Неподносливиот терор со лажна среќа на социјалните мрежи

Многумина се напнуваат, весело објавуваат дека учат фински, трчаат маратон по станот и слушаат онлајн предавања од Харвард. Дали е навистина можно да се биде весел додека сме отсечени од животот каков што досега го знаевме

0
270

Три типа колачи за Велигден. Торта, малку замачкана, за да не испадне премногу совршено. Потоа, таа, супер средена (без израсток!) на празничната трпеза: насмеана, со малку вино во нежна чаша, со која речиси ја допира вазната со лалињата. И тука пукнав: какви лалиња!?

Теророт на среќа овие денови е неподнослив.

Баш сега. Со епохален слом на американската Think Pink филозофија: Трамп го исмеваше вирусот исто како и Александар Вучиќ, Борис Џонсон инаетливо се ракуваше со заболените. Додека не заврши на Интензивна. Но, многумина и натаму се напнуваат, весело објавуваат дека учат фински, трчаат маратон по станот и слушаат онлајн предавања од Харвард. Додека едвај можам да се истуширам. Да ѕирнам на Инстаграм и Фејсбук: среќните лица на среќните луѓе ми предизвикуваат провала на бес. Уште и ако успеам со некого да се испокарам, барем мирно ќе заспијам.

Преправање

Кој е среќен што е затворен дома, што не може да оди на кино или на кафе, што можеби ќе остане без работа и без плата? Не ги поднесувам тие среќни луѓе, тие кои ми набиваат на носот колку им е ним сега супер. Кога сам се чувствуваш несреќно, се надеваш дека и другите се чувствуваат како тебе, објаснуваат психолозите. Потребни ти е другите да те разберат. А кога некој денес ќе ти сервира насмевка со чаша вино, торта и лалиња, се чувствуваш како да те ошамарил.

Едно од објаснувањата е дека луѓето од мали нозе се програмирани да се споредуваат со другите. И, се ценат себеси во однос на тоа: а колку видови колачи јас испеков?

Друго објаснување е: короната. Ако во оваа ситуација не се чувствувате ни финансиски ни емотивно повредени, вие сте идиот, вели психотерапевтот Бартон Голдсмит. Добро, не кажа баш така: Авторот на повеќе книги од областа на психологијата и колумнист на „Чикаго Трибјун“ напиша дека таквите луѓе „или се многу благословени, или длабоко во негирање“. Пандемијата на корона ги разниша темелите на нашите животи и го доведе во прашање нашиот опстанок. Многумина ги загубија своите работни места. Нашите животи можеби се променија засекогаш, напишал Др.Голдсмит.

Најдоброто што можеме да го направиме е да продолжиме да се прилагодуваме, иако немаме поим што уште ни следува. Еден ден, ќе се вратиме во „нова нормалност“, но лекувањето на оваа масивна емотивна траума ќе трае со години потоа, многумина ќе страдаат од посттрауматски синдром, предупредува Американецот.

Станува збор за траума. Не за среќа. Но, зошто тогаш толку многу насмеани објави на социјалните мрежи? Тоа е природата на онлајн комуникацијата, објаснува професорката на Универзитетот во Глазгов, Мирна Шолиќ за црногорскиот портал Стандард. Сведени сме на гледање во камерата на телефоните и компјутерите, на преправање дека не ни е тешко и дека единствено што е важно е дека се сите уште живи и здрави.

Комуникацијата на далечина го отежнува изразувањето на исконските емоции затоа што пред камера мора да се смееме, мора да покажеме дека е сè во ред. Ние дури и не можеме да се скараме како што треба, што е исто така суштински дел од секојдневното искуство – вели Мирна Шолиќ. За многумина од нас, реални се стравовите од осаменост, губење на работата и болест, а тие не се споделуваат кога сте толку далеку. Во моментов, присилени сме својот идентитет  и однос со светот да го сведеме на вербален аспект, на честа глума и исклучување на другите облици на комуникација, истакнува.

Меѓутоа, другата личност чувствува ако вашата емоција не е автентична, предупредуваат психолозите.

Секоја автентична емоција која му ја покажуваме на пријател, познаник или терапевт е лековита. Лажната емоција, која ја покажуваме можеби и во најдобра намера, секако е штетна за нас, затоа што во тој случај човек не го изразува она што се крие под таа лажна емоција. Ако не можеме да ја покажеме нашата вистинска емоција, ние се мачиме, акумулираме неискомуницирани емоции, кои дополнително ќе избувнат од нас како вулкан, можеби на место кадешто не би требало.

Лажна емоција

Форсирањето на лажна среќа не ѝ помага ниту на таа друга личност. Острото око на набљудувачот секогаш може да воочи лага. Кога другите ја чувствуваат таа лажна емоција со намера да ги подигнете, вие всушност сте ги спуштиле.

Но можно е и дека некој е навистина тотално позитивен и среќен, но проблемот е во вас: вие тоа не можете да го смислите. Затоа што се чувствувате премногу лошо. „Кога има преголема разлика помеѓу оној кој ја испраќа и кој ја прима пораката, тоа ја прави комуникацијата речиси невозможна. Можеме да ја испратиме својата порака ако разликата помеѓу нас и лицето со кое разговараме не е премногу голема. Ако личноста ни каже дека е лошо и дека ѝ е многу тешко, нема да продолжиме да зборуваме дека е пролет и дека е денот убав.

После неколку минути веќе сме се приближиле кон емотивната состојба на соговорникот и тогаш можеме да се обидеме да го кренеме неговото расположение со своето автентично чувство. Комуникацијата е лек. Да се има личност која ќе ја прими нашата емоција е лек затоа што е тоа најголемата човечка потреба. Мојата најголема потреба е друг човек што ќе ме чуе, кој ќе ја почувствува мојата емоција, кој таа емоција ќе ја прифати. Тоа е смисолот на исповедта, на разговорот со пријателите и терапевтот: да се каже она што го чувствуваш.

Луѓето се прават дека се посреќни отколку што навистина се.

Зошто не вреди да ѝ се завидува на Фејсбук ѕвездата со колачи и лалиња, објаснува д-р Ник Морган за Psychology Today: луѓето се преправаат дека се посреќни отколку што се. Насмевката е често измамничка.

Истражувањата спроведени поради развој на вештачката интелигенција покажале дека изразот на лицето е многу лош показател на емоциите. Ова не треба да нè изненадува, затоа што сите после 20-тата научивме како да ги скриеме своите вистински емоции.

Среќата е и онака преценета. Колку повеќе се трудите да бидете среќни, толку е помалку веројатно дека ќе бидете такви, поучува Морган. Ако се фокусирате на среќата, тоа ве прави само уште понесреќни.

Текстот е преземен од ТУКА.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]