Не ги носете децата на плажа без костими за капење!

Поликлиниката за заштита на деца и млади на градот Загреб упатил апел до родителите да не ги носат своите деца на плажа без костими за капење и да не ги споделуваат таквите слики на социјалните медиуми.

0
439

Кон крајот на јули, неколкумина странски туристи биле уапсени во Истра поради снимање со скриени камери на разголените деца на плажа, што придонело за  вознемиреност на родителите и чувство дека нивните деца се секојдневно мета на предаторите. Дали има причина за паника? За паника не, но за превенција да.

За жал, поради зголемениот број на вакви случаи, Поликлиниката за заштита на деца и млади на Град Загреб, објавила советник за тоа што можат да направат родителите за да го заштитат своето дете.
Можни сторители на сексуална злоупотреба на деца се најчесто познати луѓе на кои им веруваме.

И покрај тоа што ова ни предизвикува страв, треба да знаеме дека сексуалната злоупотреба на деца не започнува секогаш со киднапирање и не завршува со силување и убиство на дете. Ако очекуваме потенцијалните сторители на сексуална злоупотреба на деца да бидат опасни странци, тоа може да нè доведе до лажно чувство на сигурност. Ваквата заблуда може да доведе до тоа да ни попушти вниманието и да не обрнуваме доволно внимание на фактот дека 90% од сексуалната злоупотреба на децата се случува од страна на лица кои им се познати. Во светот, секое петто дете е сексуално злоставувано, односно секое четврто девојче и секое шесто момче.

Значи, педофилите и сексуалните насилници најчесто се лица кои им се познати на децата, луѓе на кои им веруваме, членови на семејството, роднини и блиски пријатели. Бидејќи тие се блиски членови на семејството и пријатели, децата се плашат дека ако зборуваат за тоа што им се случува, тие ќе бидат одговорни за распадот на семејството или дека нема да им се верува.
Без намера да создаваме паника, сакаме да ги предупредиме родителите дека сексуалните насилници бараат места кадешто децата им се достапни, ако не и за физички контакт, тогаш барем за фотографирање, односно, за видео снимање, бидејќи и сликите од децата можат да им послужат за сексуално возбудување.

4 типични карактеристики на сексуалните злоупотребувачи на деца

Сексуалните злоупотребувачи на деца имаат 4 типични карактеристики.
Првата е дека сакаат да бидат во друштво на деца, сакаат деца, емотивно задоволство им е да се дружат со деца.
Втората е дека тие не можат да ги задоволат своите сексуални потреби во врска со друг возрасен, иако 52% од сексуалните злоупотребувачи на деца се во брак.
Третaтa е дека тие можат да имаат физиолошка реакција предизвикана од самото присуство на дете или со гледање на слика или видео на дете кое ги возбудува, без разлика дали детето е облечено или не, или дури и само со фантазирање за тоа дете.

Четвртата карактеристика е што тие имаат лоша контрола на импулсот или користат алкохол и лекови за да ги намалат инхибициите. Ова не значи дека алкохолот сам по себе предизвикува сексуална злоупотреба, туку дека насилниците користат алкохол и дроги за да се охрабрат да го направат тоа што го сакаат, а е спротивно на социјалните норми. Алкохолот и лековите всушност ја намалуваат контролата на нивното однесување.

Најдобро е децата да не се појавуваат воопшто голи, односно без костими за капење на плажа

Со оглед на тоа што на сексуалните насилници денес им се на располагање најразлични современи технологии, не треба да ги изложуваме децата голи ниту на плажите, ниту со објавување вакви фотографии или видеа од нив на социјалните медиуми. Најдобро е децата да не се појавуваат воопшто голи, т.е. без костими за капење на плажа или воопшто надвор од куќата, затоа што не можеме да ги заштитиме од скриените камери (на пример во пенкало, часовник, итн.) кои не можеме ни да ги забележиме.
Го велиме ова за да предупредиме затоа што повеќето луѓе воопшто не можат да го сфатат тоа дека возрасно лице може да биде сексуално возбудено на мало дете. И летото е време кога им даваме можности на насилниците.
Кога зборуваме за сексуална злоупотреба на деца, луѓето обично мислат дека станува збор за девојчиња и момчиња од пубертетска возраст. Но, факт е дека сексуалните злоупотребувачи на деца се возбудуваат на наивни и невини. Значи, колку помлади се децата, толку попривлечни им се на сексуалните насилници. Колку се помлади децата, толку повеќе „вредни и барани“ се нивните „голи“ фотографии и видеа на пазарот за детска порнографија.

