Останете дома, ама не самувајте!

„Во оваа состојба на пандемија со коронавирус потребна е физичка изолација и дистанцираност, но и зачувување на социјалната поврзаност и контактирање на безбеден начин. Не смееме да останеме сами со трауматичното доживување“, порачува Каролина Костадиноска, лиценциран клинички психолог гешталт терапевт од Центарот за психолошка помош и психотерапија „Синергија“.

0
1067

Во актуелната состојба на пандемија со коронавирусот кај нас и во светот, Центарот за психолошка помош и психотерапија „Синергија“ и неговиот основач Каролина Костадиноска, лиценциран клинички психолог гешталт терапевт, веќе трета недела по ред со своите пациенти комуницираат онлајн.

„Лично за мене, онлајн терапијата не е ново поле на контакт со клиентот , што значи не ми потребно време за адаптирање на промената , туку веднаш сум на располагање со сите мои професионални ресурси за секој кој се сложува да ја добие помошта во модифицирана форма. Секако, и јас и клиените се сложуваме дека живиот контакт, лице во лице, е незаменлив елемент во средбите помеѓу нас, но oнлајн комуникацијата е одличен супститут кој нам, на психолозите, терапевтите ни овозможува да бидеме тука за нашите клиенти, без разлика какви се препреките и промените во надворешниот свет. Средбите преку монитор во современото доба станаа вообичаена практика за одржување на приватните и професионални релации посебно кога е во прашање просторна дистанцираност.  За жал, сега преку COVID 19 ја откривме другата страна на  интернетот, тој станува најбезбедниот достапен канал за поврзаност со светот во овие критични и вонредни услови на егзистирање“, вели Костадиноска.

На секоја ‘средба’ со нејзините клиенти, е присутна и актуелната тема на пандемија и карантин.

Таа вели дека кај 20- 30 % од вкупниот број на клиенти, веднаш се активирале состојби на страв, паника, параноичност, анксиозност, соматски потешкотии поврзани со актуелнава стресна состојба поврзана со Covid 19, но дека нивните реакции се очекувани поради претходната историја на висок степен на невротицизам во самата структура на личност или поради реални критични соматски состојби со што се сместуваат во ризична категорија на граѓани.

Се разбира, оваа статистика се однесува на временски период од 1 месец, значи релативно кратко време откако сме вовлечени во заканувачка опасност, вонредни мерки и ограничувања на движење и однесување.

„Би можела да заклучам дека во поголем процент сѐ уште се активни здравите психички обрасци на реагирање и повисок степен на резилиентност кај граѓаните која се очекува да се менува низ следниве периоди поради долготрајноста на самоизолациските мерки. Дел од нив ќе развијат нови начини на справување со стреснава ситуација која нема сериозно да ја наруши целокупната психичка стабилност  и функционалност на личноста, дел ќе почувствуваат влошување на психичкиот статус со развој на различни форми на невротски растројства кои можат да се третираат со психолошко-терапевска помош и еден дел ќе побараат психијатриска помош и фармакотерапија. Кај веќе развиените форми на психотични растројства се прогнозира нивна дестабилизација.   Поради различните психолошки фази на оваа колективна траума очекуваме и различни  психолошки одговори кои корелираат со соодветната фаза. Сега се активни првите фази од трауматското реагирање: шок состојба, негирање и игнорирање на реалноста, потоа состојба на страв, паника, конфузија, иритабилност, чести промени во расположението,  психички и телесен грч, анксиозност, несоница, намален или зголемен апетит, нечувствителност- исклученост, немир, лутина, за да  се придвижиме кон фазата на тага, апатија, резигнација, празнина, очај, беспомошност, сѐ до фазата на прифаќање на реалноста и интегрирање на промената во нашите животи со нова, адаптибилна емоционална и когнитивна реорганизација.

