Како што минуваат годините така и улогата на мајката во општеството се менува, а освен улогата на мајката се менува и улогата на децата. Па така денешните деца растат во сосема поинакви услови на живот од нас.
Некој ќе каже дека денешниот начин на живот е подобар, некој дека оној „нашиот“ бил поправилен, но едно е сигурно – секое време носи со себе одредени промени и новости. Баш за тие разлики пишува порталот Zelenaučionica.com.
Го пренесуваме текстот во целост.
Нашите мајки не се плашеле толку за нас. Не се мудрувало толку околу тоа родителство. Мојот татко не мораше да се нацрта секоја вечер во 20 часот за да ѝ помогне на мајка ми да ме избања. Не толку одамна и јас своето дете го капев сама.
Со една рака го држев бебето, а со другата туш, сапун, пешкир… Не се плашев дека ќе ми падне во кадата. Реално, ниту една мајка не го испушта своето дете туку така.
Мојата мајка не се плашела од бременост, ниту од враќање на работа, ниту од јасли. Од одвојување. Немало кога да мисли дали престојувањето во група ќе остави на мене трајни последици.
Не се занимавала баш со социјалните аспекти на моето раснење. Не трчала на лекар за секоја дребулија.
Не доаѓала во училиште секој понеделник и никогаш не ѝ паднало на памет да ме „заштити“ од наставниците. Не игравме на картата – „наставникот ме мрази“. Преминувањето од нижите во вишите одделенија на основното училиште не се доведувало во прашање ниту претставувало пресврт во животот вреден за споменување.
Мајка ми никогаш не била мој личен заложник или некој што има должност да ме забавува и да ми го прави пријатeн престојoт на планетата. Денеска, не е доволно да се направи детството пријатно.
Денеска детството мора да биде незаборавно!
Незаборавно, другари и другарки!
Секој ден е повод за вистински мали прослави. Ним им е здодевно. Од моментот додека ги отворат очите, па до одењето на спиење, децата е потребно да се анимираат, да им угодуваат на сите можни начини, да ги поместуваат сопствените граници, да бидат благи, попустливи, никогаш да не го покачат тонот, да не го загрозат нивниот мал интегритет на ниту еден начин и конечно – да создадат едно големо, огромно, агресивно и деструктивно его.
Нашите мајки не се плашеле од нас. Ниту од нашето плачење. Со трескањето од земја, фрлањето наваму натаму и со дрскоста некако полесно и поотресито излегувале на крај. Нашите мајки си го пиеја кафето натенане и се одмараа кога ќе дојдат од работа.
Ние за тоа време си игравме со другите деца на улица. Други деца, другарки и другари. Се знаеше што се смее, а што не. Што е добро, а што не.
Вади го прстот од уста, не го чепкај носот, не зборувај со непознати, не земај бонбони од непознат чико на улица, тргнете се од телевизорот ќе си ги расипеш очите, кажи добар ден, благодарам, молам, стани да седне бабата, биди добар другар, не седи на ладен бетон, изеди сѐ од чинијата и до осум биди дома. Ете така некако сме ние воспитувани.
Недоумиците се решавале и без гугл, со совети на другите, поискусни пријателки. Не постоеле школи за родителство, ниту сите тие книги, фoруми, фејсбук групи, а сепак, некако сѐ се знаело. На крајот, не излеговме ни толку лоши.
Денеска растењето личи на трки со препреки
Дури и пред да се роди – клукај се со фолна кислеина, пиј витамини, прави дабл и трипл тестови… Потоа, породи се безболно, без траума, биди со бебето, дои го до трето одделение, почитувај му го карактерот, темпераментот, генетските предиспозиции.
Не дозволувај да плаче, носи го гордо како штафета на младоста, не го оставајте само, не го гасите светлото, наравете место во својот кревет, преместете го сопругот во дневна, бдејте над него во текот на целиот период на растењето.
Не дозволувајте ништо да не му недостасува, да се почувствува загрозено, запоставено, да нема, почитувај го неговото мало ЈАС, неговите потреби, преиспитувај се, носи правилни одлуки.
Преземи ја сета одговорност, заборави на заслугите, заштити го од сонце, од зрачење, од загаден воздух, од бездомни кучиња, од вода од чешма, од издувни гасови, урокливи очи, ретрограден Меркур, заситени масти и слободни радикали.
Чисти околу зградата, собирај ѓубре, рециклирај пластика, купувај органско, сади дрва, затоа што, нашите деца заслужуваат подобра планета. Океј, а што ако нашата планета заслужува подобри деца? Мислам, прашувам за другарка.