Веќе 10 дена ме прогонува на Инстаграм реклама која нуди спа Принцеза пакет за девојчиња од 6 до 12 години.
Велат нешто во стилот дека секое девојче сонува да биде принцеза и да оди на маникир, педикир и да се мачка со креми и со шминки. Имаат и пакет за Херои, но тој не е за девојчиња, туку, нормално, за момчиња.
Бидејќи ме таргетираа апсолутно погрешно, нема што да мислам, освен дека судбината сакала, јас како недевојче од 6 до 12 години и како некој што дефинитивно нема девојче на возраст од 6 до 12 години, треба да им соопштам:
Не сонува секое девојче да биде принцеза.
Една од најдобрите работи што моите родители ја направија за мене беше тоа што не ме ставија во ‘калап’.
Дали сакаш од фирма машко новогодишно пакетче наместо женско?
Може.
Дали сакаш бермуди наместо фустан?
Може.
Дали сакаш да бидеш детектив кога ќе пораснеш?
Може.
Дали сакаш да го поминеш секое лето испочукана барајќи авантури?
Може.
Дали сакаш да одиш по свој пат, иако е неизвесно?
Може.
Мајките и татковците не знаат многу работи, но кога знаат да те остават на мир да бидеш тоа што си, тоа е најдоброто нешто.
Не сонува секое девојче да биде принцеза.
Девојчињата сонуваат да бидат детективи, да управуваат со брод, да живеат на остров.
Девојчињата сонуваат да бидат хирурзи, да водат експедиции, да седлаат диви коњи.
Девојчињата сонуваат да бидат космонаути, шефови на кујни во рестораните, да основаат циркус.
Девојчињата сонуваат да бидат принцези, а притоа најголем дострел да не им бидат бањи, маски и маникир.
Девојчињата сонуваат да бидат она што ќе посакаат.
Девојчињата сонуваат шарени и огромни соништа исто како момчињата. И тој херој што не му дозволувате да му пријде на пакетот за принцезата, тој Херој, веројатно, веќе постои во секоја од нив. Оставете му барем подотворена врата, за да може да дише и да се пробива низ светот и животот. Само не го заклучувајте во подрумите на бескрајните маникири, педикири и шминки. Затоа што ако херојот во тој подрум ‘одлепи’, ќе одлепи жестоко, а зошто ви е тоа потребно?
Не сонува секое девојче да биде принцеза.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels