Пандемијата со која се соочуваме во периодов има влијание врз адолесцентите како директно, така и на индиректен начин. Освен можноста да се разболат од самиот вирус, засегната е и нивната социјална, емоционална и ментална благосостојба. Децата и адолесцентите, иако навидум изгледа дека се помалку изложени на ризик од тешка симптоматологија на ковид-19, сепак социјалното дистанцирање, како и прекинот на типичната училишна рутина, може да бидат особено придизвикувачки за нив.
Добро е да знаеме дека адолесцентите имаат различни развојни потреби од оние на возрасните. Во оваа развојна фаза, две од развојните задачи на адолесцентите се развивање на социјални вештини и емпатија, како и градење на сопствен идентитет. Сето ова се случува преку интеракцијата со врсниците, која за жал во овој период недостасува. Следствено, може да се случи да се јави бунтовност во однос на правилата за држењето дистанца и носење на маски како и промените во рутината и неможноста за друштвени собири. Важно е возрасните да им помогнат на адолесцентите да превземат лична одговорност да се заштитат себеси и блиските, како и да ги потикнат да изнајдат нови алтернативи за безбедна комуникација и интеракција со своите пријатели.
Затварањето на училиштата и наметната потреба од користење на онлајн платформи, како и потребата од зголемување на времето поминато во виртуелно учење, кај некои адолесценти доведе до замор кој се манифестира со намалена концентрација и фокус. Од друга страна пак, долготрајниот недостаток на физички контакт кај одредена група адолесценти доведува до зголемен стрес и висока анксиозност заради враќањето во училишните клупи.
Физичкото дистанцирање може да се доживее како животот да е ставен на пауза, голем број на значајни животни настани адолесцентите можеби ги пропуштиле и сето ова се доживува како загуба. Вообичаено, тагата е нормален одговор кога губите некого или нешто што е важно за вас, затоа е особено важно семејството да му помогне адолесцентот да најде алтернативни, креативни и безбедни начини за меѓусебно поврзување.
Економската несигурност со која се соочија голем број на семејства влијае на зголемување на стресот и промена на семејната динамика, како и на зголемување на насилното однесување, кое директно влијае врз зголемување на стравот и несигурноста кај младите. Адолесценцијата и бездруго е период на големи промени кој е предизвикувачки за младиот човек. Преоптовареноста со стрес може да се манифестира преку прекумерна грижа или тага, промени во навиките на спиење или промени во навиките на исхраната.
Нивната зголемена активност на интернет, ја зголемува изложеноста на потенцијално штетна содржина и го зголемува ризикот од сајбер-насилство. Од особена важност е возрасните да имаат еден отворен однос, полн со доверба и добра комуникација, како би можеле навреме да ги забележат промените во однесувањето што може да сигнализираат вознемиреност и сериозни потешкотии.
Некои од симптомите кои може да се сретнат се:
- промени во расположението кои не се вообичаени за вашето дете, како што се постојана раздразливост, чувство на безнадежност или бес и чести конфликти со пријателите и семејството.
- промени во однесувањето, како што е намалената комуникација со домашните или со пријателите.
- губење на интерес за активностите кои предходно предизвикувале задоволство.
- тешкотии во спиењето како, испрекинат сон, неможност да се заспие или пак премногу сон.
- промени во апетитот, тежината или начинот на исхрана, како намален апетит, но и постојано чувство на глад.
- проблеми со меморијата, фокусот или концентрацијата.
- намален интерес за завршување на училишни задачи или пад на училишниот успех.
- промени во изгледот, како што е недостаток на основна лична хигиена.
- зголемување на ризични или непромислени однесувања, како што е употреба на дрога или алкохол.
- преголема самокритичност и ниска самодоверба.
- себеповредување.
- мисли за смрт или самоубиство или зборување за истото.
Ако забележите нешто од погоре наведеното, разговарајте отворено со вашите деца. Ислушајте ги и обидете се да ги разберете без да им ги минимизирате чувствата. Обидете се да најдете заеднички прифатливи алтернативи за надминување на потешкотиите. Возрасните се тие кои треба да обезбедат стабилност и поддршка и да им помогнат полесно да се справат со животните кризи, како и да им го олеснат и овозможат пристапот до стручна помош на своите деца.
Александра Стојановска, психолог, семеен системски советник
Фото: Pexels