Се губат одејќи на познати места
Вообичаените места како продавница или банка би требало да можат лесно да се запомнат. Ако откриете дека вашите родители не можат да го запомнат патот до нив, јасно е дека нешто не е во ред.
Нивната куќа е претрупана
Претрупаната куќа не е нешто за што треба да се грижите ако вашите родители се неуредни. Но, ако одеднаш престанат да се грижат за чистотата, тоа може да укажува на когнитивен проблем.
Често се уморни
Алцхајмерова болест, деменција и други хронични состојби можат да го нарушат деноноќниот ритам, одржувајќи ги луѓето будни цела ноќ и поспани цел ден. Спиењето е од суштинско значење и за когнитивното и за физичкото функционирање, а недостатокот на сон може да ја влоши состојбата.
Ако чувствувате дека вашите родители не спијат доволно и затоа се уморни, им треба надзор.
Почнуваат да заземаат одбранбен став
Постарите луѓе со когнитивен пад почнуваат да заземаат одбранбен став. Луѓето кои страдаат од деменција можат да станат сомничави кон сите, вклучувајќи ги и членовите на семејството, бидејќи не можат да разликуваат кој сака да им помогне, а кој сака да им наштети.
Како да започнете разговор на оваа тема?
Разговорот со родителите за нивното преместување може да биде тешко. Започнете со тоа што ќе ги прашате родителите како се чувствуваат, кои се нивните цели и дали забележале каква било промена во нивното однесување. Потоа запознајте ги со идејата за барање помош, што ќе им олесни. Луѓето со когнитивни нарушувања често не можат да разберат дека им треба помош, па затоа е важно да бидете трпеливи и истрајни. Важно е да ги едуцирате за тоа низ што поминуваат.
Фото: Unsplash