„Мене ова ми е исклучително возбудливо, бидејќи досега не сум држел вака настава (видео конференции се нешто друго). Се надевам дека и вам ќе ви биде, па со тоа да внесеме малку ведрина во ова наше заедничко потиштувачко сивило“, вели Небојша Вилиќ, професор по историја и теорија на уметноста обраќајќи им се на своите студенти од Факултетот за ликовни уметности.
Имено, Вилиќ вчера преку заедничката ФБ група ги информирал своите студенти дека продолжуваат со наставата по предметот историја и теорија на уметност, преку интернет.
„Драги колеги, на предлог на колегата Стефан Божиновски, денес заедно ја испробавме платформата zoom.us за да имаме настава преку интернет.
За да профункционира ова, ве молам денес регистрирајте се на платформата за да почнеме со настава од утре“, ги информираше своитте студенти професорот Вилиќ пишувајќи го во продолжение и распоредот на предавањата за студентите (Вторник: 1 година – 15:15 ч.; 3 година – 17:30 ч. и Среда: 2 година – 17:30 ч.)
Пред почетокот на предавањето јас ќе ви испратам мејл (генериран од платформата) и кога ќе кликнете на линкот веднаш се вклучувате „на час“. Само да ве известам дека платформата овозможува преглед на тоа кој е, а кој не е присутен. А можеме и на крај на часот, како и во училницата, да ве прочитам, а вие да одговорите со: „виртуелно тука“, „виртуелно да“, „виртуелно овдека“ итн.
Бидејќи ќе го гледате мојот екран (десктоп скрин), обидете се да бидете на компјутер, а не на мобилен, како би можеле да ги гледате сликите во добра резолуција.
Бидејќи денес е вторник, а веќе е доцна, за 1 и 3 година ќе има дополнително известување кој ден ќе имаме час, па засега само регистрирајте се и инсталирајте го програмот.
И не ми доаѓајте „на час“ во пижами, во тренерки и во папучи, како „за по дома“! Час си е час!“, вели професорот.