Денес кога во светот се одбележува денот на предвреме родените бебиња, на настанот по овој повод на скопскиот плоштад беше речено дека најмалото бебе кое било родено во Македонија е родено во 23-тата недела од бременоста, но тежело малку повеќе од друго бебе кое било родено во 24-тата недела, а тежело само 480 грама. Во светот пак, рекордот го држи момче од САД, родено во 21-та недела од бременоста и тешко 420 грама.
На настанот по повод Светскиот ден на предвреме родените бебиња на плоштадот Македонија присуствуваа министерот Филипче и директорките на клините за гинекологија и педијатрија, Викторија Јовановска и Аспазија Софијанова.
Во изјавата за медиуми министерот Филипче им честиташе на експертите кои работат на делот за неонаталогија и посочи дека стратегијата за инвестирање во опрема и подигање на знаењето е направена уште пред 4 години и благодарение на странски експерти се воведени многу нови протоколи за лекување.
„Искрено верувам дека со истиот ентузијазам, истата енергија, истата посветеност колегите ќе продолжат да работат и понатаму, најголем акцент ставаме таму кадешто е најбитно, а тоа е здравјето на младите, односно бебињата“, изјави Филипче.
Според него, денешниот ден е еден битен ден за одбележување, затоа што укажува на тоа колку е важно и што значи да се подобри целокупниот систем во било која земја во светот за да се подобри степенот на преживување на предвреме родените бебиња.
Тој понатаму образложи дека станува збор за некаде околу 25% од вкупниот број на раѓања во нашата земја, кои традиционално се пораѓаат на Клиниката за ГАК и во болницата во Чаир.
„Многу е битно да се потенцира дека во изминатите 4 години, постигнавме многу значајни резултати. Процентот на преживување на предвремено родените бебиња значајно се зголеми, односно од смртноста која во 2016 година беше 25%, се намали на 8,9%. Ова е резултат на континуираната обука и унапредување на персоналот, како и на инвестициите во модерна апаратура. Во изминатиот период набавивме 15 модерни инкубатори, нешто што недостасуваше на Клиниката, но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди“, рече Филипче и додаде дека сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување на вкупната смртност на предвреме родените бебиња и во споредба со 2016 година, истата е преполовена.
Според директорката на ГАК, овој успех се должи на заедничкото функционирање на вработените во Клиниката за гинекологија, на вработените на Детската клиника и вработените на Гинекологијата во Чаир кои во секое време излегувале во пресрет кога тоа било потребно.
Во изјавата, директорката Софијанова образложи дека Детската клиника со години наназад се справува со прематуритетот и во соработка со сите институции, најтешките случаи завршувале тука. Според неа, само заеднички, тимски се реализира изнаоѓање на начин за подобрување на квалитетот на животот и овие предвремено родени новородени бебиња да израснат во навистина здрави идни деца.
За предвреме родено бебе се смета бебе кое е родено пред навршена 37 недела на бременоста. Голем број од предвремените породувања почнуваат спонтано, со истекување на плодовата вода или со добивање на редовни контракции. Ако бременоста е блиску до 37-та недела, прогнозата е дека бебето ќе биде добро. Доколку се роди по 34-тата недела постои голема веројатност дека бебето ќе биде исто така добро. Додека секое породување пред 34-тата недела претставува ризик за бебето.
На денот на предвреме родените деца, министерството за здравство порачува дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата. Министерството ќе продолжи да вложува и да го унапредува одделот за Гинекологија и акушерство со цел врвна услуга, многу спасени млади животи и европски стандарди во македонското здравство.