Одбивам да воспитам пристојно девојче

Јас нема да ја учам мојата ќерка дека треба да се претвори во разводнета верзија од себе за да им биде попријатно на другите луѓе.

0
310

Јас сум задоволувач на луѓе. Мојата ќерка не е. Таму кадешто сум јас одмерена, мојата ќерка е невоздржана. Таму кадешто јас сум дипломат, мојата ќерка е искрена.

Со години учев како да стојам на земја, да ја кажувам вистината и да не се извинувам за она што сум. Се измачував сама себе околу тоа дали сум ја кажала вистинската работа или сум зборувала премногу и сум открила премногу. Го поминав подобриот дел од мојот возрасен живот одучувајќи ги условените однесувања – смејте се, бидете слатки, одете по ќеф – наметнати од култура која ги учи жените дека нашата вредност е дефинирана од начинот на кој нè гледаат другите луѓе.

Не го сакам тоа за неа.

Мојата ќерка го кажува своето мислење. Мојата ќерка е гласна. Мојата ќерка не ги цензурира своите мисли. Мојата ќерка прави да им биде непријатно на другите со нејзините повремени бурни емоции. Мојата ќерка е совршена. И колку и да мисли нашата култура дека треба, јас одбивам да се обидувам да ја менувам. Дали треба да почитува? Да. Да биде љубезна? Да. Да биде пристојна? Не сум сигурна.

Бидејќи идејата за пристојност ги надминува задоволството и благодарноста (што бараме од нашите деца да кажуваат). За девојчињата и жените, пристојноста исто така вклучува и осигурување дека им овозможуваме на другите луѓе пријатност. Ова го правиме со насмевка кога сме лути (или да бидеме искрени, едноставно не ни е до смеење), со тоа што сме пријателски расположени кога сме изнервирани, со тоа што ги ставаме другите на прво место, а ги занемаруваме сопствените потреби, со тивко зборување кога нашиот внатрешен глас беснее, кога играме на ситно кога нашите идеи се огромни, и стотици други начини на кои нашето општество одлучило дека добрите девојки треба да се однесуваат.

Јас нема да воспитам добро мало девојче. Ќе воспитам личност. Поет. Воин. Научник. Танчер. Лице кое носи промени. Кое бара правда. Гласна, вешта, директна девојка. Нема да ја научам ќерка ми дека треба да ја намалува својата вредност за да им биде попријатно на луѓето околу неа, дека потребите на другите се поважни од нејзините. Комфорот на другите лица не е нејзина одговорност. Кога ми возвраќа во разговор, нема да ѝ речам да сопре, ќе ја научам како да ги истакнува аргументите. Кога ќе се извини што ѝ требало нешто, ќе ѝ речам да го каже тоа повторно – овој пат погласно и без извинување.

И кога некој друг ќе ми каже дека е дрска, ќе речам: „Ви благодарам, се трудиме“. Па, до мојата гласна, огнена, директна девојка, знам дека светот сака да се однесуваш на одреден начин. Ќе пораснеш соочувајќи се со пораки каде и да се свртиш кои ќе се обидуваат да ти кажат како да се однесуваш, јадеш, облекуваш и каква да бидеш.

Тоа е страшно – да се постои во свет кој ти кажува дека е погрешно да си таков каков што си. Но, знаеш што е уште пострашно? Ти, моја драга ќерко. Ти со целиот твој оган и енергија си најстрашното нешто што тие го виделе – бидејќи ти, и милиони други девојки како тебе, ќе го промените светот.

А јас сум толку многу горда на тебе.

Фото: Pixabay

Текстот е од ТУКА.

[better-ads type='banner' banner='999' ]