Зад прашањето: „Како да го мотивирам детето?“, всушност, често се крие прашањето: „Како да ги натерам да прават онака како што јас мислам дека треба?“
Охрабрувањето е клучот за мотивацијата. Можете да охрабрите тинејџер на многу начини, не само преку: „Браво, ти можеш да го направиш тоа!“ и „Секоја чест!“, што не значи дека никогаш нема да ги користите овие реченици.
Па, како, тогаш, да го поттикнете тинејџерот?
Прво запрашајте се: Дали сте мотивирани да се активирате кога не се чувствувате добро? Или, ако честопати добивате критики?
Така е, не сме расположени за работа и акција кога ни се чини дека ништо што правиме не е доволно добро. Младите ќе се помрднат кога ќе се чувствуваат добро. Препознавањето на добро сработените работи е добар начин детето да се чувствува подобро. Кога ќе препознаете дека детето направило нешто добро, тоа се чувствува способно, чувствува дека придонесува за семејството и заедницата. Кога ќе видите дека му е разнишана самодовербата, престанете да критикувате и свесно поставете си задача да ги препознаете тие мали успеси, работи кои можеби и сте ги подразбирале. На пример: ви се допаднал составот што детето го напишало. Можеби ќе прашате: „Како дојде до идеја да напишеш толку убав состав? Ми се допаднаа тие и тие делови… „Или, детето тргнало на училиште на време иако често доцни: „Морам да забележам дека добро си се организирал и дека си завршил сè на време! Како успеа во тоа?“
Ова исто така важи и за оние помалите, но особено за тинејџерите, кои честопати добиваат критики, приговори и поплаки поради лошо однесување или резултати. Во текот на неделата, побарајте начини да им покажете на вашите деца колку се единствени, што цените кај нив… Бидете љубопитни. Откријте дали има нешто што би сакале другите луѓе да го забележат кај нив, а потоа имате задача токму тоа да го препознаете во однесувањето и да му укажете за истото на детето.
Хуморот како кец во ракавот
Јас разбирам, тие не се во право и треба да ја научат лекцијата. Сепак, сите грешиме. Не мора секогаш да критикуваме, понекогаш е подобро да искоментираме на шега. Ако ќерката ги скратила шишките кришум, можеме да се пошегуваме: „Па зошто не кажа дека сакаш да бидеш фризерка? Ќе ти платиме курс!“
Договор куќа гради
Да се направи договор е една верзија на давање и земање, концепт што им дава на тинејџерите чувство на правичност и логика.
Бидејќи тинејџерите можат да бидат толку егоцентрични и да очекуваат светот да се врти околу нив, склучувањето договор може да ги мотивира тинејџерите кога сè друго нема да успее.
На пример: Ако една ќерка сака нејзината гардероба да биде чиста, нејзината задача е да ја стави нејзината валкана гардероба во корпата за валкани алишта.
Ако ѝ требаат пари за нешто што навистина го сака, можете да предложите, на пример: „Секогаш кога ќе земеш ужина од дома наместо да ја купуваш, можеш да ги одвоиш тие пари за…“
Побарајте од нив и тие да предложат договори
Тинејџерите сакаат да знаат ЗОШТО
Тинејџерите честопати се сомневаат во авторитетот. Тие се прашуваат зошто прават нешто, зошто е важно. Тие бараат логика и значење.
Една мајка вели: „Научив да функционирам најдобро со Тара кога ќе ѝ ја објаснам користа од добрата работа/трудот. Ја користам секоја можност да ѝ укажам. Кога ќе научи нешто ново, јас ќе ја однесам на следното ниво со повеќе информации, а потоа ќе посочам што може да ѝ биде кул во учењето“.
Ова е добар начин да му се пристапи на тинејџерот на ненаметлив начин. На пример: Кога ќе научат за планетите, можете да ги заинтересирате велејќи дека некои луѓе веруваат дека има многу повеќе планети и да им го објасните тој став. Потоа обидете се да им помогнете да го формираат својот став. „Што мислиш, дали има друга галаксија освен нашата? Зошто?“
Понекогаш им е потребно да им помогнеме да ја поделат задачата што им се чини многу тешка на неколку помали задачи. На пример: Ако имаат за читање 100 страници и имаат рок, колку треба да читаат секојдневно, за да стигнат на време. Дополнително, дискутирањето за книгата може да ја направи таа задача позабавна. Секако, ако чекаат два дена пред истекот на крајниот рок за да започнат со читање, веројатно ќе ве замолат да го оправдате нивното отсуство од училиште тој ден.
Семејни средби
Воведете семејни состаноци за време на кои можете да ја користите следната техника во четири чекори за решавање на вообичаени проблеми:
1. Тинејџерот ги споделува своите прашања / проблеми и цели.
2. Родителот ги споделува своите прашања / проблеми и цели.
3. Ако целите на тинејџерот и родителите се премногу спротивни, тогаш се прави брејнсторминг или „бура од идеи“ каде родителите и детето ги даваат своите предлози и опции за тоа како да се постигне компромис.
4. Тинејџерите и родителите ја избираат опцијата што е за нив во ред и ја испробуваат накратко.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pixabay