Нивните методи некои ги сметале за генијални, а некои за садистички: кои се денеска децата Никитини?

Никитини биле сосема сигурни во една работа: детето ќе се развива физички и психички само - сѐ што е потребно е да се создадат услови што ќе го поттикнуваат на тоа.

0
546

Во 60-тите години од 20.век, обичното семејство на Борис и Лена Никитин, со невообичаено многу деца, станало славно низ тогашниот СССР. Своите седум деца Никитини ги воспитувале според својот сопствен систем за ран развој, кој бил многу чуден за тоа време. Тие напишале многу книги за своето искуство, за нив се правеле филмови, а логичките табли и загатки што тие ги измислиле биле многу барани. Сепак, принципите по кои Никитини ги воспитувале своите деца постојано наидувале на осуди.

Како почнало сѐ?

Инженерот по воздухопловство Борис Никитин не се согласувал со методите на едукација на младите во СССР. Се заинтересирал за педагогија, и во 50-тите години се обидел да отвори свое училиште, но властите му го забраниле ова. Ја запознал својата идна сопруга Лена, наставничка по руски јазик, на семинар за педагогија. Борис бил постар четиринаесет години, но сличните погледи на животот и заедничките интереси – педагогија, уметност, училишен систем – го направиле своето.

Излегло дека „училиштето на иднината“ што надлежните не му дозволиле да го отвори, го создале во своето семејство. Синот Алексеј е роден во 1959 година, потоа во 1960 година – Антон, во 1962 година – Олга, во 1964 година – Ана, во 1966 година – Јулија, во 1969 година – Иван, а најмладата, Љуба, во 1971 година.

Како експериментирале на децата

Никитини биле сосема сигурни во една работа: детето ќе се развива физички и психички само – сѐ што е потребно е да се создадат услови што ќе го поттикнуваат на тоа.

Не е работата на родителите да го тераат, туку да го насочуваат. И да се радуваат на успехот и да го поддржуваат, но исто така, да не го заштитуваат претерано за да не им ја задушат самостојноста.

Поттикнувањето на способностите треба да започне што е можно порано. Ако на детето не му се даде оваа можност, неговите таленти на крајот ќе згаснат и неговиот живот ќе му биде здодевен.

Следниве принципи Никитини ги сметале за свои пронајдоци:

Здравје и физички развој: околината не треба да биде стерилна, челичење и гимнастика уште од детството, лесна облека, едноставна исхрана без прејадување, вежбање дома. Сопружниците ја направиле спортската опрема дел од домашната атмосфера, такашто задоволството на движење и физичка активност лесно станале животни навики на децата.

Емоционален развој: доење од првите минути од животот и секогаш кога детето тоа го бара, чест физички контакт со мама и тато, заедничко спиење, можност за истражување на светот без непотребни ограничувања, разни заеднички активности со родители, усмереност на помагање на другите.

Интелектуален развој: богато „развојно опкружување“, броење, букви, читање, мапи, загатки, и конечно, специјални игри кои ги осмислиле родителите. Игрите имале за цел развивање на аналитичките и креативните способности во согласност со склоностите и интересите на децата. Децата никогаш не биле принудени да се занимаваат со нив.

Креативен развој: семејството ја поддржува креативноста во сите свои форми, како и нестандардни решенија и откритија.

Зошто почнале да осудуваат па и да ги прогонуваат

Денеска, овие принципи изгледаат природно, но во тоа време роднините и јавноста биле огорчени. Многумина мислеле дека Никитини ги ставаат во опасност децата, дека ги лишуваат од детството и се изживуваат со нив. Најголем отпор предизвикало челичењето, раното читање и самостојноста на децата. Сопружниците морале да го бранат своето право да ги одгледуваат своите деца онака како што тие сметале дека треба.

И сè затоа што не криеле дека прават гимнастика со бебињата, дека трчаат со децата по снег, дека ги челичат со ладна вода и дека им дозволуваат да им помагаат на возрасните во сите работи. На пример, момчињата уште на три години успеале да си направат себеси играчки со помо на чекан и пила. И, се разбира, си играле според нивните методи.

Резултатите од нивниот пристап ги инспирирале сопружниците и ги увериле дека се во право. Децата поретко се разболувале од другите деца, растале самостојно и биле љубопитни, на возраст од три години знаеле да читаат, а со четири години решавале едноставни равенки. Тие поаѓале на училиште порано, лесно го совладувале материјалот, ги прескокнувале одделенијата.

