На колку вонучилишни активности оди вашето дете?

Часови по балет, странски јазик, гимнастика, фудбал, јавање, клавир, тенис... Родителите некогаш навистина знаат да ги преоптоварат децата со вонучилишни активности во намера да им овозможат да го најдат она во што се добри, да им дадат што подобро и пошироко образование, а притоа забораваат дека детето сепак треба да биде дете.

0
296

Една до две дополнителни активности се оптимални, а сѐ повеќе од тоа може да биде преголем предизвик. Ако детето стане нервозно, деконцентрирано, раздразливо и уморно, или ако почне да попушта во училиштето, запрашајте се дали е преоптоварено. Во такви ситуации треба да го поштедите од некои од дополнителните активности барем на некое време.

Децата не би требало да ја доживуваат дополнителната активност како обврска и оптоварување, а до тоа доаѓа доколку тие не одбираат сами што ќе тренираат и кои часови и курсеви ќе ги посетуваат. Секоја дополнителна активност треба да им биде забавна, поттикнувачка, да ги мотивира, да поттикнува создавање работни навики и да им ја гради самодовербата, па би требало да му овозможите на детето, со мало усмерување од ваша страна, само да донесе одлука.

Дополнителната активност не треба да му предизвикува стрес и нервоза, да му претставува оптоварувачка обврска, туку нешто на што ќе му се радува. Потребно е покрај време за училиштето, за учење и вонучилишни активности, на детето да му остане дел од денот кога ќе може да си игра, да се забавува па дури и да му биде здодевно.

Кога ќе тргнете да одбирате вонучилишни активности, прашајте го детето што е тоа што вистински го интересира, па направете список од сите идеи и предлози колку и да се некои од нив нереални или неизводливи. Потоа заедно елиминирајте ги една по една, додека не дојдете до активностите кои кај вашето дете предизвикуваат најмногу восхит.

Разговарајте со нив за тоа што им оди подобро, што полошо, па усмерете го кон оние активности за кои има дарба и во кои може да се развива и да напредува. Објаснете му дека нема да се чувствува добро на фудбалски терен ако тргнал да тренира само затоа што таму одат неговите најдобри другари.

Како што не треба да ги охрабрувате да се занимаваат со спортови и со уметност за кои немаат ниту најмалку склоност и талент, така не треба ниту да ги проектирате своите неостварени желби на нив.

Не дозволувајте дополнителните часови премногу да го оптоварат вашиот семеен живот кој не треба да се сведе на развезување на децата, пребукиран ден и недела. Времето поминато во семејни разговори, друштвени игри, прошетки или заедничко гледање филмови, е поскапоцено од било што друго.

[better-ads type='banner' banner='999' ]