Застарените родителски стереотипи, шеги за тоа дека татковците се незналици, збунети и неспособни, оние кои само им помагаат на мајките, никако да „изумрат“. На татковците уште се гледа како на оние што ги облекуваат своите деца во несоодветна облека и им послужуваат житарки за вечера, оние кои претежно се толку незрели, што и самите се како деца. И, се разбира, како на оние кои не ги одгледуваат, туку ‘ги чуваат’ своите деца, како нивната грижа да е само замена додека да дојде мама.
За овие клишеа често се зборува со насмевка, како да се работи за безопасни коментари кои треба да се само забавни и смешни, но откако Чарли Капен, писател и основач на страницата HowToBeADad, непозната жена во продавницата „шеговито“ го нарекла „трето дете“ на неговата сопруга, сфатил колку се сериозни и штетни ваквите „шеги“, не само за него како личност, туку и за сите други татковци кои работат многу напорно и се обидуваат да им бидат најдобри родители на своите деца.
Така, тато Чарли реши да напише пост на Фејсбук во кој објаснил сè што сакал да ѝ каже на непознатата жена зошто нејзиниот коментар е неправеден и што е уште поважно, дека е време сите да престанеме со тие сексистички митови за татковците.
Во својата објава, Чарли напишал дека бил во продавница со неговата сопруга и двете деца кога непозната жена дошла до неговата сопруга и на шега ѝ рекла: „Дали знаеше дека имаш три деца“. Тоа се однесувалo на тоа што таткото си играл и се смеел со децата и тоа изгледало како безопасна шега во тоа време. Но, подоцна размислувал за таа шега и сфатил дека тоа е шега која е заснована врз бројни застарени идеи за татковството што ја поткопуваат напорната работа што вклучените татковци ја прават секојдневно.
Она што Чарли го опишува во својата објава е дека тој се обидувал да се забавува со своите деца и во исто време да го преживее шопингот со деца, нешто што повеќето родители сфаќаат дека е голем предизвик. Но, поради коментарите на непознатата жена, Чарли сфатил дека некои луѓе сепак кога ќе видат такво нешто претпоставуваат дека тој е само незрел татко, кој се однесувал детски со своите деца додека неговата сопруга ја вршела „вистинската работа“ обидувајќи се да набави намирници.
„Кога мажите се сметаат за дадилки или за деца наместо за родители, во исто време тоа нè одделува од родителскиот разговор и ги стеснува нашата улога и придонес“, вели Чарли. Ова е особено тешко за многу татковци, бидејќи – можеби повеќе од кога и да било порано – татковците денес навистина сакаат да бидат вклучени и ценети за нивниот родителски придонес на ист начин како и нивните партнерки, нешто што се подразбира за мајките.
„На социјалните мрежи, постојано гледам слики и видеа кои се обидуваат да бидат смешни за тоа како татковците не знаат и не им помагаат на мајките со децата. Повеќето од нас сакаат и се дел од воспитувањето на децата исто како и мајките. Ние не се плашиме да се извалкаме, да работиме низ куќата, да разговараме, да советуваме, да си играме со децата и да ги храниме“.
И покрај јавната објава што ја споделил на Фејсбук, таткото вели дека не е лут или навреден од коментарот, но дека чувствува дека мора да каже нешто за тоа, за себе и за сите други татковци кои се многу повеќе од дадилки или незрели партнери за игра со своите деца. Жената од продавницата веројатно никогаш нема да ја види неговата порака, но Чарли вели дека не му е важно, затоа што преку своите зборови сакал да ги потсети другите татковци дека, тоа што го велат и што го прават и целиот напор што го вложуваат во воспитувањето на нивните деца е она што е навистина важно. И, тој кој се обидува да ги убеди во спротивното или го тврди спротивното, не е во право.
Затоа, следниот пат кога ќе видите како некој татко се однесува „детски“ во продавница со своите деца додека мајката купува намирници, запомнете дека всушност гледате двајца родители како работат тимска работа и веројатно покрај тоа, се обидуваат да ги избегнат јавните испади на нивните деца затоа што сите знаеме што може да се случи кога се оди со деца во продавница.
Фото: Freepik