Иако капењето на бебето веднаш по раѓањето или откако ќе помина кратко време на мајчините гради, е речиси правило што се почитува низ целиот свет, новите мајки почнаа да го следат трендот што целосно му противречи.
Тие бараат бебето да не се бања дури и неколку дена по раѓањето. Бројот на мајки кои ја следат оваа практика расте бидејќи постои верување дека колку подолго е тој слој на бебето, толку побрзо ќе дојде до поврзување и полесна транзиција со доењето. Некои мајки кои го практикувале овој тренд изјавиле дека бебињата мирисаат прекрасно и дека не ги капеле и до четири дена по раѓањето.
Не можеме да не се прашаме дали овие мајки знаат нешто што ние не знаеме или станува збор за празни верувања?
Предности на одложувањето на првото капење
Научниците велат дека има дури и неколку предности кога станува збор за одложувањето на првото капење, но за почеток да објасниме што е тоа верникс, оној белузлав слој со кој е покриено бебето по раѓањето. Верникс започнува да се формира на кожата околу 18-тата недела од бременоста. Неговата функција е да ја хидрира кожата на бебето и да ја заштити во внатрешноста на матката, но и по раѓањето. Во матката тој ја хидрира кожата и го олеснува минувањето на бебето низ породилниот канал, а по раѓањето ја штити кожата на бебето од влијанието на надворешниот свет.
Некои експерти велат дека е тоа слично како кога ќе нанесете премногу хидратантен, мрсен крем на телото што не се апсорбира, па затоа едноставно го бришете или миете вишокот. Исто така, во прилог на тоа зборува и фактот дека амнионската течност во матката создава совршени услови за живот на бебето и не може да биде лошо ако целиот тој слој остане подолго на кожата на бебето. Амнионската течност што останува на кожата на бебето го поттикнува производството на витамин К.
Треба да се напомене дека одложувањето на првото капење не е нова практика, но во последно време повеќето родители сакаат да почекаат барем 12 часа пред да го искапат бебето за првпат. Одложувањето на капењето се прави најмногу за да остане бебето подолго со мајката и да се стабилизира неговата телесна температура, а има и здравствени придобивки. Лекарите тврдат дека верниксот не треба да се мие или брише бидејќи помага и во зајакнување на имунитетот на бебето и ја прави кожата на бебето хидрирана. Доволно е мајката по раѓањето нежно да го избрише бебето.
Капењето на бебето веднаш по породувањето значи и одвојување од мајката, што не им одговара на родилките, особено на оние кои имале прилично тешко и напорно породување.
Колку е предолго за одложување на капењето?
Некои мајки сакаат да чекаат со капење 12 часа додека некои чекаат малку подолго, па и до 4 дена додека не дојдат дома за да го направат првото бањање сами. Исто како и со другите аспекти на породувањето, ова треба да се остави на избор на родителите сами да одлучат дали сакаат да го искапат бебето веднаш или подоцна. Некои педијатри дури велат дека не гледаат причина зошто бебето треба да се искапи веднаш по раѓањето, тие дури препорачуваат да се почека најмалку шест часа во потоплите региони и 24 часа во малку постудени услови пред првото капење.
Фото: Pexels