Секоја индивидуа ги става во погон одбрамбените механизми кои се нејзин бразец на реагирање на постоечка реална или нереална опасност. Ако личноста најчесто реагирала со игнорирање на опасноста како заштита од истата, сега очекуваме да ја активира истата одбрана во оваа вонредна ситуација, како првична нејзина реакција која подоцна може да се замени со некој друг психолошки механизам. Доколку личноста користела  парализирачки механизми како одговор на опасност, таа сега ќе ја  замрзне својата витална енергија за да се заштити. Интересно е да се спомне дека лицата кои претходно имале потешкотии од видот на социјална изолација или депресија со намалени активности и контакти, во оваа вонредна состојба не доживуваат голема промена, ниту интензивен стрес, оваа принудна изолација ним им е веќе позната состојба која не го ремети нивниот начин на живеење ( сега сите се изолирани и тие не се чувствуваат поразлични од другите ). Исто така, лица кои се интровертни, со намалена потреба од социјална динамика, лица кои биле во добар контакт со своите потреби и добро друштво сами на себе, не пријавуваат значајни нарушувања на психичката состојба во овој период. Следствено на ова, екстровертните структури, индивидуи со  долготрајна анксиозност, лица со песимистичка животна перцепција, лица со опсесивно-компулсивни, како и фобични растројства, изразуваат позначајно дестабилизирање на психичкиот статус“, оценува таа.

Според Костадиноска, за сите нас ова е сосема нова ситуација од која се чувствуваме затекнати и неспремни физички, емотивно, ментално, финансиски.

„Психолошки можеме да ја наречеме ‘состојба на колективна планетарна траума’. Сите претходни трауми се случуваа на локален, територијално ограничен простор ( војни, поплави, пожари, епидемии).

Сега милиони луѓе зборуваат, се бават или се борат со нападот на Covid 19. На милиони луѓе животот драстично им се промени за многу краток период, дел го изгубија работното место или се плашат дека ќе го изгубат,   дел од нив домот го заменија со болница, дел починаа или  изгубија некој свој близок.

На длабоко внатрешно ниво сите ние се соочуваме со егзистенцијален примарен страв од руинирање на нашето постоење, односно страв од смртта и непостоење во истиот облик од претходно. Некои од нас тој страв ќе го почувствуваат како смрт на физичко ниво, некои како финансиска смрт, некои како смрт на вредности и квалитет на живеење. Секоја промена над која чувствуваме загуба на контролата за да ја управуваме можеме да ја наречеме трауматско искуство. Актуелно милиони од нас чувствуваат дека ја изгубија контролата над својот живот и се сретнаа за првпат со застрашувачка непредвидливост и неизвесност за себе и најблиските.

Секоја личност е различна и поседува различни нивоа на сензитивност, затоа е важно да се почитуваат сите различни реакции на колективната траума која е многу повеќе од индивидуалната траума и го засега општествено-социјалното поле околу неа. Дури и некоја личност да не доживува персонална траума, таа е нераскинливо поврзана со истрауматизираното поле во кое егзистира, што значи дека нејзиното егзистирање не е сосема исто како пред траумата“, објаснува нашата соговорничка и предлага на кој начин да се справиме со оваа непозната состојба за да не дозволиме комплетно колабирање на нашиот живот.

„Суштински е важно да си ги дозволиме нашите емоции кои се природен одговор на стимулсите кои доаѓаат од надвор. Доколку имате потреба да плачете, заплачете, ако имате хистерична потреба за смеење и тоа е во ред, ако сакате подолго да останете во кревет наутро, останете, без осуда кон себе. Емоциите можеме да ги споделиме вербално со другите, да ги напишеме, нацртаме, испееме, изиграме. Една од големите последици  по менталното здравје во состојба на долготрајно страдање е потиснување на емоционалната енергија, но секоја емотивно супресирана енергија има опасност да избие нанадвор како еруптивна лава која е многу мачно да се контролира.

Пробајте да не се фиксирате и преплавите со стотина извори на информации по различни медиуми, колку повеќе читате, толку повеќе имате  материјал за застрашувачки сценарија во вашата глава. Информирајте се во разумна мерка од релеванти информациони извори. Сериозни опасности на хиперинформираноста се: ментална конфузија од контрадикторни информации, анксиозност и паника од лажни и непроверени информации како и сугестивно, несвесно продуцирање и влегување во улога на симптоми на вирусот со кои секојдневно се среќавате преку прием на информации од медиумите. Телото има тенденција, моќ да  ја имитира сликата и сценариото во вашата глава“.

