Никогаш не сум питачел, не сум крадел и не се плашам од работа

Деветнаесетгодишниот Валентин Ракип, едно од многуте невидливи деца во Македонија, има 6 браќа и сестри, мајка му ги оставила кога имал 12 години, а татко му починал пред 4. Има само една желба - да добие документи и да работи. Тој е дел од продавачите на „Лице в лице“ и дел од извиднички одред кадешто стекнал многу пријатели. Додека зборувавме, помини-замини, застануваше по некој од неговиот извиднички одред да го поздрави, деца од Дебар маало, реонот во кој Вале е како дома.

0
418

Скопјанецот Валентин Ракип, има 19 години, но сѐ уште нема матичен број, нема лична карта, нема никаков документ, како воопшто и да не постои. Тој е еден од невидливите, исто како што беше и Тони Сали, момчето кое почина пред неколку дена, заглавено во бирократските лавиринти. На средбата дојде со Магдалена Чадиноска Кузманоски, една од првите 10 социјални ментори во регионот кои работат со продавачите на „Лице в лице“. Додека седевме со нив во Дебар Маало, веднаш до зградата во која е канцеларијата на „Лице в лице“, постојано не прекинуваа луѓе од околината, соработници и пријатели, но најчесто се тоа познаници и пријатели на Валентин. Конкретно, двајца од оние кои дојдоа да го поздрават и одблизу и да го викнат подоцна да им се придружи, беа негови врсници со кој се спријателил во сојузот на извидници кадешто членува повеќе од една година, а потоа и една девојка од истата дружина, но од постарите извидници, за која ни кажа дека му е најблиска и дека го разбира како постара сестра.

„Многу сакам да одам со извидниците, се запознав со многу луѓе таму. Овие сега што ги видовте, каде и да ме сретнат и со кого и да се, се поздравуваат со мене, ме почитуваат“, ни кажува Валентин со гордост, а во тој момент се појавува и девојката која ја спомна, Снежана, на која не ѝ требаше многу за да го убеди за следната извидничка авантура, на Китка.

И така, додека неговите пријателства во овој сосема поинаков свет од тој во кој пораснал и каде што живее, се шират, Валентин е меѓу стотиците невидливи кои се соочуваат со проблеми на секој чекор, проблеми за кои многу од нас, а особено тие деца кои се сега негови другари, не ни размислуваме, бидејќи ги добиваме со раѓањето. Немаат матичен број, не можат да се лекуваат, да се школуваат, ниту да се вработат и да отворат сметка во банка. Немаат право на социјална помош, ниту пак можат да се движат слободно бидејќи немаат документи, едноставно, ги нема во системот, тие за државата не постојат.

Но, иако немаат регистриран граѓански статус, ниту каков и да е документ за своето постоење, па немаат ниту никакви права, сепак, понекогаш им се случува да станат видливи. На пример, како во случајот на Валентин, кому деновиве му стасал за наплата нотарски долг за неплатена сметка на неговиот покоен татко. Замислете, истиот тој татко за кој преку ДНК тест требаше да докажува дека му е татко (Валентин морал да направи ДНК тест што ќе го потврди татковството, по основ на неговата сестра, единствената од сите деца која таткото ја признал пред да почине), за да може потоа да дојде до потребните документи кои ги бара државата од него за да го внесе во системот. За нотарскиот долг од 4 илјади денари, не му треба ниту ДНК тест, а иако нема лична карта, ниту матичен број, долгот некако стасал до него. Замислете!

А што ако не го плати? Нели нема доказ дека татко му му е татко, нели нема матичен број, лична карта, сметка во банка?

За среќа, Валентин веќе две години е дел од мрежата на продавачи на  уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“. Од јануари годинава со него работи неговиот социјален ментор, Магдалена, која освен со процесот за добивање на документи, сега мора да се занимава и со собирање на документи за да се ослободи од споменатиот долг.

По спроведената прва фаза од процесот на социјално менторирање, тој е подготвен да работи, но немањето матичен број и неговото непостоење за системот, го оневозможуваат тоа.
Со овој проблем најчесто се соочуваат децата кои ѝ припаѓаат на ромската заедница, особено доколку се родени во домашни услови, како Валентин, или доколку нивните родители не поседуваат важечки лични документи или едноставно, не го регистрираат раѓањето на своето дете во законски утврдениот рок од 30 дена, па подоцна за ова им се потребни уште дополнителни документи кои тие не можат да си ги дозволат, ниту пак можат да се снајдат во лавиринтите на нашата администрација.

Од неговите 6 браќа и сестри, од кои најстарата има 28 години, а најмалата 14, документи имаат само неговите две постари сестри. Валентин, неговите браќа и најмалата сестра пак, иако сите од исти родители и со исти околности, немаат никаков документ.

Татко им завршил во затвор, затоа што, како што отворено кажува Валентин, почнал со некои лоши работи (‘почна да краде’), а неговата мајка ги напуштила кога тој имал 12 години. Оттогаш децата растеле сами, но останале заедно и ниту едно од нив не тргнало по лош пат.

„Ние сме навикнати сами, од 12 години сме без родители, можеше секој по свој пат да тргне, можеше некој од нас и лош пат да фати, ама ние сме сложни и останавме заедно. Големата сестра се омажи ама кога и да има проблем дома, таа доаѓа.

Јас работам од 13 години, а и браќата. Кој и да не викне за работа, одиме, дали за истоварање дрва, дали за градежни работи или нешто трето, никогаш не одбиваме работа, а зборот питачење не сакам ни да го слушнам. Никој од нас не питачел, а единствената работа што не ја сакам е ѓубреџија. Ако не бараш работа, нема да најдеш и нема да имаш да јадеш и да пиеш“, свесен е Валентин.

