Ниту сидата тогаш, ниту ковидот сега, не се ѕверот – ѕверот сме ние

Ужасно е да си различен овдека. Средината брза да ти залепи етиката, да те сврсти во некоја рамка, само за да се огради од тебе, од несреќата што те снашла. Тоа е проблем со кој тогаш бев опседната, а богами и денес, во време на пандемијата со ковид-19, во која е срамно да кажеш дека си болен. Зошто мислите дека е толкава смртноста кај нас? Зошто доцна се јавуваат луѓето на доктор? Пробуваат да скријат. Овдека се кријат нештата, се кријат болестите, се кријат самоубиствата, се кријат загубите, вели нашата соговорничка Загорка Поп-Антоска Андовска, авторка на документарецот за Стојан Конев, ХИВ позитивен веќе 3 децении

0
1259

Загорка Поп-Антоска Андовска е писателка, драматург во МНТ, а до 2017.година и професорка на ЕСРА Универзитетот за аудиовизуелни уметности. Работи во сите сфери на театарската и филмската драматургија, како и на полето на документарниот филм. Токму еден од нив, документарецот „Сенки на душата – Приказна за Стојан Конев и градот“ (2005), во режија на Русомир Богдановски, беше повод за нашиот разговор со неа. Секако, повод беше и 1. декември, Светскиот ден за борба против  ХИВ/СИДА, денот кога сите се сеќаваме и на прилепчанецот Стојан Конев кој стана парадигма на сидата во Македонија и на страдањата што ги предизвикува оваа болест. Тој уште пред три децении го донесе вирусот од странство и ги зарази сопругата Трајанка и двете деца, синот Велјан и ќеркичката Даниела, кои починале во 1991, 1995 и 1996.година, а Стојан живееше отфрлен од средината постојано мачејќи се и проколнувајќи се себеси поради невнимателноста што му го уништи животот. 

Денеска е денот кога сите се потсетуваме на приказната за Стојан Конев, но и на вашиот документарец од 2005.година „Сенки на душата. Приказна за Стојан Конев и градот“. Дали идејата за снимањето на овој документарен филм беше ваша, зошто токму оваа тема?

Во Стојан Конев, првиот Македонец којшто јавно проговори за СИДАТА, јавно ја раскажа својата ужасна и трагична приказна како ХИВ позитивен пред камерите на МТВ, јас видов јунак, а не губитник. Затоа и сакав да направиме документарец. Втор за него. Поинаков. Од друга перспектива. Од перспектива на еден човек-јунак кој се бори со Градот којшто не сака да му продаде векна леб. За јунакот што се бори со Градот каде не сакаат да ги примат неговите пари за да плати комуналии. Можете ли да замислите каква е таа средина која не сакаше да му продаде леб и млеко за да ги нарани своите деца кои во тие моменти биле уште живи!? Документарци се прават за големи луѓе, за силни личности. Тоа е смислата на уметноста. Да ја видиш духовната големина на еден човек. Таков беше Стојан Конев. Голем човек. Иако изгуби буквално се, во моментот кога ги погреба своите две малолетни деца и сопругата кај кои болеста се разви тој најде сила да живее само со една цел, а тоа е да раскаже, да предупреди што повеќе луѓе за тоа какво зло е СИДАТА. Е, тоа е јунаштво. Да најдеш сила, во една малограѓанска, затворена средина да зборуваш за својата трагедија, без цензура, да ги исповедаш сите детали на сопствената несреќа, тоа е јунаштво. Да не го знаев лично, можеби ќе постоеше можност да се сомневам во неговите мотиви, но тврдам дека човекот раскажуваше со мисија. Да спаси што повеќе луѓе во тоа време кога сосема малку се знаеше за СИДАТА. Мојата идеја за поинаква перспектива на оваа приказна ја раскажав на мојот професор по Драматургија, проф. Русомир Богдановски, за мене клучна фигура во мојот креативен и авторски развој, човек во кој гледав духовен татко, заштитник и поддршка, и едноставно побарав заедно да го работиме документарецот. Тоа беше голема тема, лизгав терен за релативно млад автор, а покрај него знаев дека нема да има можност за грешка. Знаете, одговорност е да се зафатите со документаристика. Пенетрирате директно во животот на реална личност, и ужасно е опасно да му направите штета. Особено, Стојан Конев беше лизгав терен.  Градот го стигматизираше. Средината го презираше. Живееше отфрлен и осуден. А јас сакав да го покажам каков јунак е. Тоа беше предизвикот со кои се зафативме заедно со Русо и екипата.

Какви беа тогаш вашите знаења за СИДАТА, што знаевте за болеста, каков беше вашиот впечаток за Стојан, дали воспоставивте добар  однос и соработка за време на снимањето на филмот?

