Во саботата, во Нови Сад, значи некаде на половина пат помеѓу Љубљана и Скопје, се одржа основачки состанок на сродни здруженија и иницијативи од регионот чија заедничка цел е во националните законодавства на секоја од четирите држави (Македонија, Србија, Хрватска и Словенија) да се направи промена на постојната легислатива и да се воведе заедничкото старателство како априорно решение по разводот на бракот.
Иако имаат меѓусебни разлики во однос на модалитетите кои одат од т.н. состарна словенечки: состаршевство или ко-родителство, су-родителство, заедничко, урамнотежено и слично, сите имаат ист проблем и иста цел: Децата да имаат колку што е можно поизбалансиран однос и контакт (во секој аспект – физички, емоционален, економски) со двајцата родители, и замена на досегашната пракса децата да растат и да се воспитуваат само или главно, во друштво на едниот родител (по разводот на бракот).
Како што рече и домаќинот на оваа средба, Дејан Павловиќ, претседател на здружението на татковци од Нови Сад, оваа средба е последица од тоа што, за жал, во државите на некогашна Југославија, сѐ уште се во пракса застареното семејно законодавство и застарената семејна пракса кои не водат сметка за правото на детето да биде со двајцата родители и по разводот на бракот.
Во саботата (10.ноември) се одржа состанок, по кој следуваше и прес-конференција на која беше потпишана Декларација за соработка со јасно дефинирани заеднички правци на дејствување во матичните земји.
Станува збор за Декларација потпишана помеѓу претставници на Здружението на татковци од Нови Сад, Србија, Хрватското здружение за рамноправно родителство (кои за жал не присуствуваа на средбата, но ја дадоа својата поддршка и согласност дополнително да ја потпишат истата), потоа, иницијаторите од Словенија – DOOR (Društvo za otroke, očetovstvo in resnico или Здружение за децата, татковците и вистината), уште едно здружение од Словенија – Društvo očetov Slovenije (Здружение на татковците на Словенија) и граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство после развод од Македонија.
Декларацијата ја потпишаа Дејан Павловиќ, претседател на здружението на татковци од Нови Сад, Исток Иванчиќ, претседател на DOOR, Дејан Рутар, претседател на словенечкото здружение на татковци и Наум Рибароски и Наташа Стојческа како претставници на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод.
Со потпишаната декларација, здруженијата и иницијативата се обврзуваат на соработка и заеднички активности со цел да ги воведат следните промени во националните законодавства на своите матични држави:
- Воведување на заедничко родителство после развод – како основна цел која содржи неколку подточки и дообјаснувања, меѓудругото, напуштање на праксата децата да се доделуваат кај едниот родител после разводот и признавање на фактот дека двајцата родители остануваат со рамноправни родителски права, независно од брачниот статус, напуштање на сегашните рестриктивни решенија и воведување на принципот на заедничко родителство во сите случаи кога обајцата родители сакаат, можат и се подобни да се грижат за децата, итн.
- Воведување на силни институционални механизми (семејни извршителски служби) кои гарантираат дека решенијата за контакт на децата со родителите ќе се спроведува во пракса. Прекрушувањето на овие решенија од страна на било кој родител да резултира со парични казни, а и со затвторски доколку паричните не ја исполнат целта.
3.Прогласување на родителското оттуѓување за форма на семејно насилство и соодветен третман во законодавството на таквиот тип на насилство.
- Одземање на родителското право на оние родители кои докажано лажно го пријавиле другиот родител или било кој близок роднина на другиот родител за семејно насилство, педофилија или било кој друг облик на малтретирање на децата.
- Спречување на иселувањето на децата во странство без согласност на двајцата родители.
Соработката помеѓу здруженијата подразбира: размена на документи и искуства, заеднички настап во јавност, на медиумите и на конференциите, заедничка интернет платформа и меѓусебна поддршка во интеракцијата со државните институции.
Соработката ќе се одвива на ниво на овластени претставници на здруженијата.
„Ние во Словенија, увидовме дека, за жал, нашата семејна судска пракса има повеќе сличности со онаа во земјите од регионот кои ги имаат истите проблеми, отколку со онаа во некои други европски земји кои направиле позитивни чекори во решавањето на овие проблеми и одлучивме да се обединиме и да потпишеме една заедничка декларација за соработка
во постигнувањето на истата цел: балансирани контакти на децата со двајцата родители и по разводот.
Проблемот заради кои се собравме е тоа што е тој заеднички за овој простор на бивша Југославија кој има повеќе од 20 милиони луѓе, па се надеваме дека на овој начин нашиот глас ќе се чуе посилно и посериозно ќе не сфатат во нашите матични држави, но и во Европа, отколку кога сме ограничени на просторот матичните држави“, вели господин Иванчиќ.
Интервјуата, изјавите на потписниците на оваа Декларација и дел од искуствата и приказните на родители од овие четири земји ќе можете да прочитате во следното продолжение на оваа тема, на порталот „Мајка и дете“.