Сибел Вели е вработена во секторот за меѓународна соработка и поддршка на здруженија и фондации на град Скопје и е мајка на петгодишната Ада.
А она по што е нејзината ќеркичка Ада посебна, се првите месеци од нејзиниот живот кои инаку требало да бидат последните кои ќе ги помине во стомакот на мајка си, а таа ги поминала во инкубатор. Ако на децата обично им велиме: „Сум те изгледала од 2-3 кила месо“, за неа ова не може да се каже. Нејзината мајка ја родила во 25.гестациска недела со само 790 грама. Цели 100 дена поминала во инкубатор, а оттаму излегла со 2 кг и 90 грама.
Токму за ова зборувавме со нејзината мајка Сибел во пресрет на 17 ноември, Светскиот ден на предвреме родените деца и таа, како среќна и исполнета мајка после речиси 5 години се потсети на, како што вели, најлошиот период од нејзиниот живот.
„На 35-ипол годишна возраст забременив по нормален пат. Бременоста и редовните месечни контроли и испитувања се одвиваа нормално сé до третиот месец кога прокрварев. Беше интервенирано навреме и во тој период ми беше укажано повеќе да одмарам. Сепак, Ада се роди предвреме. Многу предвреме. Се роди поради прснат водењак, во 25. гестациска недела. Нејзината родилна тежина беше 790 грама.
Ме породија со царски рез, доктор Игор Самарџиски и докторката Слаѓана Симеонова кои ден денеска, каде и да ги видам и доколку се сретнеме на улица, од благодарност ги прегрнувам“, раскажува нашата соговорничка на која Ада ѝ е прво и единствено дете.
Првите 40 дена ја посетувала секој ден и секој ден пред да ја види се одмолзувала во собата за лактација за да може колку е можно повеќе да прима мајчино млеко. Поради фактот што е родена многу предвреме, кај неа одвреме навреме се појавувале и влошувања на состојбата, но вели дека сестрите биле трпеливи, грижливи и многу одговорни, како со бебето, така и со мајката.
„Во инкубатор беше точно 100 дена. Се породив на 23. јануари 2015.година, а ја земав дома на 4. мај 2015. година. Во почеток ми беше страв да ја држам во раце и многу ми помгна сестра Тања Трајковска која доаѓаше да ја капе. Сега Ада има речиси пет години и незнам дали е тоа случај со поголем процент од предвреме родените деца, ама таа е многу темпераментно и динамично дете.
Многу е дружељубива, многу сака да биде во круг со други дечиња, да биде активна и да осознава нови работи. Прооде на 15 месеци, вози велосипед, ролерки и тротинет ….Накусо, вода стои таа не стои“, вели госпоѓа Вели.
На малечката Ада сé уште не ѝ ја раскажала приказната за нејзиното раѓање, но планира да ѝ ја раскаже.
„Претпоставувам дека кога ќе тргне на училиште ќе имаме можнот да ѝ ја раскажам целата приказна и дека тогаш ќе може да разбере“, вели мама Сибел.