Од сите подароци децата, дефинитивно, најмногу сакаат играчки. Нормално, деца се, сакаат да си играат, а низ играта растат и се развиваат. И додека порано нашите родители, баби и дедовци можеби растеле со некоја крпена топка и со некоја едноставна играчка која некој од нивните најблиски ќе им ја издлабел во дрво со обично ноже, денеска пазарот е преплавен со најразлични играчки кои свират, пеат, светкаат, трепкаат и постојано голтаат нови и нови батерии. Настрана што голем дел од нив се опасни, со непознато потекло и изработени од токсични материјали.
Ама, за среќа, како и за сите други работи, и кога станува збор за играчките, има луѓе кои сакаат да ѝ се вратат на природата и истовремено да ја заштитат. Еден од нив е и младиот Марјан Сапунџиев кој изработува различни предмети од дрво, а неодамна, по желба на една мајка, ја изработил и својата прва, но не и последна играчка.
Иако, за оваа негова дрвена фарма на неколку нивоа, е можеби премалку да се каже – играчка. Таа е речиси како парче мебел во детската соба и одлична декорација.
Имено, оваа мајка, извесна госпоѓа Елизабета посакала за своето двегодишно синче Борјан, безбедна, креативна, интересна и еколошка играчка која ќе го преокупира нејзиното дете и ќе го научи да се забавува без да биде изложен на непотребни звуци и светлечки ефекти.
Со Марјан брзо се разбрале и после неколку дена Борјан ја добил оваа единствена дрвена фарма на неколку нивоа која сега го зазема централното место во неговата соба и го преокупира сето негово внимание.
„Ова беше за мене едно ново искуство бидејќи досега не сум изработувал играчки, но толку ми се допадна што ќе продолжам да ги правам. Оваа дрвена фарма е идеална играчка која ќе го заземе местото на сите оние токсични играчки кои доаѓаат главно од Кина, но е и едукативна. Фармата ја изработив по нарачка и по идеја на нашата клиентка која сакаше на своето синче да му понуди уникатна играчка со која сега тој одлично се забавува и се едуцира.
Даските што ги употребив за изградба на фармата се од бор, а гранчињата се багрем и шипинка. Заради заштита, премачкани се со воден лак. Инаку, ова беше навистина одлична идеја и драго ми е што ја направив затоа што знам дека дури и кога малиот Борјан ќе ја надмине, играчката ќе остане како убав спомен, декорација за детската соба и зошто да не, за следната генерација“, вели овој креативен млад човек.
А дрвените играчки се навистина посебни токму затоа што се едноставни, односно, не произведуваат звуци кои можат да се расипат и немаат светлосни ефекти за кои постојано треба да се трошат нови батерии.
И не чуди тоа што децата толку природно и брзо ги прифаќаат играчките од дрво – тие ја чувствуваат сета љубов која е внесена во нив.
„Ех, да знаете колку љубов е потребно за да се изработи една дрвена играчка! Играњето со дрвени играчки секогаш ќе биде пријатно и безбедно. Острите рабови на пластичните играчки честопати можат да претставуваат ризик од повреди, додека пак дрвената играчка нема да се скрши или да пукне толку брзо, а освен тоа, речиси е невозможно да има остар раб. Затоа, играта ќе биде многу попријатна, а родителите помирни. Тука е и еколошката одговорност. Ако изберете дрвена играчка затоа што се грижите за околината и вашето дете постепено ќе ја прифати оваа добра навика. Преку игра и разговор, можете да му објасните што значи еколошка одговорност“, порачува Марјан кој самиот се уште не е татко, но кога ќе биде, сигурни сме, неговото дете ќе ги има најубавите дрвени играчки на светов.
За разлика од пластичните играчки, дрвото не ѝ штети на околината, дури и ако на крајот заврши во ѓубре, бидејќи е природен материјал што се распаѓа со текот на времето. Но кој би сакал да фрли толку убави и речиси неуништливи играчки, нели?