Сите мајки ширум светот имаат една заедничка работа, а тоа е да направат се што е во нивна моќ да го промовираат растот и развојот на своето дете и токму затоа многу од нив ширум светот им пуштаат на своите деца класична музика затоа што слушнале дека тоа ќе го направи нивното бебе попаметно.
Иако не постојат конкретни докази дека класичната музика влијае на развојот на мозокот кај децата, постојат бесконечни докази за тоа како музиката воопшто, вклучително и популарната музика, може да влијае на развојот на децата и зошто треба да и пуштате разни жанрови на музика уште од најрана возраст.
Музиката е одличен извор на забава и стимулација, а слушањето музика заедно со децата може да доведе до создавање на посебна врска. Сепак, тешко дека било кој вид музика ќе го направи вашето дете генијалец преку ноќ, но не пропуштајте да го запознаете вашето бебе со музика од првите денови по раѓањето.
Слушање музика во матката
Фетусот развива способност да слуша околу петтиот месец од бременоста, а потоа станува свесен за звуците надвор од матката. Многумина веруваат дека слушањето музика за време на бременоста, особено класичната, влијае на интелектуалниот развој на фетусот.
Истражувањата покажаа дека новородените бебиња ја препознаваат музиката што ја слушале додека биле во утробата на мајката и дека бебињата во матката се движат и дишат во согласност со музиката, и ова се зема како доказ за напредокот на когнитивниот развој што настанал уште за време на бременоста.
Сепак, секогаш постои простор за дискусија на оваа тема меѓу научниците, така што многу студии тврдат дека нема врска помеѓу пренаталното изложување на музика и интелигенцијата.
Од друга страна, никој не може да тврди дека стимулирањето на фетусот со музика може да биде лошо во која било смисла и да има негативно влијание, без разлика дали ставате слушалки на стомакот или го држите радиото на ниво на стомакот. Сè на што треба да обрнете внимание е музиката што му ја пуштате на вашето бебе да не е гласна, да биде нежна, смирувачка и да не пуштате музика повеќе од еден час во текот на денот.
Моцартов ефект
Моцартовиот ефект станал познат по истражувањето спроведено над студенти во 1993 година на Универзитетот во Калифорнија. Имено, Моцартовата соната им се пуштала на студентите пред и по завршувањето на испитот, а нивниот успех бил следен. Резултатите покажале дека студентите кои го слушале Моцарт пред испитот имале подобри резултати од студентите кои пред испитот не слушале ништо или слушале друг вид музика. Иако ова истражување покажало одредено подобрување на студентската интелигенција по слушањето на Моцартовата сона, овој ефект никогаш не бил тестиран врз деца или бебиња, но мајките ширум светот почнале да им пуштаат класична музика на нивните неродени или новородени бебиња.
И покрај недоследноста на доказите за ова истражување, многумина дошле до заклучок дека слушањето класична музика од најраниот период од животот може да ги подобри математичките способности. Како доказ за оваа теза, се наведува дека областа на мозокот задолжена за сметање е многу близу до центарот за музика и развој, но за жал ниту за оваа теза нема валиден доказ.
Иако слушањето на ниту еден вид музика нема да го направи вашето дете генијалец, факт е дека тоа на некој начин ќе го поттикне развојот и е многу подобра стимулација, на пример, од телевизијата. Од друга страна, за секое дете, комуникацијата со родителите е апсолутно најдобрата форма на стимулација, затоа ставете го вашето омилено ЦД и танцувајте со вашето бебе и пејте на глас.
Фото: Pixabay