Од скопскиот асфалт, виа Њујорк, правец во Берово и во планинската колиба со поглед

Скопјанката Душица Крстеска, пред три години, откако ја пропатувала Европа и извесно време живеела во Њујорк, се преселила во Берово. Се вљубила во Александар, а за неговата планинска колиба која е инспирација за нејзината ‘зелена идеја’ за заштита на феноменот колибарење во Македонија, вели: Таму тревата е зелена до првиот снег, воздухот чист, а птиците ги пејат најубавите песни. Срната и еленот трчаат со брзина на светлината, куната Лиска секое утро пие кафе со нас, а дивите свињи се секогаш расположени да ја прекопаат градината и да го изедат компирот.

0
1460

Душица Крстеска е носител на проектот „Заштита на феноменот колибарање во Македонија и промовирање на традиционалните Малешевски специјалитети“ кој е еден од победниците на натпреварот „Зелени идеи“ во организација на Здружението за социјални иновации „АРНО“.

Интересно за Душица е тоа што е родена и израсната во Скопје, ја пропатувала цела Европа, а извесно време живеела во Америка и престојувала во Израел,  откако се запознала со својот животен партнер, беровчанецот Александар Чакиевски и се вљубила во него и во Берово, решила да се пресели таму.

„Можам да кажам дека целиот живот го поминав на асфалт. Пропатував низ речиси сите држави во Европа, стигнав дури до Америка, но тој живот на асфалт не ми изгледаше воопшто интересен. Мојот партнер го запознав пред 5 години преку наши заеднички пријатели и уште при првата посета на Берово, знаев дека градот е баш како измислен за мене. После поминат одреден период од мојот живот во Њујорк, на само 500 метри од Тајмс Сквер, во најголемиот хаос што некаде сум го видела, бев сигурна дека сакам многу посмирен и поспокоен живот, во град кој изобилува со природни богатства и планини. Во почетокот голем дел од времето бев на релација Скопје-Берово-Скопје, релација што ја минував некогаш и до 3 пати неделно поради работните обврски во Скопје, но сето тоа ми одземаше голем дел од времето и енергијата.

Душица и Александар

Во меѓувреме, имав мали проекти надвор од Македонија кои бараа од мене да сум постојано во движење, но после одредено време тој ритам ми стана премногу напорен и на мојот парнер на шега му реков дека сакам да си изнајмам апартман во Берово и да поминам неколку месеци во природа. Добив покана да си го однесам куферот кај него и да одморам на раат. Епа да, го донесов и после некое време решивме да не се иселувам од тука. Тоа беше пред три години.

Морам да признаам дека на моите родители не им се допадна многу идејата да мигрирам од Скопје во Берово, тие повеќе би сакале да си останев да живеам во Њујорк или во Израел, но сепак одлуката беше моја и не се каам во ниеден момент што го избрав Берово пред овие две преубави локации во кои поминав одреден период од животот“, раскажува нашата соговорничка.

Беровчани ја прифатиле многу подобро од што очекувала.

„Беровчани како луѓе се навистина гостопримливи и љубезни, секогаш подготвени да ви излезат во пресрет, па фактот што бев топло пречекана, од сегашна гледна точка не ми е воопшто чуден. Одлично бев прифатена и од семејството и од роднините на партнерот, до тој степен што некои од нив уште од почеток почнаа да ме викаат – снајка, што воопшто не ми пречи. Едноставно, ме прифатија како дел од семејството и благодарна сум им за тоа. Со тек на време кругот на пријатели ми стануваше сѐ поголем, бројот на познаници исто така. Но сепак, дури и после неколку години сѐ уште има луѓе кои ме препознаваат и ме поздравуваат на улица, но јас не ги знам. Некогаш си велам – па добро, јас сум една чудна девојка што решила од Скопје да се пресели во Берово, а тие се илјадници..како би ги запамтила сите?!“, се смее Душица.

Оваа натурализирана беровчанка тврди дека за тие што сакаат да работат, во Берово има многу работа, но најчесто е тоа физичка работа и ретко кој сака да ја работи.

„Полесно им е на луѓето да чекаат на готово отколку да се откажат од кафето во чаршијата и да поработат нешто. До пред неколку години семејството на мојот партнер се занимаваше со одгледување на овци и говеда и можеше да се пофали со најголемото стадо на пашитни говеда во Берово, но по некои немили настани во семејството товарот остана на грбот на партнерот и моравме да ги редуцираме животните, бидејќи ние бевме решени да функционираме малку поинаку. Засега имаме мала еко фарма, која ги задоволува потребите на нашите семејства и поширок круг на пријатели. Во мали количини изработуваме и сокови, џемови и мармалади за одреден круг на пријатели.