Иако вонредните мерки се однесуваат на социјална изолација, тоа е, според неа, сосема несоодветен термин. Одосно, потребна е физичка изолација и дистанцираност наспроти нужно потребната зачуваност на социјалното поврзување и контактирање на безбеден начин.

„Не смееме да останеме сами со трауматичното доживување. Единствено социјалното и емотивно поврзување со блиските и познати лица дури и непознати со исто или слично искуство ќе ни овозможат задржување на здравиот разум и ментално здравје во некоја форма на стабилност. Така значајно се намалува чувството на страв, напуштеност и паника.

Дајте му одредена рамка и структура на вашиот ден, ако надворешниот свет е деструктуиран во моментов,вие насочете ја меката контрола врз тоа што е возможно. Обидете се денот да има одреден тек со сите потребни делови кои се карактеристични за вас, но во адаптирана форма.  Структурата во услови на хаос и променливост ни дава чувство на сигурност и предвидливост. Но, не бидете строги и крути во дефинирањето на структурата. Сите ние сме во вонредна состојба и ништо не функционира регуларно како до сега.

Контактот со природата која е незасегната од колективната траума и која понатаму вибрира со својата животна енергија е нашиот природен терапевт. Овозможете си барем минимум контакт со делови од природата секој ден (балкон со цвеќе, градина со зеленило, безбедни прошетки во најблиската околина, спорт во природа,  седење на сончева страна на домот во затворен простор или изложеност на сонце на тераса или градина, контакт со земја- садење, пресадување, градинарски или земјоделски активности). Гледајте во отворено широко небо наместо во таванот и ѕидовите на домот.

Внесете  задолжително телесно движење во затворен или отворен простор. Енергијата која се акумулира во организмот во самоизолацискиов период, доколку не се испразни на мускулно ниво преку движење, рипање, танц, вежби, ќе се трансформира во анксиозност, бес, агресија, раздразливост или телесни симптоми.

Забававете  го темпото на активности во вонредни околности, секое забрзано темпо го зголемува нивото на стрес. Сега е време на забавување и редуцирање на ритамот наспроти лудото забрзување на современиот начин на живеење.Во оваа насока се препорачуваат било какви техники за релаксација и опуштање кои се избор на личноста: јога, техники на дишење, медитација, физички вежби, смеење, хумор, пеење, музика,  цртање, боење на сликовници за возрасни, фотографирање, танц, читање, филм  и сѐ друго што функционира за вас.

Да не заборавиме дека човекот е суштество со фантастична моќ на прилагодување со што и успеавме да опстоиме илјадници години на планетава. Ниту едно трауматско искуство не трае вечно во реалноста.

Доколку чувстувате потреба за дополнителна помош и поддршка, побарајте контакт со стручно лице од областа на менталното здравје без срам и страв од осуда“, вели Костадиноска.

Во однос на рефлектирањето на кризнава состојба на партнерските релации таа смета дека тоа, дали во ова турбулентно време и време на принудна изолација, партнерските релации и брачните заедници ќе опстанат или ќе се нарушат до степен на пропаѓање зависи од претходниот квалитет на релацијата како и од начинот на реагирање на промената од страна на партнерите, нивната структура на личност, нивната персонална свесност и зрелост, нивната психичка состојба.

„Во некои бракови и релации ќе се развијат нови квалитети на  емотивно поврзување и блискост во ситуација на животна опасност, посебно кога опасноста не турка кон другиот, во функција на преживување. Во одредени релации ќе се појават автентични контакти кои биле занемарени од ритамот на живеење, но сега времето минато заедно ќе допринесе за повторно приближување. Во други релации тензијата и анксиозноста  ќе ја дезинтегрира и така веќе нестабилната партнерска атмосфера со можност за тортура и семејно насилство. Жртвите не смеат да останат тивки без разлика на вонредната состојба. Задолжително да се обратат во центрите за семејно насилство и полиција. Несомнено, оваа глобална криза ќе навлезе во секоја релација со другиот и ќе ни даде време и простор за себеосвестување за важноста на односот кон партнерот, свесност за нашите задоволени или незадоволени потреби и начини на поврзување. Процентот на разводи се очекува да биде во пораст следејќи го искуството на другите земји во периодот на самоизолација.Сепак сите големи одлуки и нови избори не се препорачуваат во состојба на акутен стрес или трауматско доба каде често се случува дисторзија на фнкционалноста на  емотивно или когнитивно ниво кај личноста“.

