Битката околу зеленчукот се води во речиси секое домаќинство. На децата брокулата едноставно не им изгледа и не им мириса привлечно како малините. Но, не лутете им се, децата не се целосно виновни за нивната пребирливост.
Во генетскиот код на луѓето е запишано да ја изберат црвената пред зелената храна (месо пред грашок, на пример). Нова италијанска научна студија ја потврдила старата изрека „поголеми очите од стомакот“. Тие велат дека видот е најважното сетило по кое се водиме при изборот на храна. „Според некои теории, нашиот визуелен систем еволуирал за лесно да ги препознае најхранливите бобинки, овошје и зеленчук од џунглата на зеленилото што го опкружувало“, објаснила Рафаела Румиати, професорка по когнитивна невронаука и координатор на оваа студија.
Луѓето, за разлика од животните, како што се кучињата, зависат од видот, а не од мирисот. И ние сме особено ефикасни во разликувањето на црвената од зелената боја. Досега се спроведени само неколку истражувања на темата за бојата на храната. Авторот на студијата, др. Франческо Форони, објаснил како бојата ни кажува многу за намирниците. „Колку е поцрвена сировата храна, толку е поголема веројатноста да биде хранлива, додека зелената боја упатува на тоа дека има малку калории“, објаснува др. Франческо Форони. Тој посочува дека бојата може да се користи и во борбата против дебелината затоа што сфатиле дека оваа преференца се однесува само на храната, а не и на другите непрехранбени производи.
Сепак, важно е децата да јадат зеленчук во секој случај, без оглед на генетиката. И престанете да го криете – затоа што тие го наоѓаат во сè. Најдете ја заедно формата во која тие го толерираат. Значи, брокулата може да се пропржи, да се искомбинира со сос од сирење или да се послужи во комбинација со нешто што го сакаат, со пире од компири или во супа.
Фото: Pexels