Немојте да живеете за децата!

Ве молам немојте да живеете за децата! Не само што тоа ним не им е потребно, туку е и штетно...Колку промашени судбини, скршени срца, навреди и неразбирање! Гледам жени кои се одрекуваат од сѐ во животот заради децата. А потоа ги гледам тие деца поради кои нивните мајки од сѐ се откажале. Тажна е таа глетка...

0
929

Мајката сама го одгледа Вања. Никогаш не се омажи, сѐ му даваше на синот, му купи стан, му го плати факултетот. Порасна во прекрасен маж, успешен. Сега има 50 години. Никогаш не се ожени, нема деца. Цел живот се труди да ѝ го врати на мајка си долгот кој не ѝ го ни побарал. Не успева.

Таткото на Ксјуша работеше ден и ноќ заради децата. Имаше големи планови, особено за ќерката. Ја запиша на факултет, но таа се отпиша. Сакаше да живее свој живот. На свој начин. Сакаше да стане уметница. Татко ѝ се обидуваше да ја вразуми и ѝ испорача сметка. Сѐ пресмета: колку чинело училиштето, секциите, приватните часови, облеката, храната…И бараше да му го врати долгот. Нема потреба да се каже дека Ксјуша повеќе никогаш не го виде својот татко. Од тогаш поминаа повеќе од 30 години…

Заради Ира мајка ѝ се откажа од личниот живот. По разводот не се гледаше со никого. Се плашеше да не ја истрауматизира ќерката. Ќерката порасна и не можеше да ја остави мама. Не можеше да се гледа со никого. Не можеше дури ни да помисли да ја остави мајка си и да се позанимава со личниот живот. Ира има 40 години. Не се омажи. Нема деца.

Родителите на Игор и на Жења беа најпрекрасни родители. Правеа сѐ за децата, сѐ можно и неможно. Семејството секогаш беше сложно, семејни празници, одмори…Само што во тоа родителство тие двајца го изгубија односот маж-жена. Повеќе ништо не ги врзуваше. Проживеаја заедно 30 години како мама и тато. А потоа, кога децата си отидоа по свој пат, тие едноставно се разведоа. Жења и до ден денеска не може да се соземе од таа голема измама. Има 37 години и сѐ уште не планира да се мажи. Се плаши дека и неа ќе ѝ се повтори истата тажна приказна. После разводот мама брзо овена.

Гоша – долго очекувано дете. Сите се тресеа над него, се грижеа, го чуваа, дури и премногу. Ако ја сакате вистината, неговата мајка престана да го чека принцот и одлучи да си роди дете. А потоа одлучи преку Гоша да ги оствари сите свои соништа. На секој начин се трудеше да направи од него вундеркинд. Учеше неколку јазици, одеше на неколку секции, свиреше харфа…Мајката се гордееше со синот и постојано го молеше да отсвири нешто пред гостите. Харфата е толку егзотична! Гоша е во петата деценија од животот. Се разведува. Неговите деца ги воспитува друг маж. Гоша нема ништо против. До ден денеска не е на чисто што сака од животот. Вундеркинд не стана, не издржа, се скрши. Сега пие. Пред работа, наместо на работа, после работа. Мама тоа не го гледа.

Малку ли се такви приказни и многу ли радост и веселба има во нив? Кога детето ќе стане смисол на животот, тоа е за него претешко бреме. Тоа е како да е заклучено во соба во која порано или подоцна ќе снема воздух. Во почеток е можно така да се живее, но постепено почнуваш отежнато да дишеш. Дишеш отежнато од љубов и од грижа.

И не е доволно што дваесет или колку веќе години живееш во загушлива животна пустина, тука остануваш и должен. Ти се поднесува сметка, иако ти изгледа како само да си дошол на гости и со задоволство би им помогнал на домаќините – сам и на сопствена иницијатива. Но сега на тацна ти се сервира сметка за цели 20 години, за цел период во кој секој твој здив ја гореше твојата утроба. Понатаму има повеќе варијанти. Детето може таа сметка вечно да ја плаќа. Како Ира и Вања од почетокот на приказната или да протестира – да почне да пие, да ги прекине сите врски – како Гоша и Ксјуша. Ретко кој е кадар да разбере и да го прифати таквиот однос на родителите. Да разбере и да прифати, а притоа да не ги жртвува својот живот и своите интереси.

Затоа ве молам, не живејте за децата! Најдете друг смисол на својот живот, најдете друг смисол за мајчинството и татковството. За да не станат малите момчиња и девојчиња ваши заробеници и жртви на вашето „добродетелство“ и грижа.

Сакајте го својот маж. Децата ќе пораснат и ќе си одат, а тој останува со вас. Вие можете да им дадете пример на вашите деца и вашиот однос може да биде причина и смаите да посакаат семејство, деца. А можете и да ја убиете секоја желба, ако бидете опседнати со детските проблеми и ако го игнорирате вашиот партнерски однос.

Сакајте се себеси и не заборавајте на себе трчајќи по детската среќа. Не се откажувајте од новиот фустан заради нова играчка. Не го менувајте козметичарот за приватен учител. Ако сами за себе не водите сметка, што можете да му дадете на некој друг? Каков пример? Каква љубов?

Смисолот на живот побарајте го надвор од материјалното. Овој живот еднаш ќе заврши, дури и ако сега одбивате да помислите на тоа. Духовна пракса, религија, молитви…Оттаму можете да ја црпите својата снага, наместо да ја цицате од децата.

Немојте да живеете за децата, ве молам. Кога среќавам луѓе чии родители им дале сѐ, па дури и повеќе од тоа, многу ми е тешко да ги гледам, во очи. Во голема мера се препознавам себеси и својата болка. Гледам исти маки, скршени срца, празни души. Болка, очај, вина…Тие-како и секое дете-силно сакаат да ги сакаат своите родители. Но во тој случај, едноставно, нема да преживеат…

Дајте им на своите деца можност да живеат и да дишат. Тогаш ќе можат да растат и да се развиваат. Онака како што ги води сопствениот пат. Нашата улога како родители е едноставна: да се залева на време, да не се затскрива од сонцето, да се чува од штетници. А детето понатаму, како и цветот, само ќе се снајде и ќе го изрази сето она што е најдобро во него.

Извор: Valyaeva.ru

[better-ads type='banner' banner='999' ]