Нашата соработничка Ана Петреска е логопед – дефектолог во здружението „Интеракција – плус“ и негов основач. Таа е и автор на логопедската вежбанка „Чекор по чекор до правилен говор“, која е наменета за подобрување и поттикнување на говорот кај децата.
„Интересот кон медицината кај мене постоел уште од најрана возраст, а логопедијата како своја специјалност ја избрав поради тоа што главната целна група со која што се работи се децата, процесот на помагање во надминување на нивните потешкотии уште во најраниот период од нивниот живот па и подоцна“, вели Петреска.
Во споредба со порано, кога одењето на логопед се сфаќало како нешто незадолжително, односно, дека за да се развие говорот не се потребни дополнителни поттикнувачи, туку дека тоа е процес што спонтано се развива и тече, денеска, вели таа, е сменета перцепцијата и е многу нормално за секоја појава или нејаснотија да се побара помош на било каков начин. „Значењето на логопедот веќе се сфаќа многу поинаку, односно дека логопедот е човек кој треба да го проследи детскиот развој и да помогне кога има потреба за тоа. Ова е всушност во тесна корелација со генерално задоцнетиот развој на говорот кај децата“, вели Петреска.
Според неа, денеска родителите најчесто се обраќаат за логопедски преглед поради непрозборување на нивното дете или пак поради сиромашен фонд на зборови, користење на гестови (покажување со рака), неправилен изговор на одредени гласови, проблем во составување на реченицата (аграматичен говор), пелтечење, проблем со вниманието и концентрацијата, проблем со читање и пишување и слично. „Во логопедската пракса среќаваме неколку состојби кои се присутни кај децата, тоа се (алалија) – отсуство на говор, неправилен изговор на одредени гласови (дислалија), потешкотии во составување на реченица (развојна дисфазија), (пелтечење) или balbuticio, (дислексија и дисграфија), (хиперактивност), говорни нарушувања како последица на одредени первазивни развојни нарушувања и генетски синдроми“, вели Петреска.
Доколку имате некое прашање за логопед-дефектолог Ана Петреска, испратете го на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“.
Фото: Фејсбук