Во 1965 година бил снимен првиот филм за семејството Никитин, „Дали сме во право?“, во кој разговарале за нивните искуства и можности.

Со текот на времето, тие признале дека направиле некои грешки

На прашањето дали се обидуваат да направат вундеркиди од своите деца, Лена и Борис секогаш одговарале негативно. Тие рекле дека тоа не е „ран развој“, туку навремен и дека на овој начин секое дете ќе стане паметна, независна, креативна личност која ќе се најде себеси во животот. Меѓутоа, кога децата пораснале, Лена и Борис признале дека не успеале сѐ да помине без сериозни грешки.

Како прво, Никитини буквално живееле како под лупа. Семејството било под постојан надзор од непознати и од противници. Кога станале возрасни, децата зборувале за тоа дека не се чувствувале заштитени од приказни и интриги. Телевизија, новинари, педагози, доктори, соседи и соученици – сите постојано расправале и го осудувале животот на нивното семејство.

Од друга страна, животот на децата најмногу се одвивал во домот. Тие не оделе во градинка и секогаш биле најмлади во училиште, такашто не било лесно да се најде заеднички јазик со врсниците. Во исто време, вратите на нивната куќа биле постојано отворени за разни гости, пријатели и истомисленици.

Големиот јавен интерес за необичното семејство во одреден момент физички ги одзел Борис и Лена од нивните деца. Патувале низ целата земја, држеле предавања, пишувале книги, гостувале на телевизија. Имало моменти кога децата се чувствувале емотивно ускратени. Но, секогаш во семејството постоела атмосфера на љубов, родителите постапувале со сите љубезно и без предрасуди и успеале да ги надминат тешкотиите.

Фактот дека во детството лесно се стекнале со сите знаења и вештини, на некои од децата им создале илузија дека и во иднина сѐ ќе научат преку игра, не биле навикнати на строга дисциплина. Затоа, стекнувањето на знаење што веќе не можеле да го добијат во семејството одело потешко. На пример, само во подоцнежните години ќерката Јулија сфатила дека мора да го учи и она што не го сака. Во исто време, сите деца на Никитини тврдат дека нивните детски навики да бараат нестандардни решенија им помогнале многу во нивниот професионален живот.

Сите седум деца пораснале во креативни и образовани луѓе кои се задоволни од својот живот. Тие се меѓусебно поврзани, честопати се дружат и разговараат со топлина и голема почит кон нивните родители. Дел од искуството на нивните родители тие и самите го применуваат. Благодарение на нивните заложби, повторно се објавуваат книгите на Никитини и развојните игри. Сепак, тие ја штитат приватноста на нивните семејства од новинарите и љубопитните. Ниту еден од внуците на Никитини не тргнале на училиште пред време.

Кои се денеска децата на Никитини, кои на своите родители им подариле 27 внуци

  1. Најстариот син, Алексеј, живее во Лондон. Тој е професор по физика по професија и работи како консултант за развој на електроника. Оженет е, има две деца.
  2. Втор по раѓање е Антон. Дипломирал на одделот за хемија на Московскиот државен универзитет. Бил на раководечки позиции во производниот сектор. Антон има две деца и четири внуци.
  3. Олга дипломирала на Правниот факултет Ломоносов. Работела на високи позиции во големи компании. Воспитала две ќерки. Денеска се занимава со три внучиња.
  4. Ана Никитина дипломирала медицинско училиште. Таа е мајка на четири деца и четири внуци. По професија е дула.
  5. Јулија е новинарка. Дипломирала на Московскиот државен институт за култура. Има две ќерки.
  6. Иван стекнал високо образование во областа на радио и телевизиското емитување. Тој и неговата сопруга израснале пет деца.
  7. Љуба дипломирала Библиотекарство. Таа работела само три години, а потоа станала домаќинка. И таа е мајка вредна за восхит: Љуба веќе има десет деца и две внучиња.

Четири семејства живеат во Подмосковје, во домови недалеку од стариот родителски дом. Децата, внуците и правнуците честопати се собираат на семејни прослави и редовно организираат отворени фестивали на семејството Никитин.

Семејството има веб-страница со информации за нивниот живот, нивниот систем на воспитување, книги и филмови за нивните родители.

Образовниот систем на Никитини е признаен во Русија, Германија, Јапонија, Америка…

Текстот е од ТУКА.

[better-ads type='banner' banner='999' ]