ТикТок блокираше дел од корисниците во Италија по смртта на 10-годишно девојче во Палермо, Сицилија, кое починало од задушување. Малата Антонела учествувала во предизвикот на ТикТок наречен „Blackout“. Ставила ремен околу вратот и го задржувала здивот додека се снимала со својот мобилен телефон.
Blackout Challenge се состои во блокирање на здивот додека лицето не се онесвести. Антонела го правела ова во бањата на нивната семејна куќа. Нејзината 4-годишна сестра го открила онесвестеното тело на Антонела, а нејзините родители ја однеле во Детската болница во Палермо, но таа не успеала да преживее.
„Не знаевме ништо“, признал таткото на девојчето, Анџело Сикомеро, за весникот „The Republic“.
„Знаев само дека Антонела се вклучи на „ТикТок“ за да гледа видеа. Како да се замисли тоа злосторство?“, рекол тој.
Мајката и таткото на починатото девојче рекле дека помалата ќерка им објаснила што се случило: ′Антонела играше задушување′, им рекла таа.
„Не можам да прифатам дека ќерка ми, мојата мала Антонела, умира во екстремна игра на ТикТок“, додал Анџело, кој заедно со сопругата решиле да ги донираат органите на ќерката за други деца да можат да живеат благодарение на неа.
Случајот ја шокирал Италија и започнала истрага за да се утврди дали станува збор за можно поттикнување на самоубиство, како и дали некој ја поканил да учествува во предизвикот, пишува Гардијан.
Пристапот до ТикТок е блокиран до 15 февруари за сите корисници во Италија кои не можат да ја докажат својата возраст.
Од „ТикТок“ изјавиле дека не нашле содржина што би можела да ја поттикне девојката да учествува во предизвикот и дека ќе им помогне на властите да го испитаат инцидентот.
„Безбедноста на заедницата на ТикТок е наш приоритет. Поради ова, ние не дозволуваме содржина што охрабрува, промовира или велича однесување што може да биде опасно”, рекол портпаролот на компанијата.
Оваа популарна социјална мрежа се користи за споделување видеа, а многу родители им забранија на децата да ја користат во септември минатата година, кога на Тик Ток започнаа да кружат снимки од самоубиството на 33-годишниот Американец Рони МекНут.
Фото: Фејсбук