Читајќи еден странски текст за тоа како децата, кога ќе пораснат, се сеќаваат на своите родители, се запрашав: Како ќе ме паметат мене моите деца? И по што ние ги памтиме нашите мајки? И јас, исто како и таа мајка од САД, го направив мојот список … а пред тоа ѝ посветувам неколку реченици на мојата мајка.
Се сеќавам кога ми раскажуваше за Снежана и 7 -те џуџиња секоја вечер пред спиење. Кога ме бакнуваше лесно во чело додека бев веќе во полусон и тивко ми велеше да имам убави соништа.
Се сеќавам кога ми ја симнуваше високата температура ставајќи ми облози од некоја минатогодишна смрдлива ракија и ми ја галеше косата додека имав треска.
Исто така, се сеќавам кога се радуваше со мене на моите успеси и кога плачеше со мене секој пат кога срцето ми беше скршено.
Се сеќавам кога само таа знаеше да реши равенка со две непознати.
Се сеќавам дека беше секогаш со мене.
Се сеќавам само на неа…
И сега се прашувам … Дали сме добри мајки, дали ја работиме работата вредно, дали нашите деца ги завршиле домашните задачи, дали ги изеле двете дебели ќофтиња и лажица грашок, што сме ги оставиле во микробранова печка за да ги загреат пред училиште, дали ја спакувале опремата за физичко, дали им се тесни патиките од минатата година, дали ги наместија креветите, ја средија работната маса, дали вечерва ќе имаат кошмари, дали им го вклучивме бојлерот, дали им ги испеглавме фармерките, дали ќе имаме за да платиме за екскурзијата … Има ли крај?
Дали оптоварени со такви списоци, забораваме што е најважно за нашите деца и по што ќе не паметат?
Сакам да ме паметат, таква каква што бев додека ја извршував мојата најважна улога во животот.
Не сакам да се сеќаваат на играчките расфрлани по собите. Сакам да се сетат како заедно си игравме со нив.
Не сакам да се сеќаваат на валканите садови во кујната, изгорениот грав и пандишпањот кој и овојпат не нарасна. Сакам да ги паметат сите оние семејни ручеци кога станувавме од масата со полни стомаци и уште пополни срца.
Не сакам да се сеќаваат на купиштата паднати лисја во дворот. Сакам да се сетат како ги превртуваа, ги фрлаа високо над нивните глави и колку беа среќни тогаш.
Не сакам да се сеќаваат на солзите пролеани заради тоа што не освоија медали. Сакам да се сетат на насмевките што дојдоа подоцна кога сите отидовме на плескавица заедно со сите додатоци за да го прославиме 4 -тото место.
Не сакам да се сеќаваат на кавгите што лукаво се вовлекуваа низ клучалката како чад. Како и на сите оние неплатени сметки за струја и кабловска телевизија. Сакам да се сетат колку беа полни нивните срца кога освоивме бесплатни билети за кино на наградната игра за радио. И колку не ни беше важно што ќе видиме на големото платно, туку ни беше важно сите да сме заедно, со насмевка на лицето и кутија пуканки во скутот.
Не сакам да се сеќаваат на паѓањата на големите одмори, на пролеаните солзи заради моменталната болка и срам. Сакам да се сетат на моите лековити моќи што ги имав секој пат кога не беа ефикасни облозите или лековите против болки.
Не сакам да се сеќаваат на тортата со фондан фигури во форма на хероите од Sвездените патеки што ја имаше Милан на прославата на неговиот роденден. Сакам да се сетат на мојот пудинг од ванила со сецкани банани одозгора, прелиен со чоколаден прелив од туба што им го правев набрзина барем двапати неделно.
Не сакам да се сеќаваат на патиките на Мина од 200 евра, или на најновиот Ајфон на Душан. Сакам да се сетат на мојата радост кога конечно сфатија дека човекот не е убав поради тоа што го носи на нозете, туку поради она што го има во главата и срцето …
Затоа ниту лошите фризури, ниту убавите фризури, ниту сендвичот со салама, оризот со пилешко месо од органско потекло, ниту мозолчето на врвот на носот, ниту чорапите со излижани пети, ниту освоените медали, ниту лошите оценки, ниту петките со sвезди, ниту скапите патики, ниту патиките од пазар, ниту чувството на вина заради изедениот хамбургер, ниту најновиот Ајфон, ниту циглата од минатиот век… Ништо од тоа повеќе нема да биде на мојата листа. И затоа ќе направам нова.
Следниот пат кога ќе се запрашам дали сум ги направила сите работи од списокот погоре, прво ќе го сторам следново: ќе ги избројам сите бакнежи, прегратки, насмевки, убави зборови, нежните допири на дебелите ноџиња што се вовлекуваа во мојот кревет некаде по полноќ, сите „глупави“ прашања за кои не знаев дека постојат додека не станав мајка – ги ставив на списокот и дури тогаш ќе сметам дека сум ја завршила мојата „работа“ правилно. Затоа што тоа е списокот кон кој треба да се стреми секоја мајка.
И само тие работи од списокот треба да ни бидат важни бидејќи тие се единственото нешто што нашите деца ќе го паметат…
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pixabay