Кога се снимаше филмот веќе се знаеше многу за сидата. Не се знаеше за тоа колку средината може да биде сурова кон жртвите на оваа болест. Колку малку сочувство може да има кон ранетиот. Тоа некако и денеска не се знае. Ужасно е да си различен овдека. На било кој начин. Средината брза да ти залепи етиката. Да те бележи. Да те сврсти во некоја рамка, само за да се огради од тебе. Од несреќата што те снашла. Така малограѓанската средина се чувствува побитна. Посилна. Тоа е проблем со кој тогаш бев опседната, а богами и денеска. Во време на ковид-19 пандемија, во која е срамно да кажеш дека си болен. Зошто? Затоа што ќе бидеш стигматизиран. Затоа што ќе те бележат. Зошто мислите дека е толкава смртноста кај нас? Зошто доцна се јавуваат луѓето на доктор? Пробуваат да скријат. Овдека се кријат нештата, сѐ уште се кријат. Се кријат болестите, се кријат самоубиствата, се кријат загубите. Тоа се теми за уметност, оти смислата на уметноста е да го подигне ѕверот високо над толпата, за сите да го видат, така викаше проф. Горан стефановски. А, во случајов ниту сидата тогаш, ниту Ковидот сега не е ѕверот. Ѕверот сме ние. Тој е во нас. И длабоко треба да се замислиме што правиме. Емпатијата, сочувството и сомилоста се врвни квалитети на една личност. Ако се изгубени, изгубен е и човештилакот. Е, за тоа беше нашиот филм. Сметам дека темата и денеска е страшно актуелна. Па треба повторно да го погледнеме.

Што чувствувавте тогаш, кога се соочивте со една ваква приказна, сепак, две деца починаа гладни и во нечовечки услови за живот, какви беа вашите чувства тогаш, а што мислите денеска, од оваа временска дистанца за сето ова?

Во докуметарниот филм не се пишува класично сценарио. Камерата што понезабележително треба да влезе во животот на јунакот. Да го следи во чекор без да додава или одзема. Најдобрите документарци се оние каде што има најмалку интервенции. Во документаристиката животот е посилен од сценариото. Така да, ова што погоре ви го раскажав беше концептот. Имавме нешто како сценослед, потточки по кои би се движел филмот. Не можеш во документарен филм, да предвидиш што ќе се случува, каде ќе те одведе ликот, во каква ситуација ќе се најдеш, кого ќе сретнеш. Борбата е потоа, во монтажата да ја составиш приказната без да ја повредиш. Да ја поддржиш примарната нишка, автентичната атмосфера. Да не го менуваш, туку да го одржиш сензибилитетот на јунакот од почеток до крај. Единствено нешто што беше интервенција од наша страна, и тоа благодарение на прекрасниот авторски сензибилетет на Русомир Боградовски, е отфрлањето на една сцена во која Стојан од под перница извлече огромен ловечки нож. Застрашувачки голем и остар. Ни го покажа дека го чува за самоодбрана. Ја снимивме сцената, целата негова исповед зошто спие со толкав нож под перница, ама не го ставивме во филмот. Всушност, тогаш Стојан беше во една ужасна состојба. Како малку да му беше смртта на семејството, отфрленоста од средината, па згора на се заради неплатени долгови го бркаа и од станот во кој живееше. Државен беше станот. Му бараа 10 000 евра, за да остане. Или така нешто. Човекот спиеше на душек без кревет. Станот беше празен, се имаше продадено за да преживее. И го бркаа. Рече, ќе ме направат бездомник. Затоа го чувам ножов под перница. Таа сцена одлучивме да не оди, оти тоа не беше тој. Тоа беше неговиот моментален очај. Стојан е јунак, борец, а не убиец со нож под перница. Тоа беа моите чувства и тогаш, и сега.

Дали знаете што се случува со Стојан? 

После филмот тој ми се јавуваше. Си зборувавме долго. Ми раскажуваше дека оди на трибини, на медицински конференции. Дека зборува за својот случај. Тој ја најде својата смисла во својата приказна. Како што и ние писателите ја наоѓаме смислата во своето пишување. Потоа, престана да ми се јавува. За жал.

Вие зад себе имате огромен опус, и на сценарија за театарски претстави, и за филмови, но и два (?) романи…Што ви е омилен дел од работата, кога пишувате роман, кога работите на сценарио за  театарска претстава, за филм?

Омилен дел од работата ми е набљудувањето. Не можеш да пишуваш ако не набљудуваш. Ако не ги запазуваш деталите, емоционалните состојби во себе и околу себе. Треба остро око за да се избере и собере материјал вреден за пишување. Треба да го откриеш вредното во некого, и да ја следиш неговата посебност. Да ја запазиш и запомниш. Емоционално да ја запомниш. Да го создадеш јунакот на твојата драма, или песна или роман, значи да можеш да го видиш, да го препознаеш она жарче што го носи, а е вредно за творештво. По можност и да се вљубиш. Јас сум вљубена во своите ликови. На пример во Сарџо Караџа Брадина од мојот роман „Џулијано Понти“, со сета негова раскош. А, Анархистите, на пример ми се најдобри другари. Многу ги сакам. Ете тоа ми е омилениот дел од работата. А потоа во која форма би го напишала е прашање на избор, по можност правилен, затоа што не секоја приказна е за филм, не секоја за роман, не секоја за песна. Создавањето дело е божествена мисија. Се граничи со создавање на живот. А, за тоа е потребна посебна психофизичка состојба, посебна поставеност на духот. Не можеш да пишуваш без да набилдаш емоционален материјал во себе, и силно да го одржуваш. Треба силна борба да не излезеш од таа состојба на творење, затоа што секојдневните активности се ужасно агресивен непријател на процесот. Едноставно треба да успееш да го одбраниш.

[better-ads type='banner' banner='999' ]