Откако пет членови на Иницијативата за заедничко родителство после развод, на кои воопшто или многу малку им се дозволува да ги гледаат своите деца и претходно, но особено периодов додека трае кризата со корона вирусот, поднесоа кривични пријави против стручните тимови при Меѓуопштинските центри за социјални работи затоа што не преземале ништо, иако другиот родител не ги почитувал решенијата за уредување на видувањата со нивните деца, побаравме изјава и од нив.
Од ЈУ МЦСР Скопје денеска ни одговорија, но кривичните пријави на родителите не ги коментираа.
„Согласно со Законот за семејството, родителското право го вршат родителите заедно, во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница.
Во услови на пандемија на корона вирусот, родителите имаа обврска да се грижат за заштита на здравјето на децата и да го прилагодат движењето на децата и да ги почитуваат мерките за заштита, согласно препораките на Владата.
Центрите за социјална работа како надлежни органи, за време на здравствената криза од Ковид 19 ги вршат своите надлежности и постапуваат преку стручна и советодавна работа со родителите, обезбедуваат поддршка при договарање на начинот на одржување на односите меѓу родителите и децата, имајќи го во предвид ризикот и условите во секој конкретен случај, а со цел пред се да го заштитат здравјето и интересот на детето.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, апелираше и до родителите за повисока свест и подготвеност за договор за начинот на одржување на контактите на децата со родителот со кого не живеат, а со цел децата да не бидат изложени на опасностите кои со себе ги носи оваа пандемија.
ЈУ Заводот за социјални дејности изготви препораки до центрите за социјална работа, кои во овие услови се насочени во примена на стручна советоднавна работа со родителите во насока на мотивирање, подготвеност за прифаќање на состојбата и постигнување на заеднички договор за начинот на контактирање на детето со родителот со кој не живее, заради обезбедување на најдобриот интерес на детето и заштита на неговата здравствена безбедност.
Стручните лица во центрите за социјална работа вршат проценка на степенот на ризик кој би бил загрозувачки за детето по било кој основ, а притоа се бара најсоодветен начин да се реализира потреба на детето да остварува контакти со другиот родител. Во случај на стручна проценка дека непосреден физички контакт на детето со родителот со кој не живее би можело да го загрози неговото здравје, се предлага примена на други алтернативни, посредни начини на комуникација во договор на родителите како што се телефонски контакти, користење на социјални мрежи (месинџер, вибер, скајп апликација и сл.).
Најголем број на родителите постигнаа меѓусебен договор на кој начин да продолжи контактот и комуникација на детето со другиот родител, почитувајќи ги мерките за заштита. Во случај кога родителите не покажале спремност во справување со состојбата и обезбедување на потребата на детето во неговиот живот, раст и развој да се вклучи другиот родител, покрај советодавна работа, се спроведува постапка за измена на определената динамика на видувањата со родителот со кого дететo не живее заедно“, пишува во одговорот од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје.
Родителите кои ги поднесоа пријавите тврдат дека стручните тимови при Меѓуопштинските центри за социјални работи не преземаат ништо, иако другиот родител не ги почитува решенијата за уредување на видувањата со нивните деца.
Нашиот соговорник Бранко Брковиќ вели дека како причина што не го видел своето дете веќе цели пет месеци, неговата поранешна сопруга ја користи состојбата со корона вирусот. Тој очекува нивната тужба конечно да ги раздвижи институциите, а тој и останатите кои ја делат неговата судбина да можат непречено да контактираат со своите деца пред тие сосема да се оттуѓат од нив.
Фото: Pixabey