Каква мајка, таква ќерка или каков татко, таков син. Дали е навистина така и ги препознавате ли и вие своите родители во себе, и тоа не само во некои физички карактеристики, туку и во своите постапки.
На пример, јас веќе некое време почнав да забележувам дека сите оние работи кои ме нервираа кај мојата мајка, денеска ги правам и јас. Среде реченица, додека им здодевам на децата зборувајќи за тоа што имаме денеска на ‘менито’, ќе ја препознаам мајка ми во себе и пак се нервирам, ама сега немам кому да му спискам да престане да ми додева затоа што сега сум јас таа здодевната.
И да, храната, и тоа здравата храна беше опсесија на мајка ми, а сега е моја. Додека им солам памет дека не треба да јадат брза, туку домашна храна, и тоа не пржена каква што сака на пример мојот син, туку подготвена во рерна, како од мојата уста да излегуваат зборовите на мајка ми. И се сеќавам дека од инает не го правев тоа што ми го кажуваше таа. Сега си ги сменивме местата. Сега јас настојувам таа да се храни здраво, а таа пак најмногу ужива во пржениот помфрит кој го прави син ми, нејзиниот сакан внук. Таа има Алцхајмер, па веќе воопшто и не личи на себе, ама затоа јас личам на неа, каква што беше порано.
Кога станува збор за генетика, многу пати сме се увериле дека таа знае да направи навистина интересни комбинации на хромозоими. Истражувањето на универзитетот Стендфорд покажува како доаѓа до наследување на бојата на очите, но и на другите црти и карактеристики.
Освен во неколку посебни случаи, не е посебно предодредено кој родител што ви дава, односно, што од кого наследувате. Ако станува збор за доминантни гени, тие ќе бидат доминантни без оглед дали доаѓаат од таткото или од мајката. Ако вашиот татко има доминантен ген за бојата на очите, ќе ја наследите истата боја од него. Меѓутоа, ако станува збор за рецесивен ген, децата можат да имаат боја на очи која нивните родители ја немаат и да дадат потполно нов ген. Тоа објаснува зошто некогаш се случува личности кои на пример, немаат црвена боја на коса или кафена боја на очите, да добијат дете со кафени очи и со црвена коса.
Како што гледате генетиката е комплицирана. Единствена работа што ја знаеме е дека сме секогаш послични на едниот родител, што повторно зависи од комбинацијата на гените што ја добиваме преку родителите. Ќе се обидеме едноставно да прикажеме како функционира генетиката, а потоа да дадеме примери кадешто е видливо што добиваме од кој родител.
Да земеме за пример, дете на мајка со кафени очи и на татко со сини очи. Со оглед на тоа што се кафените очи доминантни, мајката може да има гени за кафени очи или еден ген за една, друг ген за друга боја на очи. За да го олесниме сфаќањето ќе кажеме дека ќе ги има двата гени за кафена боја. Со оглед на тоа што таткото има сини очи, тој има две копии од рецесивни гени за сини очи.
Секој родител ќе пренесе една копија на генот на своето дете. Во овој случај, мајката ќе го пренесе доминантниот ген, а таткото рецесивниот. Тоа значи дека детето ќе ја има бојата на очите на мајката. Токму затоа што таа ги имала доминантните гени. Ист е случајот и ако таткото има доминантен пар на гени, затоа што детето тогаш повторно го добива оној генетски пар кој е подоминантен, што автоматски значи дека ќе ја наследи бојата на очи од родителот што го има.
Истражувањето на универзитетот Стендфорд исто така потврдува дека момчињата од мајките наследуваат само еден икс хромозом, кој е богат со гени што влијаат на физичкиот изглед. Татковиот икс хромозом е осиромашен со такви со такви гени па затоа момчињата можат да личат на мајките, а девојчињата не мораат нужно да личат на таткото, затоа што добиваат по еден икс хромозом од обајцата родители.
Големите уши, според ова истражување обично доаѓаат во наследство од таткото, додека косата и нејзиниот квалитет, од мајката. Ако сте маж, погледнете си го вујкото и ќе ви биде јасно како вашата коса ќе изгледа во подоцнежните години. Значи, постојат различни споеви на хромозоми кои на крајот како производ ќе го дадат вашето дете токму онакво какво што треба да биде. Единствено, посебно и на себеси својствен начин, поинакво.
Ова сепак повеќе се однесува на физичките карактеристики. Оние за кои зборував јас на почетокот се веројатно резултат од влијанието кое сме го добивале за време на раснењето, а за особините заслужни се и двајцата родители. Затоа, не го обвинувајте таткото ако е вашето дете тврдоглаво. Осврнете се и на себе и анализирајте ги своите особини.
Фото: Pixabey