На девојчињата во текот на раснењето обично им се зборува дека кога ќе пораснат, прво ќе дојде љубовта, потоа бракот, а на крајот децата.
Но таа формула е денеска по малку застарена и повеќе не е табу да се прескокнат првите два чекори и да се стане самохрана мајка. А за ова, има неколку начини: случаен партнер, ин-витро, сурогат мајка, посвојување.
Бракот повеќе не е финасиска потпора од која жените биле зависни со векови, па кога ќе стекнат сигурност и ќе ги остварат поставените цели, често сфаќаат дека нешто сепак им недостасува. Тогаш почнуваат да размислуваат за деца. Иако голем дел од нив не се во брачна или некоја друга заедница со партнер, тие се одлучуваат на овој чекор од различни причини.
Да се биде самохран родител пред половина век било срамно и трагично, а денеска на тоа се одлучуваат дури третина од жените во развиениот дел од светот. Да не се лажеме, и денеска општеството чудно гледа на жените кои се одлучуваат да бидат самохрани мајки и се прашуваат зошто воопшто би го сакале тоа па поставуваат прашања од типот: Што не е во ред со нив? Зошто не можат да најдат маж кога веќе толку сакаат дете? Зошто се толку себични и свесно сакаат нивното дете да расте без татко? И така натаму, и така натаму.
Но сите тие имаат свои причини за ова. А тие, верувајте, во голем број случаи се едноставно единственото решение за оние кои не го гледаат повеќе смисолот на својот живот без највредното нешто што може да го создаде човек – потомство.
Денеска сѐ почесто оние жени кои се одлучуваат на ин-витро се жени на возраст помеѓу 30 и 45 години, кои зад себе веќе имаат некаква кариера и се зрели и силни личности. Најчесто се тоа високо образовани жени од кои повеќето признаваат дека се одлучиле на соло мајчинство затоа што едноставно не го нашле вистинскиот партнер, а чувствуваат дека им истекува времето за мајчинство.
„Имам веќе 37 години. Со години работев по цел ден, добро заработував, ама никако да сретнам некој со кој би можела да оформам семејство. Излегувам речиси секој викенд со другарките, ама и тоа веќе ми здодеа, секогаш е истото, ќе излеземе, ќе испиеме по еден-два пијалока, ги среќаваме истите мажи на истите места, а тие се или женети, или несериозни, или наместо за семејство, заинтересирани само за врски од 1 ноќ. Јас од секогаш сакав еден ден да станам мајка и си ветив дека ако не успеам да го направам тоа на вообичаениот начин и по вообичаениот редослед (љубов, брак/или едноставно, заеднички живот, па деца), тогаш ќе станам мајка на помалку стандарден начин. За посвојување не размислувам затоа што знам дека е тоа долга и мачна процедура, а и затоа што сакам свое дете и правам сѐ за да го остварам ова. Не ме интересира мислењето на луѓето, а тие што ми се најважни, родителите и најблиските пријатели, ме поддржуваат во ова“, вели нашата соговорничка.
За разлика од разведените или слободните мајки кои случајно забремениле, слободните жени кои свесно одлучуваат да станат мајки се во поинаква ситуација и многу луѓе сѐ уште не можат да ги разберат.
Жените кои се одлучиле на ваков драстичен, но смислен потег често се на удар на јавноста затоа што средината мисли дека жената во родителството не би смеела и не би требала да биде сама и дека во текот на животот на детето ќе му недостасува татко па често нивните одлуки се карактеризираат како луди и себични.
Но кога биолошкиот часовник почнува да отчукува, а жената сѐ уште не го нашла идеалниот партнер подобен да стане татко на нивното дете, или пак во меѓувреме го изгубила, почнуваат да размислуваат за самохрано родителство.
А тоа е тешко, но не и невозможно.
Засега единствената желба на нашата соговорничка е што поскоро да успее во својата намера.
Вели дека денеска постои можност да се избере донатор на сперма според нивните спецификации од базата на податоци на Европската банка за сперма. Таа имала можност да избере донатор на сперма и тоа и го направила, но првиот обид за инсеминација не бил успешен. Се надева дека следниот обид ќе биде успешен и со душа го чека моментот кога докторот ќе ѝ соопшти дека е бремена.
„Знам дека нема да биде лесно, но тука е моето семејство и моите пријателки кои знам дека многу ќе ми помагаат. Еден ден детето ќе ме праша за својот татко, сигурно нема да биде лесно, но сѐ уште е рано да мислам на тоа. Денеска полека веќе стануваат нормални некои работи кои во минатото не можевме да ги замислиме. Сигурно ќе му ја кажам вистината и не мислам дека е тоа полоша варијанта од другите. Впрочем, што им кажуваат на децата оние родители кои ги родила сурогат-мајка? Или што им кажуваат на оние кои ги напуштил едниот родител, на оние што биле сведоци на секојдневните кавги меѓу родителите пред да се разведат, или пак на оние кои се плод од случајно познанство и секс за една ноќ?“, прашува нашата соговорничка.
Што мислите вие за ова?
Фото: Pixabey