Неговата желба пак, да стане готвач, додека не извади документи, не може да се исполни.

Мајка му е жива и живее во Франција. Таму има уште 3 деца, но тие немаат никаков контакт со нив.

„Да ви кажам искрено не ја ни барам мајка ми повеќе. Дури и да ја видам на улица, не би ја повикал. Кога некој ќе те остави како дете, а после ќе се јавува одвреме навреме за да праша како си, што да му кажеш? Сега имам раце, имам нозе, имам памет, возрасен сум, не ми треба повеќе мајка. Ниту јас имам корист од неа, ниту таа од мене. Пред некое време испратила пари кај најстарата сестра, и таа ни ги донесе, за јадење, но почесто мисли на нас баба ни, мајката на мајка ми која исто така живее во Франција и ѝ се лути на мајка ни затоа што не оставила. Ни испрати пари за Бајрам“, се пофали Валентин.

Освен најстарата сестра, сите други живеат заедно, во Шутка, во две соби. Во едната соба од неодамна живее постариот брат кој скоро се оженил, а другите се заедно во другата соба.

Валентин не одел на училиште до 13 години. Не знаел ниту да чита, ниту да пишува. На 13-годишна возраст, некој сосед му помогнал да дојде до Дневниот центар за деца од улица.

„Дотогаш не ни знаев дека постои ваков центар. Отидовме таму ние четворицата, помалите. Таму не прашаа дали имаме документи, им кажавме дека немаме. Ирена од центарот многу се грижи за нас, таа ме научи сѐ, ме описмени, ме научи на култура, ме научи како да разговарам со луѓе. Еден ден ме прашаа дали сакам да одам во училиште, им реков дека сакам, па почнавме да одиме во основно заедно со најмалата сестра. До петто одделение учев со малите деца, јас бев најстар таму, а потоа, од петто, ме префрлија. За една година земаш две, за да завршиш побргу. И така завршив, а и оценките не ми беа лоши. Сестра ми и двајца браќа веќе имаа учено таму, па покрај нив ме знаеја сите во училиштето. Сега оценките ми стојат во дневниот центар, зашто кај нас дома ќе се изгубат. Сакав да се запишам и во средното училиште „Лазар Танев“ и отидов таму со Ирена и уште двајца ученици. Јас имав тогаш 17 години, и ми рекоа сум задоцнил една година, па не успеав да се запишам. А многу сакав да учам таму. Ама тоа е, сепак се надевам дека ќе добијам шанса да станам готвач. Кога сум сам дома сам си правам нешто за јадење, манџа, макарони, јајца, а кога сме сите, јадам што има, не пребирам.

Откако почнав да работам со списанието, многу сум задоволен. Почнав пред две години, ама веќе имав искуство затоа што порано одев со татко ми, додека беше жив, зашто и тој во еден период го продаваше списанието и ме научи како треба. Затоа, кога дојде време да почнам да продавам, не ми требаше никаква обука“, вели гордо Валентин.

Бидејќи принципот на продажба е таков што пола од сумата за продавачот, продавачите ја добиваат веднаш, тој многу се труди. На пример, ако денес продал 10 списанија, ќе си оди дома со 500 денари, а самиот си одредува колку, кога и каде ќе продава. Сепак, периодот кога не работеа кафулињата, ниту продавачите немале каде да продаваат. Ама Валентин не се плаши од работа, не одбива никакви работи и вели дека за овие 6 години работел сѐ и сешто, само не крадел и не питачел.

После еден час од разговорот со Валентин и со Магдалена сфаќаме дека за дете кое расте без грижа на родители, Валентин е вистински позитивен пример, некој кој сигурно чекори по вистинскиот пат. Валентин многу добро знае што сака и прави сѐ за да успее во тоа. Ако зборуваме за пороци, доволно е да кажеме дека не сака да пие дури ни кафе зашто слушнал дека тоа не е баш здраво. Цигари не му ни паѓаат на памет.

За јадење, вели, се снаоѓаме, кога и да се јавам кај наставничката Ирена, таа знае што ми треба, ќе ме праша веднаш дали сум јадел, дали имам проблем, многу ни помагаат и од дневниот центар за деца од улица и младите правниците и мојата менторка Магдалена, која се чувствувам како да ја знам цел живот, а не само 6 месеци“, вели Валентин и додава: „Да не беа тие, незнам што ќе беше со мене“.

Сега останува Валентин конечно да ги добие документите и државата да го направи видлив, а потоа, подготвен е за некоја посериозна работа. Од првата плата ќе ги почести луѓето кои секојдневно му помагаат, а планира да ѝ купи подарок и на најмалата сестра.

Во меѓувреме, неговата менторка Магдалена води тешки битки со пасивниот систем, а на секој чекор од нивниот пат, се соочува со пречки.

„Кога се јавувате во институциите, тие си ја префрлаат одговорноста едни на други, наместо да се погледне пошироката слика, да се види што ќе му донесе тоа на Валентин. На пример, кога знаете дека нема како да се прехрани во моментот, освен продажбата на ‘Лице в лице’, треба да направите отстапка, исчекор од строгите норми, бидејќи сепак станува збор за некоја повисока цел. Можевме да му најдеме вработување, ама додека не извадиме документи, тоа не е можно. Во меѓувреме, се обидов да го пријавам во емисијата ‘Брза кујна’ за да се запознае одблизу со неговите идоли Марк Де Јонг и Никола Мишковски, но сѐ уште немам одговор. Се надевам дека на крајот сѐ ќе се заврши добро за Вале, зашто тој е навистина златно дете“, вели Магдалена.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]