Во новите препораки за исхраната кои неделава ги објавило Министерството за земјоделство на Соединетите американски држави се наведува дека во текот на првите шест месеци од животот на детето, се препорачува ексклузивно доење и дека кратко по раѓањето бебињата треба редовно да земаат витамин Д.
Ако мајката не дои, препорачливо е да користи формула збогатена со железо. Покрај мајчиното млеко или формулата, семејствата треба да избегнуваат давање вода или други пијалоци на бебиња во првите шест месеци од нивниот живот.
Упатствата препорачуваат целосно избегнување на додаден шеќер додека детето не наполни 2 години. Ова значи дека колачи и чоколади се забранети.
„Нема место за додаток на шеќер во исхраната на новороденчињата и малите деца“, велат тие, истакнувајќи дека „децата на таа возраст не јадат многу, затоа е важно да се обезбеди храната што ја внесуваат да биде здрава“.
Бебињата можат да почнат да јадат цврста храна кога имаат шест месеци. Се препорачува да не се избегнува храна што може да биде потенцијален алерген.
„Воведувањето храна што содржи кикирики во првата година го намалува ризикот новороденчето да развие алергија на кикирики“, се тврди во упатствата.
Документот содржи и неколку совети за секоја животна фаза. На пример, на бремените жени им се препорачува да јадат 200 до 350 грама морска храна неделно, да избегнуваат алкохол и да консумираат кофеин во умерени количини.
На мажите им се препорачува да пијат максимум два алкохолни пијалоци на ден. Жените треба да се ограничат на еден. Возрасните се охрабруваат да јадат помали порции, да намалат со слатки и натриум и да се фокусираат на внесување повеќе овошје и зеленчук. Ваквите мали промени можат да значат подолг и поздрав живот во иднина.
Фото: Pixabay