Министерството за образование сè уште нема конкретна стратегија за следната учебна година, иако од неа не делат само месец ипол.
Со оглед на тоа што постои голема веројатност поради состојбата со коронавирусот и во новата учебна година да се продолжи со онлајн настава, зборувавме со неколку наставници и професори од основните и средните училишта.
Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е сила, вели Џорџ Орвел, еден од најтемелните критичари на општеството во современиот период, во неговата најпозната книга „1984“.
На оваа мисла не потсети една наставничка по македонски јазик од Скопје која вели дека ако се продолжи со настава на далечина тоа ќе биде погубно за генерациите кои сега одат во основно и во средно училиште.
„Очигледно е дека МОН е целосно неподготвено за ваков вид на настава, а образованието и онака и пред короната ни беше катастрофа“, вели таа. Со неа се сложува и нејзината колешка од ОУ „Владо Тасевски“ од Скопје која вели дека денешните деца не само што не учат, туку и нивните родители ги поддржуваат во ова на тој начин што им е полесно да фатат врски за да им ги поправат оценките, отколку да ги натераат да учат.
Колку се незаинтересирани покажа токму оваа настава на далечина. Ајде замислете да имавте вие можност да решавате тестови од дома, кадешто имате на располагање и книги, учебници, а згора на се и интернет! Јас им го ставав предавањето на платформата, им пишував страници на кои можат да најдат нешто за темата на предавањето, им давав објаснувања и вежби и домашна задача, а тие требаше на мејл да ми испратат откако ќе завршат со истата. Им дадов цела недела да го решат тестот, а имаше најмногу тројки, бидејќи тие не се потрудиле ниту да ги отворат тетратките да видат дека повеќето од тие вежби веќе сме ги работеле. Оценките се и онака надуени во сите училишта затоа што секаде функционираат врските. Од 29 ученици денес, 25 се одлични.
Ако детето има тројка, виновен е наставникот затоа што не успеал да го заинтересира, а никогаш детето затоа што не научило или не побарало помош. Освен тоа, денес секое училиште се бори да има добар просек. На пример, просекот во нашето училиште е 4,60, можете да замислите?
Не може сите да се одлични, едноставно ова не е реално. Не постојат веќе повторувачи, порано јас понекогаш ги оставав барем да доаѓаат на дополнителна настава до 25 јуни, па следната година тие имаа барем некакво подобрување. Во деветто одделение се сите многу добри и одлични.
Што се однесува до онлајн наставата, да можам да избирам никогаш не би ја избрала. Ништо не може да го замени часот лице во лице, начинот на објаснување, на предавање. Но ако веќе мора да се продолжи онлајн, треба Министерството да подготви некој концепт, да најде решение за децата кои немаат услови за ова, немаат компјутер, немаат интернет или пак се повеќе деца во семејството. Има секакви ситуации. Е сега, има и наставници на кои оваа состојба им одговара. Тие не се трудат многу, ќе го стават предавањето од учебникот на платформата и толку. А да не зборуваме и за тоа колку грешки имаме во учебниците…ама тоа е друга тема“, вели таа.
Искуствата на некои од наставниците кои испробале настава преку зум и скајп, се идентични. Сите со кои зборувавме се согласни дека треба да се воспостават некои правила на однесување на ваквите онлајн часови, затоа што не личи на ништо часот на кој децата си седат пред екранот и за цело време нешто јадат, грицкаат, и многу повеќе се забавуваат гледајќи се меѓусебно отколку што го слушаат предавањето. Всушност за нив овие часови биле забава, можност да се видат меѓусебе, а најмалку час на кој треба нешто да се научи. Затоа и секое второ дете на мејлот на наставниците пишувало дека многу му недостасува училиштето, ама не заради учењето, туку заради дружбата.
Професор во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје вели дека со оглед на неговиот предмет, тој добро се снашол со онлајн наставата, но дека сепак треба подобра организација и концепт, но и обука за професорите.
„Кога почнавме со онлајн наставата, тоа беше чиста импровизација, но јас добро се снајдов, ама сепак мојот предмет (ликовно образование) е поинаков. Не беше лесно, ако им предавате на 320 деца, треба и на 320 мејлови да одговорите.
Онлајн наставата е сериозна работа и ако досега државата не направила стратегија, незнам кога ќе направи. Проблем во онлајн наставата е и видео-конференциската настава која треба да оди во живо. Мора да се направи распоред кога ќе се вклучиш, на пр.јас во понеделник имам прв час, колегата по математика втор, итн. Исто така, би требало да се прилагоди и кон слободното време, но и да се редуцира наставниот материјал и да се скратат часовите за да можат да се застапат сите предмети. Исто така, останува фактот дека има деца кои едноставно не сакаат да се снимаат, некои немаат камера, на некој им се расипал звукот, итн. Министерството досега треба веќе да има стратегија, а не допрва да ја изработува.
Според мене, може да се комбинира онлајн настава со регуларната настава во училница, затоа што ништо не може да замени час, а и децата на овој начин ќе ги направиме уште поголеми фрикови, со оглед на тоа што и онака сме длабоко навлезени во виртуелна комуникација преку социјалните мрежи“, вели тој.
Одделенска наставничка во едно основно училиште во Скопје тврди дека помалите деца тешко можат да се научат постојано да користат средство за дезинфекција, да не се допираат за лице, да не си кашлаат еден во друг.
„Не знам за поголемите ученици, ама за децата во одделенска, особено за најмалите, оние од 1. до 3. одделение, да работат со маска и да не ги допираат маските со нечисти раце, навистина е премногу тешко. Мислам дека на прво место треба да биде здравјето на децата, а дали ќе пропуштат нешто од образованието, е помалку важно“, вели таа.
Родителите пак на социјалните мрежи коментираат дека се загрижени ако повторно мора да се учи од дома, без вистинска национална програма за онлајн настава.
Многумина се жалат дека и самите морале да работат од дома, а истовремено и да им бидат учители на своите деца.
„Дали ние можеме да си дозволиме да ја запоставиме својата работа со која го вадиме лебот и да седиме до детето додека има онлајн-час?
Тоа што го нарекуваа учење на далечина се спроведе едвај, со огромна жртва на родителите! Едноставно е невозможно да продолжи! Навистина не ми е јасно како планираат ние родителите нормално да функционираме и да работиме ако треба повторно да го носиме образовниот процес на наш грб! Никако не се согласувам да се продолжи така зашто тоа е осакатување на децата, не треба само материјалот да се помине, поважна е социјализацијата и рутината на нормалното на кое мораме што поскоро да ги вратиме децата, со маски, поголема хигиена и распоредени во повеќе училници, ама назад во училиште без изговор“, коментира еден родител на Фејсбук.
Од надлежните институции уште нема јасен одговор што ќе се случува од 1 септември.
Што мислите вие, какво е вашето искуство од претходната учебна година? Дали наставата ќе продолжи онлајн или учениците ќе се вратат во клупите според специјални протоколи за безбедност? Дали е точно дека денешните деца учат помалку од она како се учело во ваше време? Дали некогаш сте бркале врска за подобра оценка на вашето дете?
Фото: Pexels