Рејчел Гарлингхаус е мајка на четири деца, која ужива да готви и да пие многу кафе, а во октомври – месец на борба против ракот на дојка, се потсетила на својата борба и решила да го сподели своето искуство со другите. Го пренесуваме нејзиното писмо во целост.
Познато е дека жените, особено мајките, ги одложуваат рутинските контроли на лекар. Премногу сме зафатени. Немаме време. Не можеме да го следиме денешниот ден, а уште помалку да мислиме за утре. Разбирам. Имам четири деца и поголемиот дел од денот ми е матен и минува брзо. Меѓутоа, како жртва на рак на дојка, сакам да знаеш дека ракот не чека време што ќе ви одговара, време кога ќе имате помалку други обврски и повеќе слободно време за себе. Тој само се појавува тогаш кога нему му одговара.
Имав триесет и пет години кога ја најдов третата грутка на моите гради. Првите две беа бенигни и беа отстранети со лумпектомија. Кога ја открив третата грутка, претпоставив дека е бенигна исто така. Го посетив мојот гинеколог кој ми закажа ултразвук и за прбпат, мамограф. Ми се јавија и ми рекоа дека сè изгледа како да е нормално и дека треба да ја повторам снимката за шест месеци. Сепак, нешто во мене ми велеше дека не е толку едноставно. Побарав второ мислење, направив биопсија на дојката и потоа ми ги кажаа вестите што ниту една жена не сака да ги чуе. Имав рак на дојка.
Вака стојат работите – бев млада, пет години под вообичаената препорачана возраст за рутински мамограф и немав други фактори на ризик за рак на дојка. Немав прекумерна тежина, ретко консумирав алкохол, никогаш не пушев, вежбав неколку пати неделно и јадев здрава храна.
Веднаш штом го откривме ракот, лекарот направи тест BRCA1 и BRCA2 (гени на рак на дојка). И двата беа негативни. Исто така, немав семејна историја на рак на дојка, дури ни далечен роднина, како пра-тетка или друг роднина. Имав само еден фактор на ризик за рак на дојка – земав апчиња за контрацепција седум години.
Некој би помислил, имајќи го предвид целокупното добро здравје, дека нема да бидам онаа жена со дијагноза на рак на дојка. Сепак, тоа едноставно не беше случај. Станав една од осум. Реалноста е дека на секоја осма жена ќе во текот на животот ќе ѝ биде дијагностициран инвазивен карцином на дојка.
Исто така е важно да се знае дека според ЦДЦ, 11% од случаите на рак на дојка се јавуваат кај жени на возраст под четириесет и пет години. Мамографијата обично не се препорачува до четириесетгодишна возраст. Ова значи дека жените под четириесет години ќе мора да се потпрат на самопрегледот на градите.
Месечните самопрегледи на градите се клучни за здравјето на жените. Мора да ги запознаете сопствените гради, да разберете што е нормално, а што не. Вие не само што треба да ги чувствувате, туку и да ги гледате, да набљудувате какви било промени во изгледот. Но, не обидувајте се да поставите дијагноза со помош на Интернет. Гугл не е лекар, ниту пак странците во групите на социјалните мрежи.
Премногу пати жените се потпираат на изреката „она за што не знаеш нема да ти наштети“ кога станува збор за сопственото ментално, емоционално, духовно и да, за физичкото здравје. Сепак, незнаењето обезбедува лажно чувство на безбедност. Ракот на дојка не е заинтересиран за вашиот приход, образовниот статус, за тоа што се случува во вашиот живот, за расата или возраста. Ракот на дојка демне и напаѓа кога најмалку очекувате!
Па ако најдете или видите нешто сомнително на градите, не е добра идеја да „почекате и да видите“. Што чекаш? Раното откривање и лекување во голема мера може да го промени вашиот живот и животот на сите што ти се важни.
Те молам, послушај ме. Мојот карцином не ме чекаше мене и не чекаше подобро време, подобра организација ниту ми даде време да се подготвам. Јас бев мајка на четири деца, вклучувајќи и едно новороденче, кога ми беше дијагностициран. Октомври е месец за свесност за рак на дојка, важен потсетник дека мора да продолжиме да се потсетуваме на проактивен пристап кон нашето здравје. Сепак, нашите гради не го заслужуваат нашето внимание само еден месец во годината, кога насекаде гледаме розови панделки. Нашите гради се важни секој ден, секој месец, секоја година.
Фото: Фејсбук