Родителите, наставниците и професорите често ги споредуваат децата, одредуваат кој во што е подобар, кој воопшто не е добар и нагласуваат дека треба да се угледаат на она дете што е најдобро или најуспешно, она што најдобро црта или што секогаш слуша. И тие никогаш не го прават тоа со лоша намера, туку за да го поттикнат детето да се потруди повеќе, да биде подобро, но резултатот обично не е таков.
Помогнете му да стекне и да ја задржи самодовербата
Ако децата размислуваат така, секогаш ќе се гледаат себеси како губитници, додека само еден или двајца ќе бидат „на врвот“, најдобри, како идеал што е тешко да се постигне. Ова може да влијае на самодовербата на детето и да го натера да се чувствува некомпетентно, глупаво, без самодоверба и неуспешно, па подоцна постојано ќе се споредува со другите. Од таа причина, важно е никогаш да не го споредувате, дури и ако мислите дека така ќе го мотивирате. Од друга страна, важно е да го научите и тоа самото никогаш да не се споредува со другите деца. Ова значи дека следниот пат кога ќе ја мине целта, дури и ако бил последен на трката, треба да биде среќен што го подобрил сопствениот резултат во однос на претходно.
Иако можеби ќе изгледа дека нема разлика, бидејќи детето секако пристигнало последно на целта, разликата се рефлектира во тоа како се чувствува. Ако секогаш го споредуваат со другите, ќе има чувство на помала вредност, недостаток на самодоверба, ќе се чувствува неуспешно, па сето тоа може да го наведе дури и да се откаже од натамошните обиди.
Од друга страна, доколку го научите детето да го мери само својот успех и напредок, тоа сигурно ќе го мотивира да работи напорно и секогаш да се надминува себеси.
Не треба да се потпирате на туѓите критериуми
Учете го вашето дете да не се раководи според туѓите критериуми, туку да има свои, бидејќи во спротивно и подоцна секогаш ќе очекува потврда и одобрување од други луѓе дали направил нешто добро или не. Секој од нас треба да има своја визија за успех, а исто така и вашето дете.
Честопати споредувањето на децата со другите, без разлика дали тоа го прават родителите или самото дете, може дополнително да го изложи на стрес, да го вознемири и во некои важни моменти кога од него се очекува да постигне одреден успех, да проба нешто ново или да направи нов чекор, може поради преоптовареност да има проблеми и со спиењето.
Сето ова влијае на начинот на кој детето ја цени својата работа, па дури и кога ќе постигне успех, тој можеби нема да го смета за значаен затоа што не одговара на туѓите критериуми.
Затоа, некои деца можат да избегнуваат социјални контакти, за другите деца да не ги исмеваат, па ќе бегаат од секаков вид интеракција со другите. Детето може до одреден степен да се дистанцира од своите родители затоа што чувствува како да не се задоволни од него, па ќе разбуди чувство на несигурност, ќе ја изгуби довербата и ќе се обиде да се дистанцира.
Во некои случаи, ова поттикнува ривалство, па дури и агресивно однесување кон врсниците или кон браќата и сестрите со кои детето често се споредува.
Позитивниот пристап ја менува ситуацијата
Ценете го секој напор, па дури и минималниот напредок, иако е само за неколку поени подобар од претходниот резултат. Ова ќе го охрабри детето да напредува и ќе ја зголеми неговата самодоверба. Научете го дека не е срамота да побара помош кога му треба и дека тоа не е одраз на слабост и незнаење. Пофалете ја неговата предност и не поставувајте нереални очекувања. Кога ќе се појави неуспех, не дозволувајте да се чувствува како да ги изневерил вашите очекувања во кој било момент. Нека ги следи своите интереси и бидете сигурни дека ако се спореди со себеси и го види својот напредок од порано и сега, тој ќе ги надмине и вашите и своите очекувања.
Фото: Pexels