Ова не е осуда, искрено сочувствувам со сите што ги мачи ова, тоа ми е работа, често сум со луѓе кои поминуваат низ ова и многумина од нив ги сметам за исклучително добри, драги луѓе. Не сте лоши ако детето ви е лош ученик. Едноставно не знаете. Ајде сега да преминеме на решението.
Треба да постигнете две работи:
Првата е да бидете авторитет!
Најважен дел од секоја промена на животните околности е всушност промената на нашиот ментален склоп, нашите уверувања.
Генерациите што пораснале со медиумите (телевизија, книги, списанија…), а тоа сме ние, ги стигна нова мода во воспитувањето. Не сме свесни дека ни е всаден непознат начин на размислување, за нас неприроден, за кој нѐ убедиле дека е подобар, а кој не би сакал да биде подобар?
За жал, тоа го зеде својот данок. Пред појавата на медиумите на родителите им било неспоредливо полесно да бидат авторитети. Речиси може да се каже дека тоа не било родителски предизвик, бидејќи како воопшто би можело да се дојде до тоа моќниот (возрасна личност која ги има сите ресурси во свои раце) да се воздржува пред немоќниот (дете кое не може да преживее без возрасен).
До неодамна речиси на сите им поаѓало од раце поставувањето цврсти граници од едноставна причина што тогаш родителите биле ослободени од идејата дека сѐ треба да се решава „со убаво“, реагирале автентично, природно, со самодоверба и со самото тоа биле ефикасни. За да ви помогнам во ова, ќе ги напишам за вас барем неколкуте најчести погрешни уверувања и ќе им ги спротивставам точните.
На децата треба убаво да им се објасни каква корист имаат од училиштето, бидејќи кога ќе го сфатат тоа, ќе почнат да учат. ПОГРЕШНО!
Можете да им објаснувате до утре! Залудно е! Децата колку и да сфаќаат како стојат работите, немаат механизми со кои можат континуирано да се поттикнуваат на работа. Тие го можат тоа, само ако некој претходно ги дисциплинирал, па потоа тоа прераснало во самодисциплина. Децата не го завршуваат тоа сами, залудно се надевате.
Училиштето едноставно не го интересира. ПОГРЕШНО!
Не станува збор за тоа дали некое дете го интересира училиштето, централна тема е пристапот кон обврските, односно развиеноста на чувството на одговорност кај детето. Не мора да нѐ интересира сѐ што правиме.
Мене воопшто, како ни вас, не ме интересира миењето садови, но ги мијам бидејќи сум личност која е структурирана така, да не ги избегнува тешкотиите. Им одам во пресрет, излегувам редовно од зоната на комфор, се ставам себеси во ситуации во кои се плашам или трпам, или на некој друг начин ми е тешко, бидејќи од мали нозе сум била ставана во такви ситуации. Па, немојте да се трудите од училиштето да направите забавна активност, туку направете ги децата одговорни.
И третото, па тука ќе застанеме.
Тоа дете е такво, тврдоглаво. ПОГРЕШНО!
Работните навики немаат врска со карактерот. Тие може да се развијат кај сосема различни типови личности на деца.
Втора работа е да смислите цврст систем!
Кога ќе го промените своето уверување, ќе бидете во состојба да создадете систем без дупки, односно систем во кој вашето дете не може да не работи, односно не може да не учи.
Ова често го споредувам со добро организирана фирма. Знаете и самите дека постојат фирми со одличен систем и каде што не постојат неработници. Поточно, тие формираат такви услови во кои сите вработени мора да работат.
Што ги дефинира таквите системи?
Јасна поделба на задачите, префрлање одговорност на вработениот за својот дел од обврските, постојана контрола на извршеното, постоење последици за неизвршени работи кои се такви што работниците не можат да се навикнат на нив и кои се однапред посочени со статутот за сите вработени, има одговорни лица за спроведување последици, не постои еластичност, односно простор за провлекување.
Се разбира, семејството е нешто друго, неспоредливо потопло. Тоа е емотивна заедница, а основен елемент на поврзаност е љубовта, но не смееме да ја заборавиме и неговата функционална задача, односно дека и семејството е работна заедница во која сите имаат свои должности.
За да функционира тој дел и да ги подготвиме децата за самостоен живот, сличен на оној на добро организирана фирма, ние треба да го дефинираме начинот на семејното функционирање, односно: Да биде јасно утврдено кои обврски чии се, детето децидно да знае каков училиштен успех се очекува од него и што е негов дел од домашните обврски со сите рокови. Целосно префрлање одговорност на секој член за својот дел, што за вас родителите значи да не го опоменувате детето да учи, да не седите со него, да го осамостоите во учењето.
Ваше е да вршите постојана контрола на сработеното. Тука се мисли буквално секојдневно, редовно додека не видите дека на вашето дете учењето му станало редовна навика. Потоа можете постепено да се повлекувате.
Однапред соопштете му ги на детето последиците за неизвршените обврски. Нека бидат такви што детето на нив не може да се навикне, но внимавајте, одземањето на телефонот или забраната за тренинг главно не е ни блиску до доволно, на тоа може да се навикне. Бидете одговорното лице кое е во состојба последицата да ја спроведе докрај, па не избегнувајте ја улогата на лош полицаец. Сфатете дека и тоа е чин на љубов еднаков како и прегратката.
Немојте да сте еластични!
Тоа може да се реши 100%.
Успеав да го решам тој проблем многу пати, како стручна поддршка со различни родители, со различни деца, само со цврст систем и со родителска спремност на учење и промена.
Само да знаете – ќе трае.
Прашање е дали сте подготвени? Не е доволно само да сакате. Уште еднаш прашувам, дали сте подготвени?
Текстот е од ТУКА.
Фото: Unsplash