Во текот на летото освен собирањето на шумски јагоди, малини, капини, бозел, боровница, актуелно е и собирањето на сено за прехранување на животните во зимскиот период.

За жал, сега сме само двајца, па покрај мојата фриленс работа поради која поминувам повеќе часови во денот пред компјутер, не ми останува премногу време за да му помагам на партнерот, но најчесто летните месеци сме горе, на планина, кадешто уживаме во благодетите на природата, а притоа успеваме да ги завршиме и сите зацртани работни обврски“, објаснува Душица.


Инаку, идејата за колибарење со која таа конкурираше на конкурсот на АРНО, ја добила сосема спонтано, уште првата година од нејзиниот престој во Берово. „Семејството на мојот партнер има колиба во еден од најчистите предели на Малешевските планини, а мојата средба со колибата беше љубов на прв поглед. Станува збор за куќа од цврста градба која е опколена со неколку плевни, десетици хектари шума и пасишта.

Шарко на бачило

Таму тревата е зелена до првиот снег, воздухот е почист од било каде во Македонија, а птиците ги пејат најубавите песни што некогаш сте ги слушнале. Срната и еленот трчаат со брзина на светлината, куната Лиска речиси секое утро пие кафе со нас, а дивите свињи се едни од најупорните животни кои се секогаш  расположени да ви ја прекопаат градината и да ви го изедат компирот.

На колибата го поминуваме цело лето, па често остануваме и до доцна есен. Колибата е целосно оспособена за престој и доколку некој изрази желба и не е пребирлив во однос на ситните детали може и сега да престојува во неа, има 4 спални, бања, летна кујна, земник (ладна просторија за чување, како остава), казанарница (специјално наменета просторија во која што се изработува надалеку прочуената сливова ракија), струја на соларни панели (нема мрежа на ЕВН), вода, па дури и поради потребите за носење на мојата работа на планина, си обезбедовме и безжичен интернет. На прв поглед колибата има сѐ што на некого му е потребно, но за да се задоволат одредени стандарди за регистрација на селско домаќинство, треба да се подобат условите за служење на храна, треба да се обезбеди мебел за спалните соби и нова столарија.

Покривот е сменет пред неколку години и токму тоа и ме поттикна да аплицирам за проектот за зелени идеи на АРНО. Со средствата добиени од Арно, ќе се подобри водоснабдувањето кое е еден клучен фактор за нас и нашата работа и ќе се започне со уредување на спалните. Доколку успееме да победиме на балканскиот натпревар, ќе бидеме во можност и комплетно да ја средиме и ќе можеме да пречекуваме гости без никаков проблем. Приоритет ми е ставањето на уште еден соларен панел, монтирање на бојлер на соларна енергија и набавка на мебел за спалните“, раскажува со ентузијазам Душица.

Таа и Александар во моментов работат и на уште еден проект – опремување на 4 апартмани во месноста позната како ‘Браната’, во непосредна близина на Беровското езеро. Исто така, Душица е во постапка на добивање на лиценца за туристички водич, а Александар аплицирал за обука за водич во планина.

„Нашата цел е креирање на богата туристичка понуда во Берово и околината, кадешто би можеле да ги анимираме гостите, да им понудиме активности и услуги со кои би им ги исполниле деновите поминати во оваа област и со кои би креирале поубави моменти кои ќе ги паметат цел живот.

Моментално, во соработка со центарот за зачувување на природата работиме на проект за маркирање на пешачки и велосипедски патеки како би ја збогатиле уште повеќе понудата во Берово и околината и би биле во можност да ги привлечеме и љубителите на планинскиот велосипедизам и планинарењето“, вели Душица која својата иднина ја гледа токму во Берово, во секторот туризам и угостителство.

„Моментално сум во фаза на изработка на уште еден проект, за кој правиме истражувања на пазарот, па наскоро може да се очекува уште нешто ново од мене, нешто со што ќе придонесам во промовирањето и зачувувањето на традиционалните малешевски специјалитети“, најавува таа и ветува дека и овој нов проект ќе го заслужи нашето внимание.

[better-ads type='banner' banner='999' ]