За децата да бидат здрави, понекогаш не е доволно само да јадат здрави намирници, туку и да знаат колку се тие корисни и хранливи.
А како можат да го знаат тоа освен такашто ќе ги приближите до природата и со тоа ќе ја приближите природата до нив.
Ако вашето дете не е љубител на овошје и зеленчук, обидете се да му дозволите само, или со ваша помош, да го одгледува во градината, а ако живеете во стан, одберете садење во саксии. И ќе се случи чудо!
Децата што одгледуваат растенија јадат сe!
Истражувањето, објавено во списанието „Journal of the American Dietetic Association“, покажало дека децата најверојатно ќе јадат зеленчук доколку учествуваат во одгледување на истиот. Децата од предучилишна возраст кои одгледувале растенија консумирале двојно повеќе свежо овошје и зеленчук отколку оние кои никогаш не виделе како изгледа нивното одгледување. Групата мини градинари кои учествувале во истражувањето го претпочитале вкусот на свежи производи, за разлика од оние кои го немале тоа искуство.
Малите градинари ја сакаат природата
Друго истражување, спроведено на Универзитетот во Флорида, покажало дека ефектите од градинарството на деца продолжуваат и во зрелоста, бидејќи учениците јаделе повеќе овошје и зеленчук, доколку биле одгледувачи.
Покрај тоа, ова само по себе го зајакнува имунитетот. Земјата ги изложува децата на бактерии кои им помагаат да изградат силен имунолошки систем, што спонтано делува на нивното здравје. Истражувачите забележале дека бебињата кои доаѓаат во контакт со повеќе микроби, во адолесценцијата имаат помали стапки на алергии. Исто така, децата кои се надвор, меѓу растенијата, се посреќни, поздрави, покреативни и послободни.
Фото: Freepik