Нашата соговорничка Александра Николовска живее во Радовиш. Има семејство, сопруг и две деца, шестгодишна ќерка и седуммесечно синче и работа што ја сака.
Работи од дома, а своите производи ги продава – онлајн.
Александра е моден дизајнер, факултетот за моден дизајн го завршила во Бугарија. Има настапувано на модни ревии во рамки на факултетот и цртала модни илустрации за повеќе колекции.
„Лубовта кон креативноста ја имам од мали нозе, па затоа и моето образование продолжи во таа насока. Уште од мала почнав да кројам и да шијам, најпрвин гардероба за кукли, а подоцна и за себе. Мајка ми ме учеше да шијам на машина за шиење и од таму ми се роди желбата подоцна да се запишам на факултетот за моден дизајн во Бугарија. Сега, како мајка на две прекрасни деца, Николија која има 6 години и Павел – 7 месеци, имам голема инспирација да правам уникатна детска гардероба. Најголема инспирација ми е, секако, ќерка ми.
Освен облека, се занимавам и со други рачни изработки. Започнав со цртање на маици со текстилните бои на Marabu. Имам изработено колекција од најразлични материјали (фустани, блузи, здолништа), исто така исцртани со текстилните бои. Изработувам уникатни перници и навлаки со текстилни бои, а од неодамна започнав и со цртање на чаши со бои за порцелан, како и до изработка на 3Д фигури со полимерна глина аплицирани на шолји. Од полимерната глина изработувам и накит.
Обично околу празници имам повеќе работа, но во текот на пандемискиов период, како и кај сите и кај мене е намалена работата. На пример, порано имав доста нарачки за цртани маици кои ги купуваа најчесто како подароци за родендендени, ама сега родендени поретко се слават и намалена е и мојата работа“, раскажува Александра.
Своите производи таа ги пласира на интернет, најмногу на Фејсбук и Инстаграм, и во договор со клиентот се договара за изработката, се разбира, со помош и идеи од нејзина страна.
„Од пандемијата се засегнати доста креативци, па така и јас, меѓутоа, секогаш има луѓе кои сакат да изненадат некого со некое уникатно парче. Затоа што кога купувате рачна изработка, купувате повеќе од предмет. Купувате обиди и неуспеси, денови, недели и месеци работа, не купувате предмет, туку дел од срцето и душата на мајсторот. Затоа мојата желба е да се ценат повеќе рачните изработки“, порачува таа.
Вели дека продажбата на интернет има голем број предности затоа што вашите производи можете да ги покажете и да им ги презентирате на различни платформи на интернет на поголем број луѓе. Токму благодарение на онлајн продажбата, таа успева да ги обезбеди и потребните материјали, па и самата боите со кои работи и кои не можат да се најдат во нејзиниот град, ги нарачува преку интернет.
Производството го работи исклучиво сама, но има голема подршка од сопругот и од двете баби. Вели дека, иако е мајка на две малолетни деца, наоѓа време да биде и мајка и сопруга, но и деловна жена.
„Успевам да им се посветам и на децата и на работата, па така преку ден сум мајка и сопруга, а навечер сум креативна и деловна жена“, се смее Александра.
Смета дека руралното женско лоби кое делува во рамките на Руралната коалиција, има благородна цел.
„За да бидете видливи и препознатливи најпрво треба некој да ги увиди и препознае вашите услуги или производите кои им ги нудите на клиентите. Со посредство на руралната коалиција и проектот за електронскиот женски пазар, жената добива можност да биде препознаена на пазарот на трудот. Онлајн платформата за рурален пазар ни нуди можности да допреме до клиенти не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Исто така, благодарение на осмомартовската активност која беше организирана преку проектот на Руралната коалиција годинава, ние, жените-производители добивме можност да се запознаеме едни со други преку нашите изработки на регионално и национално ниво“, вели Александра.