На која возраст бебето може да се бања во море?

Водата е идеална средина за децата во која се чувствуваат природно уште од првите денови од животот. Меѓутоа, на море, треба да се внимава.

0
961

Се наближуваат летните одмори, а многу родители веројатно се прашуваат дали можат да го искапат своето бебе во море? Колку месеци треба да има едно бебе за да влезе во морските води? Јасно е, вашето бебенце може малку да го натопите со морската вода, особено ако е многу жешко. И тоа може да биде разумен начин за бебето да се освежи и да се осигурате дека нема да се „прегрее“ под сонцето. Вистинското бањање, пак, од друга страна, бара малку внимание.

Пред тримесечна возраст

Ако бебето уште нема три месеци, не се препорачува капење во море. Може да се натопат во морето неговите стапала и ножиња, но не и телото. За бебињата на оваа возраст се препорачува освежување во плиток базен, доколку водата во базенот не е многу студена. И тоа капење треба да трае само една до две минути, зашто најмалите деца сѐ уште немаат терморегулација и бргу се разладуваат. Во оваа фаза од животот треба да се избегнуваат и изложувањата на сонце, а прошетките треба да се организираат во раните утрински часови или доцна попладне. Избегнувајте го изложувањето на дирекна сончева светлина и престојот на плажа.

Од шест месеци

Околу шестиот месец, детето би требало да научи да седи и сигурно ќе ужива да игра со вода. Сепак, внимавајте, бидејќи бучавата од морето може многу да го исплаши. На децата од оваа возраст голема импресија им оставаат брановите на брегот. Како да се однесувате? Држете го бебето во раце и дозволете да ги навлажни ножињата до колениците. Никогаш не го натопувајте неговото тело: контактот со водата треба постепено да се остварува и бебето треба да се навикне на водата. Не помалку важно е оној што го „бања“ бебето во морето, да биде негов родител или старател, односно познато, блиско лице за детето.

По шестиот месец, на бебето може да му ставите тркалезна гума во весели бои околу струкот. Не сметајте на нејзината безбедност, туку ваквата гума е многу смешна за бебето и тоа подобро ќе се забавува во водата. Ако водата е ладна или има бранови, избегнете го капење во морето. Многу подобро е да се надува мал базен, поставен под чадорот за сонце, а водата во него бргу ќе се загрее. Ова капење не треба да трае повеќе од десетина минути.

Кога детето може да плива со гуми околу рацете?

Од 18-месечна возраст, детето може безбедно да ги користи гумите за раце, познати како „мускули“. Тие треба да бидат избрани според возраста и килограмите на детето. Гумите пак, за околу струкот, треба да ги сметате за играчки, зашто на оваа возраст детето е веќе поголемо и потешко, и ако се обиде да плива, може да се преврти во водата. Многу покорисни за оваа возраст се гумите кои личат на дубак, односно кои имаат вградени гумени гаќички на долниот дел. Горниот тркалезен дел од гумата може да послужи како потпирач за рацете на детето, додека долниот дел, гаќичките, е сигурен за рамнотежата на детето во водата. Ако купите ваква гума, земете предвид дека специфичниот европски стандард за оваа возраст е EN 13138-3.

Детето ќе биде физички подготвено да плива без вие да го држите во водата на возраст од околу четири години, кога ќе биде доволно координирано. Курсевите за пливање можат да бидат корисни за детето полесно да се запознае со водната средина и да се навикне на неа.

Што доколку детето се плаши?

Стравот на детето мора да се почитува. Помалку веројатно е дека малите деца ќе се плашат, но може да чувствуваат непријатност – или им е студено во водата или пак, не се чувствуваат безбедно. Вистинскиот страв од водата доаѓа подоцна, на околу двегодишна возраст. Како да се однесувате во тој случај? Пред сѐ, детето не треба да се принудува, но треба да се мотивира да посака да плива. Никако не го присилувајте да влезе во морето и немојте да го карате поради неговиот отпор. Веројатно, стравот ќе помине сам од себе, кога детето ќе сфати дека може да им верува на своите способности и на блиските околу него, но и кога ќе ги види другите деца како се забавуваат шлапкајќи се во морето.

Последен совет

Не заборавајте на средството за сончање со највисок заштитен фактор, во текот на целиот сончев ден, особено пред и после бањањето. Ако детето е под тригодишна возраст, а има деликатен тен, најпрактично би било да носи маичка, па дури и со неа да се капе во морето. По бањањето, детето мора да се измие со свежа вода за да се отстранат солта и песокот кои можат да предизвикаат појава на дерматитис.

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]