Истражувањата покажале дека живеат 30% од оние кои се осудени за поседување на детска порнографија и во живо злоупотребувале деца. Ако не можат да дојдат до детето во живо, тогаш тие користат слики на деца за сексуална возбуда. Се поврзуваат преку Интернет и разменуваат вакви содржини. Секој поглед на тоа снимено соблечено дете со намера за сексуално возбудување е нова злоупотреба на тоа дете.

Научете ги децата на методи за самозаштита

Многу е важно и ние и децата да знаеме дека сексуалните злоупотребувачи на деца не личат на чудовишта и на челото не им е напишано какви се нивните намери. Наместо тоа, тие се љубезни луѓе кои знаат како да им пристапуваат на децата, каква музика слушаат, какви филмови гледаат, какви игри играат… и како да разговараат со нив за тоа.

Затоа е многу важно да ги научиме децата на начини за самозаштита, како и за развивање на доверба меѓу родителите и децата за да може детето да им се довери. На децата треба да им се објасни дека нивното тело им припаѓа само на нив, дека никој не смее да ги фотографира без родителска дозвола, дека никој не треба да ги допира, треба да се постават правила за добар и лош допир, дека никој не треба да ги гледа, да ги слика или допира интимните делови од телото. Ниту да бараат од нив да ги допрат или да ги погледнат интимните делови на телото на другите луѓе. На децата треба да им се објасни што се подразбира под странец, но и дека сексуална злоупотреба не прават само странци, и да се научат како да кажат НЕ и покрај тоа што ги учиме на пристојност.

Децата треба да се научат дека кога се чувствуваат загрозени и исплашени, збунети и засрамени, поважно е да се каже НЕ и дасе побегне отколку да бидат учтиви. Исто така, треба да се објасни разликата помеѓу добрата и лошата тајна. На пример, лоша тајна е онаа што нè тера да се чувствуваме непријатно да криеме нешто, наспроти добра тајна како кога подготвуваме изненадување за родителите – на пример, подарок за роденден.

Заборавете на социјалните мрежи

Посебно сакаме да ги предупредиме родителите да не ставаат голи слики на деца на социјалните мрежи. Еднаш, одамна, сликите на мали деца на плажа без костими за пливање беа вообичаени затоа што не го знаевме она што го знаеме денес. Денес кога го знаеме сето ова, треба да ги заштитиме децата! Откако ќе објавиме таква слика или видео на дете на Интернет, невозможно е да се контролира каде може да заврши таа слика или видео. Честопати ги прашуваме родителите како би се чувствувале ако некој ги зел нивните стари слики од албумот кога биле деца и се сликале голи, па сега им ги покажува овие слики на минувачите на улица.

Тие не би се чувствувале пријатно, исто како што нивните деца веројатно нема да се чувствуваат пријатно со овие слики кога ќе пораснат. Ова навистина не е занемарлив проблем и многу родители не се свесни за тоа. Кога спомнуваме во предавањата дека родителите објавуваат просечно 195 слики од своите деца на социјалните мрежи секоја година, обично предизвикуваме неверување кај публиката. Апелираме до родителите да не создаваат дигитален идентитет на детето со нивните голи фотографии / видеа.

На овој начин, тие ги изложуваат децата на опасност нивните слики да се користат за детска порнографија, а секој нов поглед на слика / видео на дете со цел сексуална возбуда претставува нова сексуална злоупотреба. Покрај тоа, голем број на деца со кои работиме, не молеа да влијаеме врз нивните родители да престанат да објавуваат и да ги споделуваат нивните фотографии и видеа, бидејќи тие не сакаат родителите да создадат дигитален идентитет за нив за кои тие не знаат, не можеле да влијаат или не биле прашани за согласност “.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]