Кога бев мала не можев да се начудам на старите фотографии што ги чуваше баба ми, а на кои имаше умрени луѓе во отворен ковчег околу кои беше и расплаканата родбина. Незнам зошто толку многу сакав да ги гледам тие фотографии иако истовремено и се плашев од нив. Никогаш не ми било јасно ниту зошто луѓето ги правеле воопшто овие фотографии! Ја прашував баба ми: „Бабо, кој бил овој човек“? А таа ми велеше: „Ова е мојот братучед, млад умре, ова е мајка му, ова е жена му, остави и две мали дечиња“. И почнуваше да плаче.
Подоцна, кога баба ми почина веќе бев прва година средно. Но таа не беше првиот мртовец што го видов ‘во живо’. Претходно, кога бев четврто одделение загина една моја соученичка. Многу од децата со кои учев во основно не ги памтам, ама нејзиното име никогаш не го заборавив. Се викаше Виолета Галабовска. Ја згазил автомобил кога се враќала од училиште. Еден ден нашата учителка (Десанка Мишева) дојде во одделението, ни кажа што се случило и мене и на мојата другарка Сузе ни даде задача да напишеме нешто за Виолета. Требаше да одиме кај нејзините родители, во нејзиниот дом. Сепак, рече, „тоа нека го чита Сузе, ти си плачка!“.
И мене ми олесна.
Никогаш не ја заборавив таа слика на нашата мртва соученичка во ковчегот, облечена во бел невестински фустан. Ситно посивено лиценце во преголем невестински фустан. И до ден денеска не ми е јасно зошто беше облечена така, веројатно по некоја логика дека нема никогаш да биде невеста па барем да ја испратат во бел фустан.
Јас сум жива па никогаш не облеков бел невестински фустан, дури ни кога се мажев, ама ете, во својата болка и тага, тие мислеле дека така треба.
Во секој случај, иако имав девет години, Виолета беше првиот мртовец што го видов, а тоа да не е на старите фотографии на баба ми. На погребот не бевме, но и ова беше доволно трауматично за мене. Со години потоа ми излегуваше пред очи ова девојче за кое не паметам ништо, ама баш ништо друго (не беше меѓу моите најблиски другарки, па не се сеќавам дури ни дали некогаш сме играле заедно ластик), освен нејзината слика во ковчегот, во бел невестински фустан.
Одлуката дали децата треба да присуствуваат на погреб, помен или само да оддадат почит на починат, како што беше случајот со нас, е под влијание на многу фактори, вклучително и културата во која сте пораснале, возраста и емоционалната зрелост на вашето дете, блискоста на врската и, можеби најважно, од желбите на вашето дете. Јас не се сеќавам дека некој во тоа време ги праша нашите родители дали може да одиме кај нашата почината другарка. Ниту пак се сеќавам како реагираа тие на ова. Се сеќавам само на Сузе како го чита говорот и на себе како зјапам во малечкото тело во ковчегот, а во грлото ми стои една голема грутка.
Еве што велат експертите за оваа родителска дилема.
Мали деца
Доенчињата нема да добијат ништо од погребот и може да го одвлечат вниманието на другите луѓе. Најдобро е да го оставите детето дома на оваа возраст. За малку постари деца кои се свесни за смртта на некој близок, треба да се прилагодите на однесувањето на детето, ако воопшто посакате да го земете со себе.
„На децата од предучилишна возраст честопати ќе им биде здодевно и веројатно ќе треба да се повлечете со нив кога ќе им здодее“, вели Лора Маркам, детски психолог и авторка на книгата Peaceful Parent, Happy Kids: How to Stop Yelling and Start Connecting.
Деца од предучилишна возраст
Децата на возраст меѓу три и шест години започнуваат да ја разбираат смртта, но често не ја разбираат нејзината постојаност, често прашувајќи кога некој ќе се врати, дури и ако само неколку минути претходно сте им објасните дека таа личност починала.
За деца на оваа возраст, дури и ако ја гледаат личноста во ковчег, можеби нема да им помогне да ја разберат новата состојба. Не го земајте детето на погреб само за да може да разбере; децата на оваа возраст немаат можност целосно да го разберат концептот на смртта.
„Гледањето на некого во ковчегот може да биде застрашувачко за нив. Децата никогаш не треба да бидат присилени да гледаат отворен ковчег ако се плашат“, предупредува Маркам.
Деца на училишна возраст
До седумгодишна возраст, повеќето деца почнуваат да ја разбираат постојаноста на смртта. Дете на училишна возраст е исто така доволно возрасно за да присуствува на погреб, но само ако тоа посака. Дајте му на вашето дете избор дали сака да оди или не, без притисок, советува Маркам.
Кога ќе ги видат пријателите и семејството на погребот, тоа може да биде извор на утеха кај некои деца. Поминувањето на време во слушање приказни за починатиот исто така може да му помогне на вашето дете. Ако детето остане дома, тоа може да го натера да се чувствува осамен во својата тага и да се навреди поради неможноста да присуствува.
Тинејџери
Тинејџерите се доволно стари за да присуствуваат на погреб, но во некои случаи тие сè уште може да се повлечат или да се двоумат. Еден тинејџер може да се плаши да покаже емоции или да плаче пред другите луѓе, и тој или таа може да се срамат да поминуваат низ процесот на тага пред другите луѓе. Ако мислите дека ова стои зад одбивањето на тинејџерот да присуствува на погребот, а вие би сакале тој да биде таму, објаснете му дека ако тоа му стане премногу емотивно, тој секогаш може да се тргне понастрана. Тинејџерот е доволно возрасен за да разбере дека другите луѓе би можеле да ја критикуваат неговата одлука да не присуствува на погребот на сестра, родител или близок член на семејството, но ваша родителска работа е да му кажете дека ја почитувате неговата одлука и дека го поддржувате.
Помогнете му на вашето дете да донесе одлука
Не е доволно само да го прашате детето дали сака да присуствува на погребот. Треба да му помогнете на да донесе одлука и тоа можете да го направите на неколку начини. Објаснете му точно што ќе се случува. Ако има отворен ковчег, кажете му дека не мора да го гледа починатиот, да го допира, да го бакне или да направи нешто друго.
Кажете му кој ќе биде таму и каде и како ќе се одвива погребот, пишува Mom.com.
Дали сте се соочиле некогаш со оваа дилема? Се сеќавате ли вие на првиот мртовец што сте го виделе во животот? Каков е вашиот став по ова прашање?
Фото: Pixabey