Самата, како професионалец кој се бави со областа на ментално здравје, Костадиноска вели дека со оглед на тоа што и нејзиното секојдневие е изместено во однос на претходниот стил и квалитет на живеење, во релацијата со своите клиенти си дозволува да сподели како емотивно се чувствува самата таа, што превзема за себе како само-помош, како се заштитува од вирусот, како размислува за сѐ што ни се случува.

„Мислам дека токму сега е важно клиентите да ме почувстуваат како човечко битие кое исто како нив во себе има страв, тага, лутина, немир. На самиот почеток како прв  емотивен одговор се појави мојот страв од смртта проследен со телесни сензации како треперење на телото и немир во стомакот, недостаток на апетит и опсесивно следење на сите портали и информации околу непознатата опасност,   откако го препознав и освестив стравот, полека почнав пофункционално да се организирам на дневно ниво. Сега се обидувам да ги слушнам и почувствувам моите потреби, потоа да ги побарам начините како да ги задоволам во овие изменети услови. Самоизолацијата  во домот не е застрашувачка за мене, ми пасува на мојата тенденција кон делумен интроверт, значи мојот дом не го чувствувам како мој затвор. Само што сега мојот дом стана и терапевска ординација и јога простор и кино сала и ресторан и телефонска говорница и козметички салон, како целиот надворешен свет да го сместив во три соби. Забележав дека секојдневните прошетки со моето куче двојно повеќе ги зголемив, си  дозволувам да бидам со свежиот воздух,  со небото, со пролетните пупки и цветови на дрвјата, со мирисот на тревата, со ликовите на другите луѓе, со кејот на  Вардар, сепак е невозможно целиот свет да го напикам во 70 м2. Премногу ми недостасува природата и не ја исклучувам од мојот ден. Се грижам за физичкиот имунитет со исхрана и суплименти, си дозволувам сонце во секоја можна прилика. Си ги дозволувам сите емоции, од лутина до тага, од тага до насмевка, од насмевка до загриженост и страв, секоја емоција е во ред да се појави, ќе си ја пречекам да дојде, па ќе ја испратам да си замине, да направи место за следната.

Суштински важно ми е секојдневното одржување на социјален контакт преку мобилен, пораки и редуциран жив контакт со емотивно блиски личности кои се дел од мене и мојот идентитет, потоа  размена на ставови, перцепции, искуства  со колеги и други професионалци. Во услови на вонредна состојба и полициски рестрикции, контактот со другите индивидуи е нашата  ментална и емотивна храна,посебно  кога во полето здравите дразби се намалени или исклучени.

Внимавам во денот да имам јасна структура, односно време на будење, прошетка на милениче во природа, набавка на намирници,  работни обврски, дружба со син ми, оброци, слободно време со филм, музика, јога час, техники на релаксација,сон. Вака поставената структура ми дава чувство на доволна сигурност и безбедност. Доколку  светот надвор е превртен, јас можам и сум способна мојот свет да го држам исправено, бидејки јас сум одговорна за мојот свет и никој друг.

Свесна сум дека мојата состојба ќе се менува како што изминува времето на изолација, сега сѐ уште не знам во кој степен и која насока. Свесна сум дека како професионалец мора да ги штедам сопствените ресурси и снага, знам дека откако ќе мине траумата, сите ние професионалците ќе мора да одговориме на еден цунами бран кој се вика посттрауматска состојба на илјадници граѓани во земјава. Свесна сум дека ова не е трка на 100 м каде што треба да дадеме максимум за да победиме, туку ова е маратон на долги стази кој ќе не истроши на сите нивоа, мораме мудро да ги чуваме резервите на витална енергија, посебно ние практичарите во доменот на менталното здравје. Отпорноста и стабилноста ќе ни биде потребна и  за нашите семејства, деца, партнери, родители, пријатели.  Тоа значи  да бидеме одговорни кон себе за да можеме да се справиме со сите повици за помош и поддршка на нашите клиенти“, заклучува Костадиноска.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]