Нашиот најмал професионалец во картинг најмногу сака да ‘тица’ на кривини

Почнал да вози картинг од забава, но кога неговите ‘уште 5 минути’ еден ден се развлекле до 20-21 часот, неговите родители сфатиле дека нема назад – му купиле возило, почнале со тренинзи, а поради својот талент бил веднаш ‘фрлен во оган’ – на бугарскиот шампионат во возење картинг.

0
479

Денеска седумиполгодишниот Христо Ковачи ја одржа својата прва средба со новинарите кои неговиот татко Аргир ги покани на калоричен бранч во ресторанот Астера во Тафталиџе 1.

За неупатените, Христо Ковачи е најмладиот картинг возач кој почнал да вози картинг пред неполна година, а веќе учествувал на повеќе трки и шампионати и веќе има дузина пехари и медали. На годинешниот бугарски шампионат, освоил трето место во конкуренција од вкупно 13 учесници, а во македонскиот шампионат го освоил второто место.

Со картингот се запознал во картинг центарот на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Со еден пријател отидовме на кафе со децата во картинг центарот кај „Борис Трајковски“ и ги пуштивме децата да возат картинг. Кој мислеше дека дотука ќе дотераме. Христо се заљуби во картингот и постојано бараше уште дополнителни пет минути возење, па станавме чести посетители. Еден ден останавме докај 8-9 часот вечерта и сфативме дека работата нема да застане тука. Не посоветуваа да му купиме сопствено картинг возило и почна да тренира. Речиси секој викенд одевме во Солун, а сосема неподготвени и затечени од развојот на ситуацијата, го пуштивме на неговата прва трка – шампионатот во возење картинг во Бугарија“, раскажува господин Аргир Ковачи.

Малиот Христо стартувал од четвртата позиција и иако излетал од патеката, кога се вратил на истата, го фатил инаетот и почнал да ги претркува останатите за на крајот да го освои четвртото место.

Потоа следувале уште многу трки, а во генералниот пласман на бугарскиот шампионат Христо го освоил третото место.

Освен што вози картинг, Христо оди на пливање и на кошарка. На прашањето дали би сакал да вози формула, рече дека е сигурен дека нема да може, поради генетскиот материјал-според неговите прогнози, ќе има 2 метри и 15 цм и ќе го надрасне својот прилично висок татко, а возачите на Формула не смета да се повисоки од 180 цм.

Затоа, неговите соништа се усмерени кон тоа да стане рели возач.

Кога вози, не му пречат ниту дождот, ниту снегот, напротив, лошите временски услови му даваат дополнителен стимул. Најмногу ужива кога ги претркува другите возачи, и тоа – на кривини.

За безбедноста не се загрижени ниту тој ниту неговите родители.

„Безбедно е кога си правилно опремен, со кацига, со држач за вратот, со професионални патики, со сѐ што треба“, вели симпатичниот Христо додека со апетит ја јаде својата трета порција и е жив доказ дека децата имаат добар апетит кога се физички активни и ја трошат енергијата на вистински начин.

Инаку, Христо сака да биде јутјубер па отсега натаму планира и да ги снима своите трки.

Покажа дека нема проблем ниту со комуникацијата, па наместо срамежливи одговори, надолго и нашироко ни ги објаснуваше своите досегашни успеси и идни планови.

[better-ads type='banner' banner='999' ]